IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 16.10.2018 || „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |  „Цедевита“ доби концесија за вода   |   ||
   

Совети: Плодови без дамки

20.04.2015
Во објектот е потребно постојано да се води сметка за изгледот на овошјето и зеленчукот, за да се видат навреме првите знаци на распаѓање. Исто така, потребно е внимателно да се ракува со производите за да се избегнат оштетувањата.

Автор: Александар Антиќ, anticaca@gmail.com

Неадекватното ракување претставува една од значајните причини да се изгуби дел од овошјето и зеленчукот. Особено е важно да се нагласи дека сите неправилности во текот на пакувањето, транспортот и изложувањето во најголема мера се манифестираат во објектите.

Најчеста последица на тоа се механичките оштетувања, кои можат да се забележат во форма на дамки, набиеници, испакнатини или исеченици на плодовите. Честопати механичките оштетувања можат да настанат при подготовка и пакување, додека последиците се забележуваат подоцна. Доколку во моментот на прегледувањето оштетувањата не се очигледни, сепак, со внимателен преглед на плодовите, тие можат да се забележат. Плодовите треба да се прегледуваат еден по еден со внимателно свртување во раката, водејќи сметка да не се притискаат премногу. При прегледувањето, внимавајте дали на плодовите постојат места што се помеки бидејќи тие можат да укажат на механичките оштетувања. Треба да се разликуваат дамките од омекнатите места на плодовите поради неизедначено дозревање (на пр. кај праските). Доколку е можно, бирајте ги пакувањата што дополнително ги штитат плодовите (пластични пакувања со капак за јагодестото овошје, подлошки и сл.). Понекогаш, на изглед ситните нешта, како хартија во гајбите, можат да направат разлика, бидејќи покрај визуелниот ефект претставуваат и дополнителна заштита за плодовите. При транспортот, пакувањата треба да бидат соодветно сложени и зацврстени за да се избегне растурање.

Ракување на стоката во објектот

Во објектот треба постојано да се води сметка за изгледот на овошјето и зеленчукот за да се забележат навреме првите знаци на расипување. Исто така, освен следењето, треба внимателно да се ракува со стоката за да се избегнат оштетувањата и за да се продолжи животот на полица. При изложувањето треба да се избегнува преполнување на гајбите и „ѕидање" со плодовите, бидејќи може да дојде до набивање на плодовите што се наоѓаат на дното. Исто така, вака наредените плодови полесно паѓаат од полицата. Идеално е доколку стоката може да се изложува во оригиналната амбалажа, без дополнителни препакувања. 

Чувствителност на механички оштетувања на одредени видови овошје и зеленчук                                       
      Видови                     Чувствителност                         Карактеристични оштетувања                                          
јаболко  средна  потемнување на кората и на ткивото на местото на ударот
праска и нектарина  средна до висока  потемнување на кората и на ткивото, омекнување и појава на гниење
кајсија  средна до висока  потемнување на кората и на ткивото и омекнување
јагода, малина и цреша  висока  деформации, течење на плодот и појава на мувла
компир  ниска  дамки, потемнување на ткивото и појава на некроза
пиперка   средна  пукнатини и набиеници
домат  средна до висока  пукнатини и набиеници, течење на плодот
зелка  средна  пукнатини, гребнатини и оштетување на листовите
морков  средна  посветли површини што личат на гребнатини

Јаболка: чувствителноста на механичките оштетувања зависи од карактеристиките на сортата. Најчувствителни на дамки се сортите со тенка кора, како златниот делишес и чадела, бидејќи кај нив и благ притисок може да предизвика оштетување. Поголема отпорност покажуваат сортите ајдаред и грени смит. Јаболката никогаш немојте да ги фрлате, ниту да ги истурате од гајбата. При ракувањето особено внимавајте да не ги оштетите при притисок со прсти или со нокти.
Треба да се има предвид дека кон крајот на сезоната сите плодови стануваат почувствителни на дамки, но и на други негативни промени.

