IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 25.04.2018 || Domaine Lepovo Grand Cuvée светски шампион  |  Повторна продажба на имотот на компанијата „Малина“  |  „Хајнекен“ оствари солиден количински пораст  |  „Агрокор“ продолжува непречено да работи од 15 јули?  |  „П & Г“ презеде дел од портфолиото на „Мерк“ за 3,4 милијарди евра  |  „Гринјард“ бара снабдувачи во Македонија  |  „Сите сити“ - нов систем за донирање вишок храна  |  Медицинска опрема од „Жито лукс“ за четири болници  |  Во „Веро“ - Тафталиџе бесплатен паркинг 30 минути  |  „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |   ||
   

Роберт Погорелц: Избор и купување опрема за полиците

20.06.2014

На пазарот постои голем избор опрема за продавниците, така што не е едноставно да се донесе одлука при купувањето. Во последно време, главната улога при одлучувањето ја имаат цените. Сепак, со осмислен избор може да се заштеди и покрај тоа што цената на одредена опрема е малку повисока. Заштеда и добивка можат да се постигнат со добро искористување на расположливиот продажен простор. Ако станува збор за долгорочна инвестиција, изборот на поквалитетна опрема има повеќе смисла.

Автор: Роберт Погорелц, ДОО „Смех", info@smeh.si

Како и секој друг простор, така и просторот во продавницата треба внимателно да се проектира и да се почитуваат сите законитости што ги бара соодветниот тип продавница. Особено е важна интензивната соработка меѓу архитектите и инвеститорите. Архитектите можат да помогнат за подобро искористување на просторот и за конечниот складен изглед, а инвеститорите од своето искуство треба да дадат колку што е можно повеќе влезни информации и да ги презентираат специфичните барања. Само со постојана комуникација во фазата на проектирање може да се постигне добар краен резултат и задоволство од обете страни.

Височина на ѕидните и на средишните регали (гондоли)

Уште од почетната фаза на проектирањето, рамковно ги планираме различните продажни зони во просторот. Притоа, ја дефинираме височината на ѕидните, а особено на средишните регали – гондолите. Ѕидните елементи најчесто се со еднаква височина, додека височината на средишните може да биде различна. Во поголемиот број случаи ѕидните регали се високи од 200 до 220 сантиметри, а можат да бидат високи и до 240 сантиметри, ако највисоката полица е наменета за складирање. Највисоката полица не би требало да биде повисока од 180 сантиметри од подот, затоа што тоа е височината што можат да ја достигнат луѓето со просечна висина без напрегање.

Средишните гондоли можат да бидат високи од 140 до 220 сантиметри. Најсоодветна е височината од 180 сантиметри, затоа што овозможува доволно угоден и функционален простор. Ако сакаме да го отвориме погледот, на одредени позиции во продавницата можеме да користиме и пониски гондоли (на пример, 140 сантиметри). Тоа е можно на влезниот дел од продавницата, кај одделот за овошје и зеленчук, особено ако е позициониран во средината на просторот, потоа кај деликатесите, особено пред одделот за продажба на леб, за да се отвори погледот на ѕидната полица со свеж леб, а исто така можно е и во одделот на винотека.

Особено важно во изгледот и во уреденоста на продавницата е артиклите да бидат позиционирани така што никогаш не смеат да ја надминуваат височината на задниот дел од полицата.

Одредување на бројот на полици

Бројот на полици по височина на одреден регал зависи од височината на регалот и од видовите производи (стоковната група) што ќе бидат изложени. При позиционирањето на производите особено е важно да има помалку или речиси да нема празен простор во височината меѓу полиците и производите. Исто така, важно е да се избере соодветна опрема. На пазарот можат да се најдат полици за регали со многу тенок преден раб, што е речиси незабележлив. Моделите на трговските регали каде што основниот носечки столб е позициониран на полицата по височина на секои 25 милиметри, ни овозможува просторот што е меѓу полиците и производите да го намалиме на минимум. Притоа, потребно е да се употребат свиткани носачи на цени, што овозможуваат непречено да се зема стоката од полиците. Ако се почитува наведеново, на соединетите регали може да се стави повеќе стока и на тој начин подобро да се искористи просторот, т.е. да се заштеди.

