IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 17.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

Ѓорѓи Христов: Не запираме со иновации и инвестиции

17.03.2014

Ѓорѓи Христов, регионален претставник на компанијата „Кока-Кола"

За „Кока-Кола" постојано и насекаде се зборува, меѓутоа некои од помалку познатите, а особено значајни факти говорат дека: портфолиото на компанијата вклучува повеќе од 3.500 производи ширум светот, а 16 од нив се со вредност поголема од милијарда долари; годишната дивиденда на компанијата расте 51 година во континуитет; компанијата „Кока-Кола" е на четврто место на компаниите за восхит според листата на Fortune за 2013 година и на 20-то место на листата на најиновативни компании во светот; во 2013-та на престижниот интернационален фестивал на креативноста „Кански Лавови" компанијата доби 20 награди и беше прогласена за најкреативен маркетер на годината. За работењето на овој гигант во светски размери на македонскиот пазар, разговаравме со Ѓорѓи Христов, регионален претставник на „Кока-Кола" во Македонија, задолжен за Македонија и Косово.

Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk

Какви беа резултатите на „Кока-Кола" во 2013 година на македонскиот пазар?

И покрај продолжената економска криза во Европа што се чувствува и во Македонија, „Кока-Кола" продолжува со динамичниот пораст. Во 2013 година ги надминавме и најоптимистичните очекувања и забележавме рекордни резултати. И покрај тоа што преовладува доза на несигурност кај потрошувачите, ние успеавме да ја задржиме лојалноста на постоечките и да привлечеме нови потрошувачи, а со тоа и да ја зголемиме нашата продажба.

Со гордост можам да кажам и дека Македонија е една од најуспешните операции во нашата бизнис-единица, што опфаќа 23 земји во централна и источна Европа. Според резултатите во последните три години, успеавме да ја ставиме Македонија на мапата земји во Европа што имаат значителен пораст на продажбата. Ако зборуваме за брендот Кока-Кола, ние сме на второто место во поглед на порастот во нашата бизнис-единица, а успеавме брендот Кока-Кола да го издигнеме на ниво што е значително повисоко од она во претходните години. Во ситуација кога поради кризата стагнацијата е нова реалност во Европа, ние во Македонија продолжуваме да грабиме кон успеси и да поставуваме нови рекорди.

Во кој канал за рекламирање „Кока-Кола" троши најголем дел од својот буџет за маркетинг и дали поради споменатата криза сте соочени со кратење на буџетите?

Ние во системот на „Кока-Кола" и во време на најголемите кризи се обидуваме да ги согледаме можностите на пазарот и продолжуваме да инвестираме во дадениот контекст, насочувајќи ги нашите инвестиции така што ќе ни овозможат долгорочни позитивни резултати. Како што кажав претходно, и покрај кризата што нè опкружува, „Кока-Кола" во Македонија забележува фантастични резултати, што резултира со зголемување на маркетинг-буџетите.

Нашата тајна на успехот е тоа што 128 години успеавме да останеме релевантни со секоја нова генерација. Внимателно ги следиме трендовите на пазарот и можните промените во начинот на комуникација кај нашите потрошувачи и нив ги вклучуваме во нашите маркетинг-стратегии со цел секогаш да бидеме во тренд. Во моментов медиумите за социјална комуникација, како и остатокот од дигиталните медиуми, имаат голем пораст во нашиот медиумски микс, но традиционалните медиуми сè уште зафаќаат најголем дел од буџетот.

Колку внимание „Кока-Кола" посветува на трејд-маркетингот во Македонија?

Знаеме дека не е важно да се освојат само срцата на потрошувачите, па затоа „Кока-Кола" инвестира значително време и буџет за она што го нарекуваме „shopper"-маркетинг, односно маркетинг наменет за нашите купувачи. За нас е многу битно да ги освоиме срцата како на купувачите, така и на трговците со иновациите што ги правиме на местото на продажба. Иновациите се составен дел од верувањата на компанијата „Кока-Кола", така што сите активности што ги правиме на местото на продажбата доведуваат до зголемена посета на објектите или до зголемено купување во објектите, а тоа ги освојува срцата на нашите купувачи.

