IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 19.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

ПЛМА: Динамичен почеток на годината

14.02.2018
 

Здружен одговор од германските трговци кон Европската комисија против новата регулатива што ќе го усложни нивното работење. Зајакнува трендот на премиум приватни трговски марки - практичноста е сè позначаен адут. Тргувањето преку интернет диктира дел од правилата на игра, на сите нивоа и во сите формати. Ова се само неколку акценти од најновиот панорамски поглед кон европскиот пазар на приватни трговски марки.

Извор: PLMA

Трговците од малопродажбата се борат со прописите

Трговците се спротивставија на плановите на Европската комисија да предложат правни мерки со кои ќе ги регулираат практиките на нефер тргување во синџирот на снабдување со храна. Генералните менаџери на „Едека", „Кауфланд", „Лидл", „Метро АГ" и на „Реве груп" потпишаа заедничко писмо до европскиот комесар за земјоделство Фил Хоган со кое го повикуваат да се откаже од плановите да ги регулира „практиките на нефер тргување во синџирот на снабдување со храна".

Комесарот Хоган изјави дека предлог-регулативата ќе ја презентира во првата половина од 2018.

Дваесет земји членки на ЕУ веќе имаат регулатива против нефер практиките во трговијата, подвлече Хоган.

Германските трговци сметаат дека регулаторни мерки не се потребни.

„Во принцип, соработката на индустриите во синџирот на снабдување со храна функционира", се наведува во писмото. Тие оценуваат дека регулирањето на бизнис-односите нема да ја подобри положбата на фармерите и ќе биде на штета на купувачите и на Европската Унија. „Досега, нема докази дека нефер трговските практики се широко распространети и дека тоа е проблем кој ги преминува националните граници".

Премиум приватните марки ќе растат

Опсегот на премиум приватните марки ќе биде еден од најзначајните трендови во трговијата на мало во Велика Британија во 2018, се наведува во проекциите на интернационалната организација за истражување на трговијата со прехранбени производи ИГД. Организацијата смета дека трговците засилено инвестираат во премиум приватни трговски марки, а 75% од крајните купувачи во Велика Британија веруваат дека во последните неколку години квалитетот на овие производи се подобрил.

„Опсегот на приватните трговски марки е клучна област во која малопродажните трговци можат да се издиференцираат едни од други и да се истакнат, во услови на сè поголема комплексност и на сè поголема конкуренција на малопродажниот пазар", оценува ИГД.

„За производителите на приватни марки, тоа може да обезбеди дополнително производство, но и да стави поголем притисок врз трошоците. Што се однесува на брендовите, за да ги оправдаат цените, тие ќе мора да покажат дека нивните производи се со врвен квалитет. Тоа, најверојатно, ќе го постигнат со потенцирање на нивното наследство и преку нови производи".

Практичноста е големиот тренд

Големиот тренд кон практичност во развивањето нови производи е доказ дека кај супермаркетите не е сè свртено кон давање пониски цени.

Ова е пораката на поранешниот главен менаџер на „Сеинсберис", Џастин Кинг, што ја упати кон колегите од индустријата во Велика Британија. Тој ги отфрла тврдењата дека актуелната ценовна војна помеѓу супермаркетите се сведува на трка што води кон дното на цените. Кинг подвлекува дека главниот предизвик во развојот на нови производи е тие да бидат премиум, да носат додадена вредност и да бидат во формати што се практични, што само по себе носи и повисока ценовна вредност.

Поголем пораст бележи практичноста отколку снижувањата и работењето преку интернет заедно, вели тој.

Дојдовме до тоа да веруваме дека цената има поважна улога одошто навистина има, но тоа што ги движи работите е опсегот на премиум-нивото. Речиси во секој случај на развивање нови производи што се одвива во моментов станува збор за премиум. Во моментов нема трка кон дното. Значи, тоа што ја дава големата динамичност е практичноста, вели Кинг.

Според него, практичноста создава поголеми можности во развојот на нови производи од сè што се случило во врска со храната во последните 35 години или во што и да било друго во што лично бил вклучен.

Малопродажните трговци инвестираат на интернет

Новата година почна со изобилство од вести за тргувањето преку интернет.

