Актуелно

Горан Теменугов: Граѓаните...

11 дек 2018

Не постојат 10, туку 11 Божји заповеди, а последната е: „Еднаш донесен Детален урбанистички план, не се менува со човечка, туку единствено со Божја волја“.

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Во духот на претстојните новогодишни празници, овие редови ќе бидат весели. Оптимистични. Со верба дека ако станеме дел од НАТО и од ЕУ, ќе потече мед и млеко, дури и „Фејсбук“ и „Гугл“ ќе инвестираат во Македонија. Нема ништо порадосно за новинар кој 24 години ги следи состојбите во државата, од кои 20 и во економијата, конечно да добие потврда дека сме библиска земја. И тоа не новозаветна, туку онака, од времето на Мојсеј и неговите десет заповеди изделкани во камен. Најновите истражувања на нашите политичари – теолози – археолози открија дека не биле 10, туку 11 Божји заповеди. Оваа последна што е најважна вели: „Еднаш донесен Детален урбанистички план, не се менува со човечка, туку единствено со Божја волја“.

Вака во камен напишаната заповед, според која живееме пред сè ние во Скопје, јасно ни кажува дека што и да се прави, сите ДУП-ови во оваа држава не може, но и не смее да се сменат. Оти не е проблем да се менува Уставот, не е проблем да се менуваат даночни и економски политики, не е проблем делумна амнестија за помагачите на обидот за државен удар, но е страшен, апокалиптичен проблем да се промени едно планирање на просторот.

А тој урбан простор повторно се разубавува. Повторно ќе се облагороди со шеесеткатници во самото централно градско јадро. На простор кој и вака е тотално разубавен и еколошки пријатен со бетон и со згради, ќе добиеме нов квалитет на урбаното живеење.

И дефинитивно треба да се случи ова. Дефинитивно треба еден од инвеститорите, Македонската православна црква, да го истера овој проект докрај. Треба заедно со другиот коинвеститор да ги изградат овие објекти бидејќи така најјасно ќе се примени Божјата волја и неговата 11. заповед.

Не е проблем да се менува Уставот, 
не е проблем да се менуваат даночни и економски политики, 
не е проблем делумна амнестија за помагачите на обидот за државен удар, 
но е страшен, апокалиптичен проблем да се промени едно планирање на просторот.
 

Само со овие градби ќе се стави до знаење дека во Македонија има нешто константно, нешто што не може да се промени на кој како ќе му текне и дека ние сме богобојазливи, а со тоа на добар пат да завршиме во рајските дворови.

Е сега што кај свети Петар ќе се јавиме порано поради загадениот воздух оти Скопје е меѓу најзагадените градови во светот, тоа и не треба да нè загрижува. Напротив, треба да нè радува. Важно е дека кога ќе заминеме од овој свет поради болестите од загадениот воздух, а на децата ќе им ги оставиме сите последици од Божјата непроменлива волја искажана во 11. заповед, ќе бидеме со амин на МПЦ и на нашите политичари кои додека се во опозиција, се против градежната мафија, против загадувањето и знаат како да се борат против него, но кога ќе дојдат на власт, ја откриваат најновата, уникатна заповед и ништо не преземаат.

А со ваков двоен благослов од посредниците со Бога и од земските наши политички божиња, задоволство е да се закачи некое белодробно заболување и да се отиде од овој свет.

Затоа, никако за нас, граѓаните, кои постојано нешто сме незадоволни од секоја власт, политичарите не би смееле да градат политики во кои ние би им биле во центарот на грижата. Мора јасно да се побуниме и да побараме од нашите општински советници, градоначалници, пратеници, министри и премиер НИКАКО да не се става мораториум за изградба. Мора да се побуниме ако при некој ваков мораториум се побара ревизија на сите ДУП-ови и мора да дигнеме револуција ако решат политичарите додека се сопрени изградбите, да се направат урбанистички студии со кои ќе се утврди фактичката состојба како градбите ќе влијаат врз понатамошното загадување, како ако се испланира некоја зелена површина ќе влијае врз нагрдувањето на бетонската идила и каде и што смее да се гради во иднина. Мора да ставиме до знаење дека идејата на политичарите по секоја цена да работат на подобрување на здравјето и на условите за живот на граѓаните е страшно лоша и дека НИКАКО не смее да се прекрши 11. заповед.

Затоа мора во нашите пораки до политичарите, до властите да бидеме многу јасни дека не треба да се грижат за нас, бидејќи тие имаат повозвишени, поважни работи од нас, гласачите, кои им ја даваме довербата да го спроведат тоа што мислиме дека е во наш интерес.

П.С. За градежниот инвеститор МПЦ, секој нека си донесе свој заклучок. Тие ни се оставени во наследство и не можеме да влијаеме врз избори.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...