За тоа дека сме на вистинскиот пат говорат фактите што сето она што ќе го видите од „Кока-Кола" на местото на продажбата денес, за година-две станува дел од активностите на конкуренцијата. Тоа што конкуренцијата нè следи го сфаќаме како признание за нашата работа, бидејќи јасно е дека ние сме луѓето што ги предводат иновациите. За „Кока-Кола" секогаш е битно да остане надвор од струјата, да поставуваме нови стандарди, а нашите иновации да бидат дел од секојдневното работење на нашите купувачи.

Колкав е уделот на пијалакот Кока-Кола на македонскиот пазар на безалкохолни пијалаци?

Како и во останатите држави во регионот, така и во Македонија, Кока-Кола е лидер на пазарот во категоријата безалкохолни пијалаци. За жал, во моментов не постои истражување што е доволно валидно и опсежно и кое во целост ги покрива каналите на продажба за да ви кажам точна бројка. Сепак, доколку ги погледнете сите истражувања што постојат во Македонија ќе видите дека „Кока-Кола" е водечка компанија во продажбата на безалкохолни пијалаци и тоа водечко место го подобрува од година во година.

Можете ли да ни кажете колку вложувате во останатите брендови на „Кока-Кола" во Македонија?

Нашето портфолио е добро балансирано и нуди избор за различни целни групи, зависно од старосните структури или од животниот стил. Маркетинг-поддршката ја рефлектира потребата на потрошувачите, а и на секој од брендовите посебно. За секој бренд посебно имаме предвидено маркетинг-буџет и аплицираме соодветни маркетинг-стратегии. Ако ги земеме предвид резултатите, можам да кажам дека аплицираните маркетинг-стратегии се успешни бидејќи успеваме да растеме со сите брендови.

Пред две години на македонскиот пазар го лансиравте ледениот чај Нести. Како сте задоволни од неговото позиционирање во овој период?

Нести како бренд ги освои срцата ширум Европа изминатата декада. Пред две години одлучивме да го пласираме во Македонија како одговор на потреба на потрошувачите. Сегментот на ледени чаеви во Македонија е многу мал, но ние во него видовме голем потенцијал. Со воведување на светски бренд како Нести имавме цел да ја развиеме целата категорија и да креираме свесни разлики од останатите сегменти во категоријата безалкохолни пијалаци. Во 2013 година успеавме да ја удвоиме продажбата на Нести од 2012 година, а брендот многу брзо ја зазема водечката позиција во категоријата. Се покажа дека нашата одлука за воведување на Нести на македонскиот пазар беше донесена во вистинскиот момент.

Планираме и понатаму да продолжиме да инвестираме во оваа категорија затоа што сè уште гледаме голем потенцијал и простор за нејзин развој. Со гордост во ова интервју за InStore можам да најавам дека оваа година планираме новини кај Нести. Водени од иновациите што се во гените на компанијата „Кока-Кола", ќе ги редуцираме калориите на Нести, со природниот засладувач од растението стевија, што ќе придонесе за намалување на калориите во ледениот чај од 30%, а притоа без да правиме компромис во поглед на вкусот, што останува непроменет.

На која таргет-група целите со Кока-Кола Зеро и колкав дел од потрошувачите на Кока-Кола се „префрлија" на Кока-Кола Зеро?

Кока-Кола Зеро е за генерацијата што е активна, љубопитна, храбра и нетрпелива. Кока-Кола Зеро е за мажи и жени коишто не прават компромис и сакаат целосно уживаат во својот омилен безалкохолен пијалак. Нашата цел беше да понудиме избор, секој потрошувач да може да одбере дали ќе ужива во добро познатиот вкус на Кока-Кола со или без калории.

Кока-Кола Зеро постигна големи резултати во сите земји каде што беше лансирана. Во секоја земја пронајде свои потрошувачи, што се одрази позитивно на сите индикатори на работењето. Придонесе за пораст на продажбата, за вкупниот удел на портфолиото на „Кока-Кола" во категоријата на безалкохолни пијалаци, за пораст на базата на пијалакот Кока-Кола и за развој на лајт-сегментот.

Имајќи го предвид сето тоа, минатата година ја лансиравме Кока-Кола Зеро и во Македонија. За само една година, благодарение на Кока-Кола Зеро, го дуплиравме лајт-сегментот од пазарот на безалкохолни пијалаци, а тоа за нас има големо значење. Кока-Кола во Македонија расте со значително темпо, а Кока-Кола Зеро во последнава година дополнително придонесува за тоа. Гледано ретроспективно, исклучително сум задоволен од сите иновации што ги направивме во Македонија во последниве неколку години.

