Локално

Нестор Печевски: Ја земаме во свои раце контролата врз текот на стоката

15 мар 2018
Нестор Печевски, директор за логистика на „Тинекс"
 
РазговарашеНаташа Атанасоваnatasha@instore.mk

Нестор Печевски својата професионална биографија ја гради низ различни работни искуства сè до 2004 година, која се покажува како клучна година за неговата кариера. Имено, во 2004 година тој се вработува во компанијата „Тинекс". По девет години работа станува директор за логистика на „Тинекс" и е одговорен за тим од вработени што постојано се менува и расте, пропорционално со зголемувањето на обемот на работа и порастот на компанијата. Моментално, неговиот тим брои околу 40 луѓе, но овој број во периодот што доаѓа значително ќе порасне со оглед на тоа што пред него е уникатен предизвик – поставување на работата на првиот логистички центар на еден трговски синџир во Македонија. Токму најавата на новиот логистички центар на „Тинекс" ја искористивме за да поразговараме со Печевски за неговите размислувања околу промените што ќе ги донесе тој.

Во изминативе неколку години, откога сте на позицијата директор за логистика на „Тинекс", кои беа најголемите предизвици со кои се соочувавте?
 
Земајќи го предвид периодот во кој се наоѓам на позицијата директор за логистика, заедно со моите колеги и членови на тимот, се имам соочено со многу предизвици од различен карактер. Видот и тежината на овие предизвици зависеле од надворешни и од внатрешни фактори, кои биле актуелни во даден момент. Но, сепак, постојат предизвици кои имаат подолгорочен карактер и на кои постојано сме посветени, а тука, секако, би ја издвоил континуираната потреба да се одговори на потребите на пазарот, кои постојано се менуваат, и да се адаптира начинот на работење според актуелните трендови, а, сепак, да се задржат традиционалните принципи во работењето, на кои се темели нашата компанија.
 
Логистички центар на „Тинекс"
I фаза
- површина: 12.000 м2
- инвестиција: 8 милиони евра
II фаза
- површина: 10.000 м2
- инвестиција: 6 милиони евра
На 15 февруари, со конференција на која беа присутни голем број од вашите снабдувачи, беше најавен и презентиран новиот логистички центар на „Тинекс". Кога беше донесена одлуката за негова изградба и на што се базираше таа?
 
За компанија како „Тинекс", каде што логистиката и дистрибуцијата се едни од аспектите кои имаат суштинска улога во работењето, одлуката да се направи посебен логистички центар, кој во иднина треба да го претставува „мозокот" за логистика во компанијата, не е чекор што може да се донесе за еден месец или година. Оваа одлука е плод на долгогодишно планирање, креирање стратегии за развој и изнаоѓање начини за нивно остварување, како и соработка со надворешни консултанти и експерти. Официјалното започнување на изградбата на објектот беше во 2015 година, но самите почетоци на проектот датираат од поодамна.
 
Со оглед на тоа што вашата примарна дејност е трговијата, односно малопродажбата, претпоставувам дека сте ангажирале консултанти при реализирањето на новиот проект. Кои луѓе и/или компании Ви помогнаа и на кој начин?
 
Да се биде во тек со актуелните трендови и промени во бизнисот и економијата претставува важна цел на која треба да се фокусира секоја компанија за да остане конкурентна и успешна. „Тинекс" континуирано ја негува традицијата за професионална соработка со различни поединци или компании кои се спремни да го споделат своето експертско знаење со компании што се желни за напредок. Иако имаме повеќе долгогодишни соработници, како соработник кој имаше позначајна улога за проектот ќе го споменам господинот Пиетер Вос од Холандија. Пиетер инаку работел како логистички менаџер и консултант на водечки компании во многу земји, како што се „Метро", „Шпар", „Теско", „Ахолд", „Фози груп", „Плус Дисконт", „Проктер & Гембл" итн., па затоа неговата експертиза во малопродажбата и во логистиката најде примена и кај нас. 
 
Можете ли да ни кажете повеќе детали за самиот логистички центар?
 
Центарот се наоѓа во индустриската зона Чојлија, во општината Петровец, и претставува инвестиција вредна 8 милиони евра. Засега е завршена првата фаза од проектот на 12.000 квадратни метри магацински простор и галерија. Во втората фаза од проектот е планирано да се изградат уште 10.000 квадратни метри, со што се очекува да бидат вложени уште 6 милиони евра. Со овој капитален објект „Тинекс" стана  првиот синџир на супермаркети во Македонија што располага со современ логистичко-дистрибутивен центар. За да ја обезбедиме најдобрата можна услуга, во центарот го имплементиравме еден од најсофистицираните компјутерски и логистички софтвери во моментот, т.н. G.O.L.D софтвер.
 
На конференцијата кажавте дека планот е 90% од целокупната достава во вашите маркети да се остварува преку вашиот дистрибутивен центар. До каде сте со подготовките и со комплетирањето на тимот? Кога се очекува центарот да почне со работа?
 
Логистичкиот центар од неодамна почна со работа. Секако, активностите сè уште се на почеток и центарот не работи со сиот свој капацитет и можности. Со цел да се задржи континуитетот во работењето и да се извршуваат сите тековни активности без поголем застој или прекини, процесот на започнување на работа на логистичкиот центар го поделивме во неколку фази. На тој начин постепено ќе се изврши преминот кон новиот начин на функционирање. Засега, логистичкиот центар работи со околу 20% од својот капацитет, но се очекува овој процент за неколку месеци двојно да се зголеми. Пропорционално со зголемувањето на обемот на работа ќе се зголемува и бројот на вработени во логистичкиот центар.
 
Логистичкиот центар од неодамна почна со работа. Секако, активностите сè уште се на почеток и центарот работи со околу 20% од својот капацитет, но се очекува овој процент за неколку месеци двојно да се зголеми.
 
Какви се првичните реакции на вашите снабдувачи, кои досега сами доставуваа до секој од вашите маркети? 
 
Софтверот за работа WMS, кој ќе се применува во логистичкиот центар, е преземен од страна на нашата компанија со цел да им ја олесни работата на сите учесници во дистрибуцијата. Тој носи предности и за двете страни – и за нас како компанија, но и за нашите партнери, снабдувачи. Затоа, беше сосема очекувано што првичните реакции на нашите соработници и колеги беа позитивни и прифатени со голема поддршка. Оставам времето да покаже бидејќи е сè уште рано да донесеме генерални заклучоци за импресиите и ефектите од целиот проект.
 
Што очекувате, кои би биле најголемите придобивки за вас од централниот логистички центар?
 
Сегашниот модел за дистрибуција и логистика носи низа недостатоци, како помала контрола на текот на стоката, помала контрола на трошоци и загуба на пари, слаба контрола на квалитет и квантитет на испорака, слабости при комуникација со снабдувачите, поради големиот број конекции и, најважно од сè, големо количество на залиха на производи, што директно значи загуба на пари. 
 

Со централизираниот логистички пристап во дистрибуцијата се решаваат или барем се намалуваат овие и други проблеми и се отвораат нови решенија кои нудат промени во стереотипите за малопродажбата. Дополнително се зголемува продажниот простор во маркетите, се подобрува ликвидноста во дистрибуцијата и работењето и се овозможува подобро следење на резултатите и перформансите. Сите овие предности  придонесуваат да се зголемат ефикасноста и ефективноста во работењето на системот на снабдување, логистика и дистрибуција.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...