Праски, нектарини и кајсии: чувствителни се на оштетувања, особено кога се на повисоко ниво на зрелост. Кај нивните плодови често доаѓа до неизедначено созревање, па и цврстината на одредени делови на плодовите може да се разликува. Особено треба да се внимава на пообоените делови на плодовите, бидејќи најчесто тие биле поизложени на сонце и побрзо ќе дозреат. Плодовите треба внимателно да се препакуваат без поголеми притискања. Овие три вида овошје особено се чувствителни на поголема влажност, па треба дополнително да се обрне внимание во текот на годините со чести врнежи, бидејќи тогаш е поголема опасноста од појава на гниење.

Јагодесто овошје, цреши и вишни: јагодите, малините и капините, но и црешите и вишните многу лесно сеоштетуваат и со нив многу внимателно треба да се ракува. Неопходно е максимално да се намали контактот со плодовите, па идеално е да ги продавате во посебни пакувања со капак или без него. Овие плодови не треба на кој било начин да се мократ. Доколку забележите мувла на одредени плодови во пакувањето, веднаш прегледајте ги и фрлете ги таквите плодови.

Компир и кромид: компирот и кромидот не се многу чувствителни на механички оштетувања, па сепак треба да се води сметка при ракувањето со нив. Кај компирот, при удар прво се јавува потемнување на ткивото под кората, а доколку е поголемо оштетувањето, со текот на времето доаѓа до гниење. Изложувањето на компирите на директно сонце или силна светлина може да предизвика појава на зелена боја која се смета за недостаток. Затоа, треба да ги чувате на најниските полици што се наоѓаат на сенка. Кај кромидот внимавајте на листовите од обвивката. Луковиците треба да имаат најмалку една цела, добро осушена обвивка. Доколку има повеќе листови од обвивката, тогаш треба редовно да се отстрануваат оние што паѓаат од луковицата. Понекогаш може да се случи луковиците да не се доволно суви што може да доведе до забрзано распаѓање и појава на непријатен мирис. Добро исушениот кромид мора да шушка, а листовите од обвивката треба да бидат кршливи. Влажниот кромид треба да се исфрли од вреќата и да се држи во амбалажа која овозможува да се проветрува. Доколку е можно, кромидот треба да се остави на место каде што има провев, за да се исуши дополнително и да се проветри.

Зелка: надворешните листови на раната зелка се нежни и лесно можат да се оштетат, а тие места бргу почнуваат да гнијат, при што доаѓа до непријатен мирис. Иако често младата зелка се пакува во пластични вреќи, ваквото пакување е неповолно поради кондензацијата. Таа може да предизвика појава на процесот на ферментација и распаѓање на главицата. Вака пакуваната зелка треба што е можно побрзо да се извади од вреќата. Особено треба да се избегнува пакувањето на младата зелка во мрежести вреќи, бидејќи тие во целост ги оштетуваат надворешните листови на главицата. Младата зелка треба да се пакува во гајби, бидејќи на тој начин постои најмала опасност да дојде до механички оштетувања или појава на гниење. Оштетените листови треба од корен да се отстранат. Доцната зелка може да се пакува во мрежести вреќи бидејќи надворешните листови се поцврсти. Со текот на времето, надворешните листови од зелката може да почнат да жолтеат или да ја губат цврстината поради дехидрација и затоа треба редовно да се отстрануваат. Доколку забележите промени како потемнување или појава на слуз на коренот, во целост отстранете го оштетениот дел. Доколку оштетувањата се појават на главицата, а се простираат и во длабочина, тогаш може да ги отстраните со нож, за да се спречи ширењето.

Лиснат зеленчук: сите видови лиснат зеленчук се чувствителни на набивање и механички оштетувања, но и на дехидрирање. Доколку кај марулата забележите негативни промени на надворешните листови, веднаш отстранете ги. Кај спанаќот, зелјето и блитвата избегнувајте кршење и гмечење на листовите. Освен тоа, лошиот провев доведува до побрзо гниење. При прегледувањето, отстранувајте ги листовите кои се оштетени и на кои се забележуваат негативни промени. Доколку во понуда имате целер со листови, по некое време може да дојде до жолтило и распаѓање на листовите. Во тој случај, најдобро е листовите во целост да се отстранат.



 
 
 
 
back to top