Анализи

ЛЗ ритеалитикс: Германските синџири дрогерии ја освојуваат Европа

17 дек 2018

Кога станува збор за експанзија, се чини дека германските трговци се движат кон исток. На запад од матичниот пазар ниту еден од овие играчи досега не пуштил корени.

Пишува: Фрауке Фор дем Берге, малопродажен аналитичар во „ЛЗ ритеалитикс

На крајот од септември германскиот синџир дрогерии „Росман“ влезе во Косово, неговиот шести странски пазар. Како што германскиот пазар за производи за здравје и убавина станува сè позаситен, германските специјализирани трговци можностите за пораст ги бараат надвор од границите. Податоците за продажбата на мало покажуваат дека изворот на поголемиот дел од профитот полека, но постојано се поместува од домашниот кон странските пазари.

Кога станува збор за експанзија, се чини дека германските трговци се движат кон исток. На запад од матичниот пазар ниту еден од овие играчи досега не пуштил корени. Една од причините за тоа е што концептот на германските дрогерии не е толку чест на Запад, а освен тоа, и пазарите се доста заситени.

Тековната сатурација на германскиот пазар најверојатно ќе доведе до зголемена пенетрација на нови пазари, дури и на локации што се чини дека се особено предизвикувачки. За проширување на работењето во странство, градењето и одржувањето на базата на лојални купувачи ќе бидат од суштинско значење за балансирање со намалените можности за пораст на германскиот пазар. Континуираното развивање и приспособување на асортиманот им помага на специјализираните трговци постојано да бидат во чекор со новите трендови и барања на потрошувачите.

Тековната сатурација на германскиот пазар најверојатно ќе доведе до зголемена пенетрација на нови пазари, дури и на локации што се чини дека се особено предизвикувачки.

Неодамнешниот влез на германскиот синџир дрогерии „Росман“ на косовскиот пазар беше официјализиран со отворањето на првата продавница од 450 квадратни метри, која се снабдува од Албанија. Оваа стратегија за снабдување од соседната земја е во согласност со досегашната практика на косовските потрошувачи да купуваат во Албанија. Засега германскиот трговец број два нема причина да се плаши од dm, неговиот најсилен конкурент. Иако dm е присутен во Србија, во Косово нема продавници.

Германскиот пазар станува сè позаситен

Германските синџири дрогерии бараат можности за пораст надвор од границите бидејќи германскиот пазар на производи за здравје и убавина станува сè позаситен. За зголемување на нивото на продажбата веќе неколку години се забележува трендот на премиумизација на продавниците, но продажбата на мало во последните четири години и прогнозите покажуваат дека фокусот полека, но сигурно се поместува кон влезот на нови европски пазари и интензивирање на напорите на веќе постојните.

Во трката за проширување и освојување нови пазари, германските синџири дрогерии мора да се погрижат и да не го изгубат фокусот на домашниот пазар.

Германските синџири дрогерии на странските пазари се натпреваруваат главно со своите конкуренти од матичниот пазар. Постојат само неколку пазари каде што dm, „Росман“ и „Милер“ се борат со конкуренција од други синџири дрогерии.

Освојување нови пазари

Сатурацијата на германскиот пазар и потребата да се генерира понатамошен пораст најверојатно ќе доведат до влез на нови пазари. Се чини дека синџирите дрогерии стануваат посмели сега кога достигнале големина што им дава соодветна основа за експериментирање. Во секој случај, пред нив претстои многу повеќе работа отколку само влез на нови пазари.

Градењето и одржувањето на базата на лојални купувачи ќе бидат клучни за понатамошниот развој на странските пазари. Сепак, во трката за проширување и освојување нови пазари германските синџири дрогерии мора да се погрижат и да не го изгубат фокусот на домашниот пазар. На крајот на краиштата, тој е основата за нивниот успех.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...