Работење

Антонио Зрилиќ: Баланс меѓу ризикот и трошоците

06 сеп 2019

Целта на примената на оваа класификација е воспоставување делотворен (оптимален) состав на набавно, продажно и складишно работење. Причината е намалување на ризикот од stockout и намалување на трошоците за резервите, набавката и складирањето, што е една од темелните цели на логистиката.

 Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“

Низ неколку продолжетоци се обидуваме да одговориме на прашањето: како подобро да управуваме со залихите. Во претходните текстови во кои зборувавме за анализата на залихите нагласивме дека само доколку направиме анализа XYZ, може да дадеме поцелосна интерпретација на добиените резултати од анализата ABC, бидејќи тогаш ќе биде опфатена и другата димензија. Таа друга димензија е варијабилност на побарувачката на одредени производи и нивното групирање. Потоа, со вкрстена анализа ABC/XYZ  се добива матрица со девет групи производи на кои потоа им се пристапува индивидуално и се одредува стратегија за набавка и складирање за секоја од нив.

Анализа XYZ по категории

Не смееме да заборавиме дека анализата ABC е базична техника за управување со синџирот за набавка и е примарна техника за анализа и управување со резервите. Меѓутоа, анализата XYZ ни овозможува да го направиме и следниот чекор во анализата на залихите. Тоа е секундарна анализа која ни дава информации за стабилноста на побарувачката за некои производи и се спроведува со групирање на производите, повторно во три групи, X, Y и Z, но со примена на критериумот варијабилност на побарувачката во однос на просечната побарувачка. Мерење на варијабилност на продажбата се врши со т.н. коефициент на варијација, кој се пресметува така што се става во однос на отстапувањето од просекот (стандардна девијација) и просечна продажба (аритметичка средина).

Анализата XYZ е метод кој опфаќа и друга димензија на производи, а тоа е варијабилност на побарувачката на одредени производи. Целта на примената на оваа класификација како и кај анализата ABC која ја направивме во претходните текстови во InStore е воспоставување делотворен (оптимален) состав на набавно, продажно и складишно работење. Причината е намалување на ризикот од stockout и намалување на трошоците за залихите, набавката и складирањето, што е една од темелните цели на логистиката.

Анализата XYZ е секундарна анализа која ни дава информации за стабилноста на побарувачката за некои производи со примена на критериумот варијабилност на побарувачката во однос на просечната побарувачка.

Еве неколку карактеристики на секоја од групите од оваа класификација:

Х-материјали се карактеристични по тоа што нивната продажба не се менува значително со текот на времето. Побарувачката може само незначително да флуктуира, така што прогнозата за идните побарувачи може да биде прилично точна.

Кога во една компанија ја објаснувавме класификацијата XYZ, се обидовме да најдеме пример за производите Х. Тогаш се јави директорот за продажба и рече: Јас знам кај нас кој е Х-производот. Тоа е спрејот за подмачкување VD 40! Сите се согласивме дека тоа може да биде Х-производот, што подоцна беше потврдено и од анализата. Меѓутоа, не е секогаш толку очигледно кои се тие производи што имаат мала осцилација во продажбата, па затоа е и потребно да се направи оваа анализа.

Спротивно од врежаната навика дека стоката што има стабилна побарувачка секогаш треба да ја има „доволно“ на залиха (што во превод значи да ја имаме и премногу), препорачуваме Х-материјалот секогаш да го имате онолку колку што е потребно, додека не стигне следната испорака и не е потребна голема сигурносна резерва. Друга препорака е што е можно повеќе да се автоматизира набавката на овие материјали бидејќи нема смисла на нив да се троши премногу време со оглед на тоа што веќе се стабилни.

Y-материјали - употребата на овие материјали ниту е стабилна ниту споредна, туку флуктуира произведувајќи одредени движења во продажбата и во побарувачката. Кај Y-материјалите честопати може да се следат трендовите, на пример, да се зголемува или намалува употребата за некое време или да е карактеристична сезонската флуктуација.

За овие материјали е потешко да се добие прецизна прогноза и за нив е потребно поголемо рачно следење на побарувачката и на набавката.

Z-материјали - овие материјали не се користат редовно. Користењето може многу да варира и всушност е споредно, додека во некои случаи честопати може да се разгледуваат периодите без продажба и без потрошувачка. Корисно е да се подели оваа група на производи на помали делови, па така материјалите Z да се поделат на материјали Z1 и Z2, а овие вторите се користат дури и помалку од материјалите Z1. Тоа ни овозможува да почнеме со подетални мерки за посебни критични материјали.

Карактеристика на овие производи е што преорганизирањето е тешко, така што се препорачува во прогнозирањето да се вложи повеќе време и набавката да се прави рачно, без автоматизација.

Вкрстена анализа ABC/XYZ

За да дадеме целосна интерпретација на добиените резултати во анализата ABC и XYZ, можно е, а и пожелно да се направи вкрстена анализа ABC/XYZ. Со оваа анализа се добиваат девет групи производи со карактеристики на анализите ABC и XYZ, на кои потоа им се пристапува индивидуално и се одредува стратегија за набавка и складирање за секоја од нив посебно.

Интерпретацијата на ваквата анализа може да се прикаже на табела 1, во која ја претставуваме вкрстената анализа ABC/XYZ:

Табела 1. Вкрстена анализа ABC/XYZ:

 

X

Y

Z

A

AX

AY

AZ

B

BX

BY

BZ

C

CX

CY

CZ

 

 

Така, материјалите во групите AX, AY и BX имаат среден или голем удел во вкупната вредност, стабилна потрошувачка, како и средна до голема точност во прогнозата на потребите. На овие групи треба да им се посвети големо внимание за да се постигне поповолна набавна цена и набавка со што е можно помалку резерви. Групите имаат голем потенцијал за оптимизација и препорачливо е да се синхронизира производството со доставувачите и/или да се договори JIT состав на набавка. Средната група AY, BY и CX е многу хетерогена, како во поглед на уделот во вкупната вредност на потрошувачката така и во точноста на прогнозата за потребите. На оваа група треба да ѝ се посвети нормално (средно) внимание и да се организира поединечна набавка според потребите на корисниците. На групите BZ, CY и CZ им се придава мало внимание, потребите се утврдуваат стохастички, т.е. од потреба за потреба, набавката се реализира од сопствени залихи, понекогаш се набавуваат во количества за едногодишни потреби или се препушта на доставувачот (аутсорсинг). Технологијата овозможува уште една можност која може да се користи за резервни делови кои повеќе не се произведуваат сериски, а тоа е 3Д-печатење и на тој начин не е потребно да се држат на залиха. Последната група е многу важна, не толку поради оптимизацијата на залихите колку поради оптимизацијата на асортиманот, бидејќи тој е огромен во овој сегмент.

Секоја од овие групи треба да се третира поинаку и кон секоја треба да се пристапи на посебен начин.

По реализацијата на ваквата детална анализа многу е полесно да се одредиат кои залихи ги имаме премногу, а кои можеби премалку. Токму затоа во следниот број ќе продолжиме со одредување оптимална или посакувана залиха.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...