IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 18.07.2018 || Добивката на „Плантаже“ изнесува 2,4 милиони евра  |  „Ошан“ воведе гласовен четбот за вино и храна  |  Нова франшизна продавница „Шпар партнер“  |  Специјално пиво по повод средбата Трамп-Путин  |  Доделени првите грантови за домашни компании  |  „Карлсберг“ отвора нова пиварница  |  Кинези ќе градат индустриски парк за овошје и зеленчук  |  Нов ИнфоЛогистички центар во Љубљана  |  „Велпро“ ќе ги поддржува малите трговци  |  Белград стана побогат за уште еден dm  |  Резултатите на „Пепсико“ се подобри од очекуваните  |  Кратошија меѓу најдобрите вина на британскиот пазар   |  „Интермарше“ за постари лица  |  Повисоки трошоци за живот и малопродажни цени во јуни  |  „Бимилк“ подари ново место за спорт и рекреација  |  „Унилевер“ го купи бугарскиот бренд сладоледи Denny  |  „Нилсен“ именуваше нов раководител за Јадранскиот Регион  |  „Макпрогрес“ на „Summer Fancy Food Show“  |  „Перно Рикар“ ќе дистрибуира безалкохолен џин  |  Продажба на алкохолни пијалаци во секое време  |   ||
   

Роман Кир: Потрошувачите ни се водечки приоритет

18.12.2015
Роман Кир, генерален директор на секторот детергенти и средства за домашна хигиена, „Хенкел"

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Роман Кир e на функцијата генерален директор на секторот детергенти и средства за домашна хигиена во „Хенкел"од 1 мај 2014 година. Одговорен е за пазарите Србија, Македонија и Албанија. На оваа позиција Кир дојде од местото директор за продажба во секторот детергенти и средства за домашна хигиена, „Хенкел" во Чешка и во Словачка.

Во интервјуто за магазинот InStore, истакна дека Македонија е пазар што многу бара и каде што има голема конкуренција. Од друга страна, оптималната цена и квалитетот се клучни за македонскиот потрошувач, кој се соочува со ниски примања и со голема невработеност. Во поглед на работењето на српскиот пазар, Кир нагласува дека е задоволен од досегашните резултати, но секогаш може подобро. 

Дали, и во која мера, е можно да се применат искуствата што ги имате добиено од продажбата и од маркетингот во Чешка и во Словачка врз работењето во Србија?

Не постои голема разлика меѓу овие пазари, бидејќи потребите и навиките на потрошувачите се многу слични во сите три земји, но, сепак, во врска со малопродажбата, видливи се некои разлики – главно во структурата на малопродажбата и во нејзиниот општ развој. Додека бев директор за маркетинг, а во последно време и директор за продажба во секторот детергенти и средства за домашна хигиена за Чешка и за Словачка, стекнав драгоцено искуство во продажбата и во маркетингот, кои ги применувам и денес, што овозможи да бидам силна поддршка на тимот на „Хенкел" во Србија.

Од какво значење се Србија и другите држави за кои сте задолжени, за работењето на групацијата „Хенкел", кога е во прашање секторот детергенти и средства за домашна хигиена?

Србија важи за многу значаен пазар кој, благодарение на добрата позиција, претставува стратегиски центар за производство и за снабдување во регионот. Од своето доаѓање, во 2002 година, „Хенкел" спроведе многубројни проекти за модернизација и за унапредување на производствените погони, како и за воведување на најновите технологии во согласност со стратегијата за одржлив развој. Фабриката на „Хенкел" во Крушевац е првата во Србија што го доби сертификатот за енергетска ефикасност ISO 50.001, во мај 2012 година. Денес таа е една од најдобрите фабрики на „Хенкел" во светот. 

Со текот на годините, компанијата инвестираше повеќе од 160 милиони евра во своите производствени погони во Србија, додека „Хенкел" – Србија, со фабриките во Крушевац и во Инџија, денес е центар за снабдување на 55 милиони потрошувачи во регионот, а своите брендови од српските фабрики ги извезува на 22 регионални и европски пазари. Приватизацијата на „Мерима", најголемата фабрика за производство на детергенти во регионот, се смета за една од најуспешните во Србија. 

Дали е сменет тој статус откако ја презедовте функцијата генерален директор на овој сектор и на кој начин?

И покрај многубројните економски тешкотии, бизнис-атмосферата во земјата се подобрува од година во година. Потенцијалот на Србија како пазар, „Хенкел" го забележа и пред приватизацијата на „Мерима", што може да се потврди со стратегискиот пристап и многуте инвестиции на нашата компанија остварени во меѓувреме. Кон крајот на минатата година отворивме нова фабрика за Bref во Крушевац, која во првите девет месеци од работењето оствари рекордни резултати во производството, надминувајќи ги иницијално зацртаните планови. Од почетокот, се трудев, заедно со одличниот тим кој ме дочека во Србија, да придонесам за успешно работење и за дополнително да го унапредам овој сектор.

Во вториот квартал од 2015 година, секторот за детергенти и за средства за домашна хигиена оствари најголем органски пораст на продажбата од 4,3 отсто, во споредба со другите сектори. Какви резултати остваривте во Србија?

Токму така, „Хенкел" забележа добри вкупни резултати во вториот квартал, наспроти предизвиците на пазарот. На глобално ниво, компанијата достигна двоцифрен пораст, и во поглед на продажбата и во приходите. Секторот за детергенти и за средства за домашна хигиена повторно забележа силен органски пораст на продажбата, кој, главно, беше поттикнат со резултатите на пазарите во развој, каде што е забележан силен пораст. Кога зборуваме за работењето на секторот на локалниот и на регионалните пазари, задоволни сме од постигнатите резултати, кои се показател на приспособувањето на компанијата на условите на секој поединечен пазар каде што работиме. За нас потрошувачите се еден од водечките приоритети и ќе настојуваме да обезбедиме врвен квалитет на нашите брендови и во иднина. 