Во регионот Кока-Кола пласира и овошни сокови (Next, Cappy...). Можеме ли да очекуваме влез на овие сокови кај нас?

Постојано вршиме мониторинг на пазарот, како и на потребите на нашите потрошувачи. Во моментот кога ќе бидеме убедени дека имаме производ што е доволно конкурентен и што може да го освои пазарот, ќе донесеме одлука за проширување на нашето портфолио.

Ја видовме зелената Кока-Кола Лајф на интернет. Можеме ли да ја очекуваме и на полиците во нашите маркети?

Како што кажав претходно, иновациите се дел од културата на нашата компанија. Во моментов Кока-Кола Лајф е лансирана само на неколку тест-пазари во Јужна Америка. Во зависност од резултатите што ќе ги постигне таму и во зависност од потребите на потрошувачите, ќе одлучиме дали и кога би го лансирале овој производ во Македонија.

Во тек е кампањата за Кока-Кола Сподели добрина. Од каде идејата за оваа „позитивна" кампања?

Кока-Кола како светски бренд отсекогаш имала свој изграден став кон битните работите во општеството и отсекогаш го искажувала. Земајќи го предвид глобалното опкружување, целата криза во којашто работиме и живееме и сивилото што нè опкружува, бевме инспирирани да споделиме со светот дека можеме да ги гледаме работите од малку поинаков агол. Времето во коешто живееме нè тера да се свртиме кон индивидуализмот, а не кон споделувањето добрини со другите. Кока-Кола како светска икона се обидува на луѓето да им пренесе порака да го погледнат светот од поинаква призма и дека правењето спонтани дела на добрина е она што само ние како луѓе можеме да го направиме. На тој начин се обидуваме да ја поттикнеме хуманата, човечката димензија кај секој од нас и да направиме едно движење.

„Кока-Кола" е позната по општествената одговорност. Кои се последните активности во Македонија на овој план?

Ние, во системот на „Кока-Кола", веруваме дека нашиот бизнис може да биде одржлив и здрав исто колку што е општеството на коешто му служиме. Затоа, системот на „Кока-Кола" во Македонија дава особено значење на општествената одговорност и тука би можел да набројам само некои од најзначајните проекти на ова поле во изминативе години. Први во Македонија изградивме станица за био-третман на водите што придонесува за унапредување на екосистемот, но истовремено и за ефективна заштеда на вода и енергија. Зедовме активно учество во создавање на млади генерации свесни за улогата на здравите животни навики со организирање на „Кока-Кола Куп" во Македонија. Исто така, добивме награда за Инвестирање во заедницата од Министерството за економија за проектот Тренинг за млади менаџери, во чиишто рамки во последните 15 години повеќе од 2.800 учесници успешно го завршија тренингот во Едукативниот и тренинг-центар на „Пивара Скопје".

Какви ви се очекувањата од 2014 година?

Знаејќи дека Кока-Кола во Македонија е една од најуспешните операции во нашата бизнис-единица, нашите проекции за пораст продолжуваат и во 2014 година. Така, во моментов сме една од операциите во Европа со најголеми амбиции, бидејќи во Македонија не гледаме причина зошто да не растеме.

Сите потрошувачи сакаат да го дознаат рецептот за Кока-Кола, но сигурна сум дека сите бизнисмени сакаат да знаат која е тајната на успешноста на компанијата „Кока-Кола"?

„Тајната" на „Кока-Кола" лежи во три работи. Прво, се обидуваме да бидеме конзистентни во комуникацијата со нашите потрошувачи низ годините. Второ, се обидуваме да бидеме релевантни во комуникацијата со нашите потрошувачи во секоја доба во поглед на темите на кои разговараме. И трето, сите вработени во системот „Кока-Кола" работат со љубов и тоа со една цел: да придонесат за 1,9-те милиони моменти на уживање дневно низ светот. Кока-Кола се пие 1,9 милиони пати во еден ден, така што сите ние со љубов правиме тоа задоволство да биде најголемо.


 
 
 
 
back to top