Регионално

Иван Шулеиќ, генерален директор на ДИС: Силата на еден трговски синџир е во неговиот дух

30 мај 2019

Српскиот трговски синџир ДИС воведе „фини приспособувања во својата работа“ и влезе во фаза на интензивен развој, кој треба да финишира со отворање нови 19 маркети до крајот на годинава.

Разговараше: Ана Филиповиќ

Во јуни ќе се навршат 14 години откако Иван Шулеиќ е во ДИС, трговски синџир што работи во Србија. Таму дојде од агенција за маркетинг и за помалку од една година стана директор на секторот за маркетинг. Пред три години беше унапреден во комерцијален директор, а од јануари годинава е генерален директор.

Што претставува за мене работата во ДИС? Тука се чувствувам како дома. Практично, целиот работен век го поминав овде, па компанијата и работата добро ги познавам. Трговијата ја сакам затоа што мислам дека нема подинамична работа. Еднакво е важно да размислувате стратешки, но и тактички, на дневно ниво, за да ги решите сите предизвици со кои се среќавате. Секој ден е различен бидејќи различни се и предизвиците, го почнуваме разговорот со новиот генерален директор на ДИС.

Со оглед на тоа дека кажувате оти во компанијата се чувствувате како дома, што за Вас значи ова именување за генерален директор?

Во трговијата директорите на маркетинг по правило остануваат директори на маркетинг. Луѓето од комерција или од финансии се тие што обично завршуваат на местото генерален директор. Фактот дека јас сум именуван на таа позиција во ДИС значи дека сопствениците на нашата компанија оцениле дека јас сум вистинскиот човек за тоа место и сум им благодарен за тоа. Ова е круна на мојата досегашна работа и значи дека упорноста и знаењето победија и дека имаат цена. Тоа исто така покажува дека сопствениците на ДИС имаат модерни сфаќања за процесот на работењето. Длабоко сум убеден дека квалитетни луѓе од маркетингот треба да бидат повеќе вклучени во носењето одлуки во српските компании.

Донесовме одлука да ја смениме деловната политика и тоа се покажа како добар правец затоа што уследи значителен раст на продажбата.

Кои ќе бидат Вашите први одлуки?

Конкретни мерки за дополнително унапредување на секторот за човечки ресурси. Треба дополнително да ги едуцираме вработените во ДИС. Тие се нашиот највреден ресурс и треба да вложуваме во нив. Само на тој начин и може да очекуваме максимални резултати од вработените.

Со какви резултати ДИС ја заврши 2018 година?

Задоволен сум со тоа што го постигнавме. Годината зад нас беше мошне интересна. Во август ДИС донесе одлука за промена на деловната политика и тоа се покажа како добра насока оти следуваше значителен раст во продажбата. Се направи голем чекор напред. Растот е забележан во последните пет месеци од минатата година, иако бевме изложени на отежнувачки околности. Тука мислам на влегувањето на нов трговец на српскиот пазар. Со гордост можам да кажам дека трендот на раст дури и со поголем процент продолжи во јануари оваа година.

Годината ја почнавте со отворање нов објект во Белград. Колкав е вкупниот број на маркети во Вашата малопродажна мрежа и дали ќе се ширите годинава?

Оваа година планираме да влеземе во фаза на интензивен развој кој треба да доведе до значителен раст на нашиот удел на пазарот. До крајот на годинава планираме да отвориме уште 19 нови ДИС-маркети. Ќе го претставиме и нашиот нов концепт за маркети од мал формат. Начинот на изложување на стоката, понудата, услугите, сè ќе оди две скалила нагоре. Сега имаме 31 маркет, но како што реков, овој број значително ќе се зголеми до крајот на 2019 година.

Што е тоа што потрошувачите го очекуваат од маркетот во кој купуваат и колку нивните очекувања се променија во последните 10 години?

Одамна сфативме дека навиките и очекувањата на потрошувачите се менуваат многу брзо. Промените во последните 10 години се темелни. Маркетите, особено домашните, кои навреме работеа на своите малопродажни синџири, преживеаја и денес се присутни на пазарот. Потрошувачите се поедуцирани и бараат повеќе. Очекуваат квалитетен производ, да поминат „подобро“ при односот цена-квалитет, да не трошат многу време во маркетот бидејќи го ценат своето слободно време... Порано никој не читаше декларација на производ, сега повеќето читаат. Споредбата на цените е крајно поедноставена. И возрасната популација сега користи интернет, коментарите за квалитетот и за купувачкото искуство се лесно достапни. Сите овие фактори придонесоа да се променат однесувањето и очекувањата на потрошувачите.

Истражувањата покажуваат дека потрошувачите се сè помалку лојални само на еден маркет и на само еден трговец. На кој начин се борите да ги задржите?

Сè потешко е да го задржиш потрошувачот. Неговото искуство при купувањето најмногу влијае врз неговата лојалност. Процесите на иновации и вработените што го проучуваат однесувањето на потрошувачот кај нас се најважна алка. Секој ден работиме на тоа да ги подобриме параметрите што влијаат врз потрошувачкото искуство.

Какво влијание имаат хуманитарните активности и општествено одговорните проекти што ги спроведувате врз перцепцијата на потрошувачот за Вашата компанија? Дали потрошувачите Ве препознаваат и во оваа улога?

Ние не сакаме претерано да се фалиме со тоа. Важно ни е да можеме да придонесеме за нашето општество, и тоа за оние на кои помошта им е најпотребна. ДИС им помага на децата во Србија оти тие се нашата иднина. Колку сме во можност, се обидуваме од година на година да ја зголемуваме висината на средствата што ја донираме. Можат да нè контактираат установите и организациите од Србија чиј фокус се децата.

Во што се гледа силата на еден трговски синџир и дали можете да кажете дека ДИС ги исполнува тие услови?

Силата на трговскиот синџир се гледа во неговиот дух. Кога купувачот ќе влезе во нашиот маркет, треба да се чувствува добро. Да му одговараат понудата и цената, да не чека во ред на каса, вработените да се љубезни кон него... Кога тоа го зборувам, мислам да се искрено љубезни затоа што и тие се задоволни со својата работа и со условите што ги имаат во ДИС. Бидејќи луѓето се тие што го прават духот на еден трговски синџир. Тука мислам на сите, од работникот на касата до сопственикот. Тој дух ја гради силата на ДИС.

Одамна сфативме дека навиките и очекувањата на потрошувачите се менуваат многу брзо. Промените во последните 10 години се темелни.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...