IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 20.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Петар Лазаров: Борба со гигантите

16.02.2015

Со постојано инвестирање во себе и во бизнисот, развој на своите квалификации и знаења, постојана едукација и правилна имплементација на научените знаења, успехот е неминовен.

Автор: Петар Лазаров, „Македонија-експорт консалтинг"

Во следните неколку броеви на InStore, во рубриката „Може да се опстане" ќе се потрудам да предложам некои работи што можат да ги направат малите (маалски) продавнички, со цел да се справат со растечките гиганти, супер и хипермаркетите, кои го освојуваат пазарот.

Доколку погледнеме во маалото кај нас, ќе забележиме дека сè повеќе мали продавнички се затвораат, а секојдневно слушаме и како расте бројот на супермаркети и маркети со поголеми површини, како некој синџир на маркети отвора нов маркет околу нас, како едни купуваат други и како немилосрдната борба помеѓу нив не запира. Кај мене во маало имаше 3 мали продавнички, а сега се два маркета од национални/локални синџири и само една продавничка. Некако се чувствува како малите сè повеќе да ја губат борбата и не можат да се справат со големите гиганти.  

Дали може да се спаси или спречи оваа состојба?! Дали може да се зајакнат малите продавнички и дали може да преживеат самостојно, како профитни семејни единици?!

Кое е значењето на малите (маалски) продавници?

Значењето на малите (маалски) продавници е огромно во однос на социоекономскиот аспект на работењето и функционирањето на целата држава. И тоа не само во и од местата каде што функционираат (од индивидуална, фамилијарна економска страна), туку и пошироко, во начинот и матрицата на живеење и функционирање на општеството во целост. Малите продавници генерално се фамилијарни бизниси, што значи дека од едно место се прехранува и живее едно цело семејство. Ако се прекине тој профитен канал, ќе пресуши изворот на целото семејство. Дополнително, водејќи се од старата народна (или еврејска) поговорка „зрно по зрно погача ", и државата ќе оствари поголема добивка од нив преку даноците.

Во однос, пак, на социолошкиот момент, особено на Балканот, постоењето на маалските продавници влијае врз одржувањето на топлиот и срдечен маалски дух помеѓу луѓето. Сакале или не, се гледаме по еднаш (минимум) на ден со истите луѓе. Брзо ќе си ги научиме имињата и ќе се зближиме повеќе, а генерално во големите маркети недостасува таа поврзаност помеѓу клиентот и продавачот. Продавачот е тој што треба да ни помогне и да ни го понуди најекономичното решение, со цел најбрзо да си одиме дома и да уживаме со нашите најблиски. Убаво наредените полици, големиот избор на производи и акции во големите маркети може и да нѐ изгубат во просторот и времето и да ја зголемат бариерата помеѓу луѓето. Еден продавач на неколку десетици или стотици купувачи нема можност со секој посебно да се зближи и поблиску да ги запознае нивните потреби.   

Какви се новите светски трендови?

Од оваа перспектива, интересно е она што се случува во светот и околу нас. Во минатите години во пад се светските трендови, од аспект на ширење на хипер и супермаркетите. Наместо големите да ја јакнат својата позиција и да се шират на пазарот, тие бележат стагнација и/или се шират на помали површини. „Волмарт", „Теско", „Карфур" и други големи играчи на регионалниот и интернационалниот пазар отвораат помали продавници, со помала површина во маалските улички.

Сепак, ако се размисли поубаво, има логика за ваквото поместување на курсот. Најголем фактор кој влијае врз ваквото поместување се беспарицата и намалената куповна моќ на купувачите. Порано, маркетите, добивајќи ги најдобрите услови од доставувачите, имаа најдобри цени.

Денес, во услови на намалени примања, т.е. зголемена цена на потрошувачката кошничка, веќе немаме можност да одиме и направиме пазарување/купување за недела или две. Нема веќе одење, со партнерот и децата, на едно уникатно купувачко доживување во недела попладне. Сега или мама поминува од маркет да ги земе најважните продукти или го праќа тато со намалена листа, во однос на порано. Сега сè почесто одиме во маалската продавница да ги земеме само основните, секојдневни продукти, а оние поголемите набавки ги проретчуваме. 

Покрај финансиската состојба, има и други социјални фактори кои влијаат врз промената на овој тренд. Фамилиите се сè помали, со по два до три члена и повеќе нема смисла купувањето на голем број продукти за да го наполнат фрижидерот.

Начинот на живеење. Сите некаде брзаме, сенешто сме во брзаница. Немаме многу време да пазаруваме со часови. Нам ни треба најважното и сакаме да го добиеме во најбрз можен рок. Ако порано беше доживување со фамилијата да се помине едно попладне во маркет, сега веќе немаме толку време за губење.

Купување преку интернет. Сѐ повеќе трендот во светот е да се обезбедат продуктите он-лајн, преку интернет. Значи, потреба од маркети со огромна површина е економски неисплатливо. Доволно е да имаме снабден магацин и добра интернет-платформа. Кога-тогаш и кај нас ќе се развие овој канал, иако за ова постојат веќе неколку обиди во Македонија.   

Свесност. Купувачите се свесни дека одејќи во големите маркети, гледајќи ги сите тие убави пакетчиња, промоции, акции, знамиња, светилки и бои, нема шанси да излезат само со производите што им се на листа. Свесни сме дека е тешко да го исконтролираме тоа и затоа полесно ни е да отидеме до нашето локално продавниче и да си купиме она што навистина ни треба.   

Ако ја разгледаме ситуацијата на малите маалски продавници од овие аспекти, може да увидиме дека во перспектива состојбата и не е до толку загрозена. Напротив, ако се организираат подобро и ја зголемат својата професионалност, може да опстанат, па дури и да ја зајакнат својата позиција на пазарот. Со постојано инвестирање во себе и во бизнисот, развој на своите квалификации и знаења, постојана едукација и правилна имплементација на научените знаења, успехот е неминовен.   

Во однос на ова, единствен проблем е тоа што сопствениците на маалските продавници не сакаат многу да се едуцираат и да се надградуваат. Малку посетуваат специјализирани семинари и/или читаат литература како да си го развијат својот микро-бизнис, како и своите претприемачки и менаџерски вештини. А најдобар случај ќе биде и ако имплементираат дел од тие научени и стекнати знаења.

Покрај сите овие позитивни аспекти, сепак најголемиот проблем и она што е минус кај малите продавници се цените. Најголема предност на големите се цените бидејќи поголемите порачки ја намалуваат цената кај доставувачот. Затоа, за да се одбраните од големите, мора да изнаоѓате различни начини за привлекување и задржување на купувачите, како и различни активности за акциска продажба по намалени и прифатливи цени. 

Во следните неколку текстови ќе се потрудам да ви дадам практични совети (алатки) кои ќе можете да ги искористите во борбата со големите и ако ги имплементирате, ќе успеете да си ја задржите вашата позиција и да го одржите бизнисот во живот.


 
 
 
 
back to top