Анализи

ИГД: Сегментот „храна за носење“ во големите маркети

12 ное 2018

Реосмислувањето на големите формати продавници во моментов е главен фокус на многу трговци на глобално ниво.

Автори: Гавин Ротвел, менаџер за анализа на сегментот „храна за носење“, и Хариет Коен, сениор аналитичар за малопродажба, ИГД

Голем дел од малопродажните трговци го идентификуваа сегментот „храна за носење“ и воопшто зголемувањето на услугите со храна како клучна можност да се задржат потрошувачите подолго време во продавницата, да се привлечат нови и да се продлабочат односите со тие што веќе ја посетуваат продавницата.

Сепак, оперирањето со квалитетна „храна за носење“ и со квалитетни решенија за други услуги со храна не е едноставно. Во продолжение се прикажани шест од продавниците со најдобри практики што ги посети тимот на ИГД.

„Хол фудс“, Брајант парк (Њујорк, САД)

За многумина „Хол фудс“ е едно од првите имиња што ќе им падне на ум кога ќе помислат на малопродажен трговец што се истакнува со сегментот „храна за носење“. Фокусот на иновациите и на сцената во продавницата помага да се создаде вистинска средина, на која ѝ претходи екстензивна подготовка што ќе ја истакнува свежината на понудата. Маркетите „Хол фудс“ веќе одамна се дестинации за „храна за носење“, со големи витрини за самопослужување, ротирачки понуди и силен фокус на услугата. Сепак, најновиот „Хол фудс“ во Њујорк го издигнува концептот „храна за носење“ на едно скалило погоре, дополнувајќи го искуството на потрошувачот со современиот изглед и чувство во продавницата. Енергијата на големиот покриен пазар се чувствува во сите делови на продавницата. Храната во понудата, амбиентот на продавницата, начинот на плаќање... – сето тоа совршено се вклопува во локалните предлози, со печат на Менхетн.

„Фарм бој“, Етобико (Торонто, Канада)

Опишан како хибрид од „Трејдер Џо“ и „Хол фудс“, „Фарм бој“ со седиште во Отава е еден од трговците што најбргу се шират во последниве години во Канада. „Момчето од фармата“ го зголеми бројот на продавници на 26 во текот на последните пет години, издвојувајќи се од ниша-позицијата на пазарот. Пред два месеци вториот по големина трговец во Канада, „Собис“, објави дека ги исполнил условите за аквизиција со „Фарм бој“, што очекуваме дека ќе му даде дополнителен поттик за експанзија.

Дизајнот на продавницата го оживува слоганот на „Фарм бој“ – „Сè е во врска со храната!“ (It’s all about the food!). Од 70 до 80% од просторот се посветени на свежата и приготвената храна, а бифе-линијата „Фарм бој кичн“ зафаќа околу половина од просторот во продавница. Во линијата се вклучени услужните пултови и витрини за готови оброци со месо, риба и зеленчук, како и салати, супи, пица, суши, панини и различни видови сендвичи (со состојки по избор на потрошувачот).

„Њу сизонс“, Балард (Сиетл, САД)

Најновиот концепт на „Њу сизонс“ го издигнува сегментот „храна за носење“ на ново, повисоко ниво. Тоа е продавница која се чини дека е изградена во партнерство со локалните доставувачи на овој малопродажен трговец, кој потекнува од Портланд. Освен тоа, 10% од добивката на „Њу сизонс“ е наменета за локалната заедница. Сиетл е колепка на бројни одлични формати, и во малопродажбата и поширокиот сегмент за услуга на храна. Задругата ПЦЦ и „Метрополитен маркет“ исто така прават одличен спој меѓу трговијата и доставувачите. Сепак, силата на услугата во „Њу сизонс“, како и опсегот на понудениот асортиман, ја прави оваа продавница извонредна. Обврската кон локалните извори е истакната низ целата продавница, а понудата на „храна за носење“ е дополнета и со бар, специјализиран за локални пива. Во срцето на продавницата има пространа површина за седење, која се проширува и надвор од објектот кога временските услови го дозволуваат тоа.

„Супервалју“, Мершант Ки (Корк, Ирска)

Тимот на ИГД не е инспириран само од продавниците во Северна Америка. Ирската компанија за големопродажба „Мусгрејв“ е бизнис кој заслужува голема почит за својата понуда „храна за носење“, а неговите мали продавници во соседството „Центра“ и маркетите „Супервалју“ имаат понуди што импресионираат. Маркетите во Гланмајр и на Мершант Ки во Корк имаат и широчина и длабочина на асортиманот, кој ги комбинира централизираните можности на „Мусгрејв“ со извонредноста на локалниот трговец.

Во Мершант Ки, комбинацијата на различни пултови за „храна за носење“ мошне ефикасно ги задоволува потребите на гладните работници за ручек. Големиот избор вклучува топли оброци, салати (со состојки по избор на потрошувачот), панини и пици, како и сопствениот бренд кафе Frank & Honest. Фокусот на трговецот е на врвната услуга, која ги истакнува локалните предности, а за тие што имаат помалку време, се практикуваат решенијата „grab-and-go“ (земи и  носи).

„Џамбо фудмаркт“ (Утрехт, Холандија)

Ова можеби е најдобриот пример во Европа за тоа како во една трговска компанија на најдобар можен начин се поврзани малопродажбата и услугата со храна. Попрецизно, тука се споени искуствата и знаењата на синџирот ресторани „Ла плејс“, кој од неодамна е во сопственост на „Џамбо“, со веќе впечатливата понуда на „Џамбо фудмаркт“.

Тој спој на малопродажбата и на услугата ја издигнува понудата на „храна за носење“ и ѝ носи нов, поспецијализиран асортиман, кој ги вклучува хавајскиот специјалитет поке и тајванскиот гуа бао, а истовремено додава и нова оперативна способност во просторот. Атрактивниот дел за седење, со поглед кон предната страна на зградата, има природна светлина. Позиционираноста на демонстративна кујна, на средината во тој простор, овозможува организација на голем број настани поврзани со храна.

„Веитрос“, Гранари сквер (Лондон, Велика Британија)

Ова е продавница што се истакнува поради флексибилноста кон пригодите и начинот на консумација на храната што ја служи. Освен главниот пулт за „храна за носење“, различните пултови за џусови, вино и закуски, интегрираното кулинарско училиште и сл., претставуваат една нова вредност за целокупното искуство на купувачот, го поттикнуваат да се задржи подолго време во продавницата и го охрабруваат да проба нови начини на консумација на храната. Покрај тоа, за да им излезе во пресрет на различните целни групи и потреби на купувачите, вклучувајќи ги и вегетаријанските и безглутенските опции, „Веитрос“ се фокусира и на развој на асортиманот „grab-and-go“.

Проширувањето на асортиманот на сегментот „храна за подоцна“ е добро приспособено во поголемите формати и е насочено кон исполнување на повеќе помали мисии за различни периоди од денот, како на пример, вечерни оброци, ужина по работа, ужина по вежбање за зголемување на енергијата итн. Со оглед на актуелните преференции на потрошувачите на повеќе пазари, вклучувањето на помалите мисии станува сè поважно за успехот на продавниците со поголем формат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...