Холандскиот трговец „Алберт Хеин" почна со тестирање на систем за безготовинско купување преку своите продавници AH To Go. Системот „допри, земи и оди" користи електронски ознаки за производите на полиците што се интерактивни со картичките Albert Hejin. Со допир со картичката врз ознаката, потрошувачот го регистрира производот и го внесува во својата дигитална кошничка, го зема и го плаќа автоматски, преку апликација на мобилниот телефон, и заминува без да користи наплатна каса.

Во Франција, бизнис-изданијата шпекулираат дека „Карфур" бара начин да ги зајакне своите операции преку интернет. Компанијата е притисната да направи таков чекор по одлуката на „Казино" да го прошири својот малопродажен бизнис, приклучувајќи се кон платформата на британскиот интернет-трговец „Окадо". Во меѓувреме, „Монопри" се приклучи кон „Гугл хоум" со апликација што им овозможува на купувачите да креираат листи за купување преку платформа за препознавање глас.

Во Шведска, продажбата преку интернет на ИЦА бележи пораст од 50% во 2017. „Кооп" воведе нова услуга на апликацијата за мобилни уреди што им овозможува на купувачите да креираат листи преку систем за препознавање глас.

Во Белгија, семејството Колријт (Colruyt) го купи мнозинскиот удел во „Њуфарма", интернет-аптека во Белгија и во Франција.

Соработка меѓу „Казино" и „Диа"

„Казино" и „Диа груп" ја проширија соработката преку приватните трговски марки. Двете компании основаа нова, заедничка компанија - „ЦД саплај иновејшн", во која ќе ги споделуваат искуството и стручноста во логистиката и во создавањето приватни марки. Компанијата ќе управува со нарачките, плаќањето и снабдувањето со производи со приватна марка за двете групации. Во таа насока, ќе понуди и услуги од областа на логистиката и околу наплатата. Новиот субјект истовремено ќе биде активен и како лабораторија за иновации, предлагајќи решенија за подобрување на синџирот на вредности.

„Едека" го проширува Gut & Günstig

„Едека" го прошири својот бренд Gut & Günstig и во делот на свежите овошје и зеленчук. Како што оценува „Лебенсмиттел цајтунг", ваквиот чекор е направен како конкурентски потег упатен кон дисконтерите. Избор од околу 20 свежи артикли по дисконтни цени ќе им биде достапен на независните трговци од системот на „Едека", вклучително банани, јаболка, мандарини, портокали и домати.

Претходно „Едека" отвори објект за зреење банани во јаглеродно-неутрална средина во Борна, близу Лајпциг, во што инвестира 7 милиони евра. Со погонот компанијата има амбиција да дозрева околу 286 милиони банани годишно, кои ќе бидат за потребите на трговските објекти на „Едека" и „Нетто маркен-дисконт" во Германија.

„Лента" подготвува нови приватни марки

Рускиот трговски синџир „Лента" планира да го прошири опсегот на своите приватни трговски марки, додавајќи стандардни и премиум производи, во обид да ја зголеми лојалноста на купувачите. Компанијата планира во текот на претстојните неколку години уделот на приватните марки, од сегашните 12-14%, да достигне 18-20%, јавува „Лебенсмиттел цајтунг".

„Лента" има портфолио со повеќе од 4.000 производи во делот на приватните трговски марки и планира да го зголеми со околу 900 прехранбени артикли благодарение на можностите што ѝ ги отвора соработката со алијансата „Јуропиан маркетинг дистрибушн" (EMD). Својата понуда „Лента" ќе ја прошири и во областа на органската храна, во соработка со шведската групација „Аксфуд", и со друг вид прехранбени производи, преку финскиот конгломерат „Кеско".

„Континенте" во поддршка на здравјето

Португалскиот синџир „Континенте" работи на иницијатива со која ќе ја зголеми хранливата вредност на производите од приватните трговски марки од своето портфолио. Во проектот компанијата соработува со португалските асоцијации за целијакија, за дијабетес и за срцеви заболувања, со кои работи на промоција на здравата исхрана. Трговската куќа ќе понуди производи со пониско ниво на шеќер, масти и со помалку сол и поголем избор на производи за купувачите со специфични потреби во исхраната.

Со новините, „Континенте" планира да воведе и т.н. систем „нутритивен семафор" на пакувањата на производите, кој ќе ги информира за нивото на шеќер, сол и маснотии во нивната храна. Меѓу плановите на трговецот е во своите продавници да воведе и простор за здрави и органски прехранбени производи.



 
 
 
 
back to top