Типови полици

Полиците можат да бидат направени од различни материјали. Можат да бидат лимени, жичени, дрвени или стаклени. Во продавниците што се претежно со прехранбена стока, најмногу се користат лимените и жичените полици. На одредени оддели можат да се користат и дрвени полици (на пример, во винотеката, кај лебот, при што полиците треба да бидат од масивно дрво) или стаклени (на пример, во одделот на козметика). Изборот меѓу лимените или жичените полици во поголемиот број случаи е условен од цената. Жичените полици имаат предност, но се поскапи. Ако на лимената полица некои производи недостигаат, имаме чувство на празнина, затоа што низ испразнетиот дел на полицата можат да се видат производите од долната полица. Жичените полици исто така имаат предност и при одржувањето, затоа што на нив не се собира прав и не е потребно да се чистат често. Можеме да се одлучиме и за комбинација од овие два типа полици, при што мораме да внимаваме да го избереме составот каде што двата типа полици меѓусебно се компатибилни. Тоа значи дека треба да имаат еднакво широк преден раб, поради изгледот и поставувањето на еднаков тип носачи за цени, за да можеме да користиме еднакви држачи за полици (конзоли) за обата типа.

За одделни модели на современи трговски регали се користат полици што на предната страна имаат издигнат мал раб. Тоа го спречува паѓањето на производите од полиците, така што не е потребно дополнително да се поставуваат предни огради. На тој начин може да се оствари одредена заштеда, а истовремено и сите производи да се целосно видливи.

Типови заднина

При изборот на заднина на трговскиот регал, на располагање имаме заднини од различен материјал, зависно од позицијата на поставување во однос на основниот носечки столб на регалот. Зависно од материјалот на изработка, можеме да избереме лимена, жичена, дрвена, поликарботна или стаклена заднина. Можеме да истакнеме одредени оддели и да ги збогатиме со употреба на дрвен декор (на пример, винотека, одделот со леб...). На одделот со козметика понекогаш можеме да користиме и стаклена заднина, што исто така може да се збогати и со различни видови осветлување. На останатите оддели најчесто се користат лимени или жичени заднини. Повторно изборот е зависен од цената, затоа што жичените заднини се поскапи од лимените. Предноста на жичените заднини е тоа што овозможуваат транспарентност (ако го сакаме тоа) и речиси неограничена слобода при поставувањето куки за на тие места да ги поставиме перфорираните лимени заднини (со отвори за куки). Можеме да се одлучиме и за комбинација од лимени и жичени заднини, ако избраниот состав ни го дозволува тоа.

Зависно од позицијата на заднината, имаме две можности – средишна позиција во однос на длабочината на носечките столбови или поставување на заднината на предниот дел од носечките столбови. Најважната предност од поставувањето на заднината на средишна позиција е дополнителниот простор за изложување што го добиваме на тој начин. Со поставување на заднината на средишна позиција, при употребата на носечкиот столб со димензии 30 милиметри (широчина) и 100 милиметри (длабочина), добиваме дополнителни 50 милиметри длабочина на секоја полица. Ако должината на сите полици ја помножиме со овие 5 сантиметри, ќе добиеме значително количество дополнителни квадратни метри продажна површина (зависно од должината на полиците).

Сигурност

Се препорачува да се користи состав каде што носачите на полиците (конзолите) имаат посебни места каде што може да се зацврсти полицата, за да не може да падне од конзолата. За тоа треба да бидат задоволени посебни сигурносни стандарди од областа на трговската опрема. Во поголемите продавници, каде што по правило се користат колички за купување, се препорачува да се користат одбојници, што се монтираат на трговските регали во височина на основната полица. Одбојниците ја заштитуваат опремата од оштетување што купувачите можат да го предизвикаат со ударите од количките. На тој начин може да се зачува добриот изглед и да се продолжи векот на траење. Уште еден вид сигурност е надолжното зацврстување на регалот. Тоа може да се постигне без дополнителна опрема, така што носечките столбови имаат двојна перфорација (двојна низа отвори на секој носечки столб). Во спротивно, потребно е да се користат дополнителни зацврстувања или да се монтираат дополнителни сигурносни елементи во заднината.

Заклучок

Опремата за продавниците е многу специфична и треба да се внимава уште од почетната фаза на изработка на планот, па сè до крајната фаза на донесување одлука за купување. Најголема функционалност на опремата и просторот ќе постигнеме само со добро осмислен избор.


 
 
 
 
back to top