Дали сте задоволни со резултатите или сметате дека има простор за подобрување?

Задоволни сме со постигнатите резултати, но сметаме дека секогаш има простор за подобрување и токму поради таквиот пристап, компанијата расте од година во година. Во „Хенкел" сметаме дека човекот треба постојано да се развива и да напредува, а тоа го применуваме и во поглед на генералното работење на компанијата. Веруваме дека многубројните инвестиции и унапредувањето на производството се најдобри начини да ја задржиме довербата на потрошувачите и да продолжиме да работиме одговорно и во согласност со законските, но и со етичките принципи. 

Каде го гледате тој простор?

Во инвестициите во многубројни проекти за модернизација и за унапредување на производствените погони, како и во воведување на најновите технологии во согласност со стратегијата за одржлив развој. Верувам дека стратегиското размислување и посветеноста на нашите вработени се клучен фактор за успех. Секогаш постои простор за унапредување и за пораст на работењето, а во секторот за детергенти и за средства за домашна хигиена големо значење имаат и иновациите што одговараат на различни потреби на нашите потрошувачи. 

Дали производите од вашиот сегмент како иновации пристигнуваат од централните и од другите развиени земји, каде што работи „Хенкел" или некои, своите почетоци ги пронајдоа токму во Србија или во нашиот регион?

Како глобална компанија, „Хенкел" работи во повеќе од 125 земји во целиот свет и едно од нашите клучни начела е обезбедување врвен квалитет на производите на сите пазари, за да се задоволат очекувањата на потрошувачите. Во поглед на иновациите, не постојат правила за потеклото и за земјата во која тие се раѓаат, но затоа од клучна важност е секој производ што ќе влезе во портфолиото на нашата компанија, да ги исполнува високите стандарди во однос на процесот на производство, но и суровините што се користат. Строгите и редовни контроли обезбедуваат ист квалитет, највисоко ниво за нашите потрошувачи во целиот свет и тоа е нешто на што „Хенкел" му придава големо значење.

Во минатите 13 години, преку многубројни инвестиции вредни повеќе од 160 милиони евра, „Хенкел" покажа стратегиски пристап во работењето во Србија. Дали е во план продолжување на тој тренд и кои нови инвестиции може да ги очекуваме во наредниот период?

Остануваме фокусирани на развојот и на инвестициите, а нашиот секојдневен пристап и понатаму ќе вклучува континуирани вложувања во производствените локации во Србија.

Роман Кир: Верувам дека стратегиското размислување и посветеноста на нашите вработени се клучните фактори за успех.
 
Остра конкуренција во Македонија

Кои се деловните предизвици во Македонија? Дали овој пазар бара повеќе во споредба со другите?

Секој пазар има посебни потреби и барања, вклучувајќи го и македонскиот. Конкуренцијата на овој пазар е остра; сите водечки производители се тука со своите брендови кои се добро поддржани со активности и со огласувања. Во врска со структурата на пазарот, вообичаените канали на трговија и понатаму имаат релативно големо учество, што пред нас создава дополнителни предизвици во поглед на развојот на дистрибуцијата.

Во што се разликува овој пазар, во споредба со српскиот и со албанскиот?

Во споредба со овие пазари, може да заклучиме дека македонскиот пазар е посличен со српскиот во поглед на навиките на потрошувачите и на производителите што се присутни, што не е случај со Албанија. Разлики се забележуваат и во каналите на продажба, при што каналот КА е значително поразвиен во Србија, во Македонија се развива до завидно ниво, додека во Албанија е во фаза на развој.

Каква е конкуренцијата во Македонија? Колку е тешко позиционирањето на производите од категоријата средства за домашна хигиена?

Конкуренцијата на овој пазар е силна. Сите големи производители како „Проктер & Гембел", „Сапониа", „Беохемија" и „Фикосота" се присутни на пазарот. Како производител на премиум брендови, постојано инвестираме во технолошки развој и на тој начин го подгинуваме квалитетот на нашите производи. Според тоа, нашите брендови се добро прифатени од потрошувачите во целиот регион.

Како би го опишале македонскиот потрошувач? Кои од вашите брендови се водечки во категоријата и кои имаат најголем потенцијал за развој?

Ниските приходи и високата невработеност ја одредуваат потрошувачката и според тоа, од големо значење е сегментот на категории производи со оптимални цени и квалитет (вредност за парите). Различните промоции и попусти што се нудат, исто така, имаат важна улога. Вредноста на брендот почнува да добива најголемо значење во ова опкружување. Ние сме лидери во категоријата на средства за чистење стаклени површини, како и специјалните течни детергенти, но и покрај тоа и понатаму гледаме голем потенцијал во категоријата детергенти и омекнувачи за алишта.

Какви се вашите планови за 2016 година и какви се можностите за остварување максимални резултати?

Обврзани сме да продолжиме да го унапредуваме нашето работење во Македонија. Најголем потенцијал за да се освојат купувачите во повеќе категории се одразува преку нашите планови за 2016 година. Создадовме пакет на иновации, вклучувајќи го влегувањето во нови сегменти, што се очекува да се случи од 2016 година па натаму.
Сите наши напори се инспирирани од успехот на српскиот пазар, бидејќи сакаме да бидеме пазарен лидер во сегментот на детергенти и на средства за домашна хигиена и на овој пазар, што многу бара.




 
 
 
 
back to top