Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Сево ова е наше!

19 фев 2019

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“

...Рече така големиот и уважен сопственик на капиталот, но не мислеше сериозно. Што и не е лошо, но добрите и вредни работници никако да почнат да го доживуваат како наше. И натаму е негово. Платите навистина се нивни. И по некое бонусче. Но, преостанатото е негово. Што е ок.

Човекот се охрабрил, ризикувал, направил бизнис. Па логично е да е негово. И дека сè (ок, поголемиот дел) оди кај него. И тоа е една прилично хармонична ситуација. Тие работат, тој купува. И така.

Проблемот настанува кога работниците ќе „сконтаат“ дека исто така можат да работат кај некој друг за малку повеќе пари. Или за чувството дека тоа навистина е наше.

Тие ќе заминат, сопственикот на капиталот (во натамошниот текст ќе го викаме Газда, полесно е) ќе се налути. Бидејќи, до бога, сè им даде, така речи од улица ги собра, им даде плата и тие си одат. Неблагодарници! Ја напуштаат својата куќа и заминуваат во туѓина! Па почнува да цитира пцости... и друга романтика. Не се прашува зошто го напуштаат, констатацијата „неблагодарници“ е доволна за мирен сон.

Проблемот настанува кога ќе си отидат повеќемина, па уште и во краток период, но и тие се неблагодарници (овие се уште и поводливи).

И така нашиот газда останува сам. И сè што тврдеше дека е наше, сега е дефинитивно само негово. А, не остана многу. Не го однесоа, само не остана никој што ќе направи тоа да расте. Да тоа наше се зголемува и се развива. Крај на приказната. Благодарам на вниманието.

 Каде згреши Газда? Сè направи добро. Ги вработи, им даде плати и пропагираше дека сè е наше. Но, тоа не го мислеше. Поточно, очекуваше да работат како да е наше, а ги наградуваше како да е негово. И се однесуваше како да е негово.

Не им ја објасни (ниту ја покажа) смислата. За што работат. Поради што. Не за плата, платата е тука колатерална штета.

Смислата е целта, тоа е идеал и за тоа се гине. И тоа е наше. А, кога се знае смислата, и кога се знае зошто, па тоа и се достигне, тогаш и награди се делат.

Просто кажано, имаме еден освестен и инвентивен Газда (ќе го наречеме Газда 2.0).

И така, доаѓа Газда 2.0 кај своите работници и им се обраќа надевајќи се на свечено расположение. И вели, ако ја сработиме оваа работа, фирмата ќе заработи милион. Од тој милион половина ѝ даваме на државата, третина на добавувачите, а тоа што ќе остане ќе го поделиме на еднакви делови. Секому по малку. Да! Го изговори тоа!

Можете да направите пауза за да се напиете вода. Бидејќи сознанието за поделба на заработката не е едноставно да се чуе. А во суштина е многу логично. Зошто?

Ако им објасните на луѓето зошто нешто треба да се направи, им давате смисла и цел. И кога има смисла, тие сигурно ќе се потрудат повеќе бидејќи знаат зошто го прават тоа што го прават. Но, ако одите чекор понатаму и им кажете дека ќе го поделите со НИВ тоа што ТИЕ го заработија за фирмата, е тогаш ќе се потрудат не само да ја достигнат, туку и да ја поминат која било цел што ќе им ја поставите.

Зошто? Бидејќи тоа е и нивно. Тие се борат за својата смисла, за својот профит, за својата фирма. Па ќе биде милион, па два, па пет, па десет милиони. И фирмата ќе расте, и профитот ќе расте, и сите ќе бидат среќни.

И ги нема тие пари и тие награди што некој друг ќе им ги понуди, а тие да ги прифатат.

Не, бидејќи таа фирма сега е нивна куќа, а од својата куќа не се заминува.