Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Кога фидбекот се доживува како лична навреда

20 дек 2017
Ова не е приказна за шефовите. Ниту за човековите права. Ниту за комуникацијата. Ова е приказна за фидбекот, кој се доживува како лична навреда. Можеби така се презентира, а можеби и така се перципира.
 

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси во „Мегамикс"

Денес е модерно да се разговара со луѓето. Да се прашаат што мислат, како се чувствуваат, дали нешто ги боли... Што мислат за „неговото височество шефот". Да се слушаат како зборуваат. Да се направи тоа да биде во опуштена атмосфера, на пример, на осамената планинска рамнинка, со црцорот на птиците и со жуборот на поточето.

Интимно и без сведоци

Една убава и идилична слика, во која се величи двонасочната комуникација, сè додека малиот не се охрабри да му каже на шефот што навистина мисли за него. Тогаш, шефот вели: Што ми кажа?! И тоа е крајот на разговорот и почеток на крајот. Или барем на агонијата што води до крајот.

И секако, „храбриот" е истакнат јавно, како пример за другите. За случајно да не се најде уште некој храбар. Бидејќи, шефовите треба да се сакаат. И за нив вработените да мислат добро. Најдобро. Дури и кога се најлоши.

Ова не е приказна за шефовите. Ниту за човековите права. Ниту за комуникацијата. Ова е приказна за фидбекот, кој се доживува како лична навреда. Можеби така се презентира, а можеби и така се перципира. И да, најчесто е упатен на членовите од тимот, кои го прифаќаат или не го прифаќаат. Понекогаш е упатен кон водачот на тимот, кој многу тешко или воопшто не го прифаќа. Некој ќе рече: Да, но сега се други времиња, тоа повеќе не е така. Се согласувам, но суетата најчесто се спротивставува на сè. И на модата, и на технолошкиот напредок.

Дружбата си е дружба, а службата е служба. Така нè учеа. Денес тоа поинаку се кажува, но пораката е иста. Кога се дружиме – се дружиме, кога работиме – да работиме! На работа сè е во врска со работата. Нема ниту место, ниту време за кревки ега и за кршливи суети. Кога зборуваме за работата, зборуваме за резултати и за цели. Како се чувствуваме во врска со работата. И со резултатите, и со целите. За тоа дека можеме подобро. Како шефот можел да ни помогне. Сè е во врска со резултатите и со целите. Тоа нема никаква врска со фризурата на шефот, кошулата на вработениот што не му се допаѓа на шефот или со најлошото – нешто не ми се допаѓа. Нема ниту миленици, ниту отпадници. Постојат само работници и неработници. За тоа зборуваме. Затоа сме тука, тоа ни е целта. Затоа се сретнавме, поради тоа и ќе се разделиме.

Сè што имаме е сегашниот момент и иднината. Зборувајте за тоа што е сега. Ако е добро, нека остане добро. Или нека стане уште подобро. Ако е лошо, нека се поправи. Или нека се промени на подобро.​ 

Треба да се зборува за добрите и за убавите работи. Да се охрабруваме и да се бодриме. Да зборуваме за проблемите и да бараме решенија. Да редиме успеси и неуспеси. Што да направиме за да станеме подобри. И едните и другите. И третите. Сèза работата што ја сакаме, во која уживаме и која ни отвора многу можности, предизвици и нови искуства. Треба да се зборува и за лошите работи. Што не ни оди. Што боли, стега и пречи. Но, да зборуваме внимателно и аргументирано, ни случајно како по шема: Хм, види го само како размислува! Секогаш само со аргументи и со конкретни примери за непосакуваното однесување. Верувајте, многумина многу добро ќе ја поднесат аргументираната критика, во која ќе видат и простор за сопствен напредок и развој.

Веќе не е ни важно кој кому ќе му упати критика, туку како ќе се упати критиката. Најмногу прашања од типот на тоа од насловот, доаѓаат токму по критика што е слична на мавтање, без аргументи. Мора да бидете конкретни, јасни, недвосмислени, да имате аргументи и конкретни примери. Мора да бидете реални, транспарентни и чесни. Дури по таква критика може да очекувате подобрување и позитивна промена, што веројатно и ќе се случи.

Мора да бидете конкретни, јасни, недвосмислени, да имате аргументи и конкретни примери. Мора да бидете реални, транспарентни и чесни.

Од друга страна, може да очекувате и контранапад. Но, не од типот на тој од насловот, туку аргументиран и со конкретни примери, кои ќе ви покажат дека можеби не сте во право. Да, и тоа е можно. Тоа не мора секогаш да биде лошо. Напротив! Можеби ќе добиете поглед од друга страна, поширока слика или поинаква перспектива. Ќе сфатите дека на нешто погрешно сте гледале, не сте размислувале за причините или едноставно – сте постапиле малку себично. Тоа може да биде многу добра лекција и чекор кон позитивна промена.

Многу е важно, додека сте во критичкиот занес, да не извлекувате како аргументи работи стари „два века" и да задавате ниски удари. Минатото е минато, таму и нека остане. Тоа е завршено време и случки на кои никако, ама баш никако не може да влијаеме. Сè што имаме е сегашниот момент и иднината. Зборувајте за тоа што е сега. Ако е добро, нека остане добро. Или нека стане уште подобро. Ако е лошо, нека се поправи. Или нека се промени на подобро. И кога ве критикуваат и кога критикувате, тоа не значи крај. Напротив, тоа е почеток – нов почеток на промените што се добри за вас и за сите околу вас.

Добро, сега вие кажете ми. Сè направивте вака, се наоружавте со аргументи и со конкретни примери. Бевте чесен и транспарентен, блажен и сталожен. А шефот пак „пошизе". Тогаш, не е до вас, до него е. Таков е каков што е, вие малку можете да направите. Освен, да побегнете. Можеби не е чесно, ниту храбро, но станува збор за опстанок.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...