Анализи

ЛЗ ритеалитикс: Прогнози за развој на е-трговијата до 2024 година

19 мар 2019

На европската сцена на е-трговија со прехранбени производи доминираат трговците што работат преку повеќе канали на продажба.

Пишува: Лиса Бајфилд-Грин, сениор малопродажен аналитичар во „ЛЗ ритеалитикс“

Петгодишната прогноза на „ЛЗ ритеалитикс“ покажува дека и во периодот што следува на пазарот на интернет-трговијата со прехранбени производи ќе доминираат Велика Британија и Франција, со лидери што работат преку различни канали на продажба. Голем број од тие трговски лидери се потпираат на тоа дека преку е-каналот би можеле да го надоместат послабиот пораст.

Успехот во голема мера е предводен од трговските гиганти што работат преку повеќе канали на продажба во Велика Британија и во Франција. „Окадо“ е единствениот трговец на оваа листа што работи само преку еден канал. И покрај лансирањето на платформите Amazon Fresh и Prime Now во Европа, прогнозите сè уште не се дека банерите на „Амазон“ за прехранбени производи ќе влезат на листата со топ-10 е-трговци со овој вид производи.

Сепак, тоа би можело да биде разочарувачко за „Амазон“. Иако прогнозите велат дека до 2024 година овој трговец ќе биде на третата позиција во Европа според продажбата на непрехранбени производи, сепак, неговите банери посветени на продажбата на прехранбени производи, како што се Amazon Fresh и Prime Now, нема да забележат толку значајни резултати за да може да се вброи меѓу најдобрите 10 интернет-трговци за продажба на овој вид производи.

Во текот на следните пет години се очекува онлајн-продажбата да напредува во рамките на пејзажот продажби преку повеќе канали, кај трговците што ќе продолжат да им служат на потрошувачите со комбинација на домашната достава и услугите „клик & колект“.

Во секој случај, повеќе не очекуваме дека ќе видиме двоцифрен пораст како во претходните години, со оглед на созревањето на интернет-продажбата на прехранбени производи и намалувањето на инвестициите на трговците за привлекување купувачи во овој поскап канал.

Сепак, постои еден начин на кој пазарите би можеле значајно да се променат. Тоа би се случило доколку „Амазон“ преземе некој европски трговец со прехранбени производи. Сметаме дека токму тоа сценарио е многу веројатно и лесно остварливо, што ќе му овозможи на е-гигантот да создаде модел сличен на американскиот. Преку банерот Prime Now трговецот е веќе активен во 60 американски града, а преку продавниците „Хол фудс“ и директно ги опслужува потрошувачите.