IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 24.01.2018 || „Амазон“ ги објави 20 потенцијални локации за новото седиште  |  „Теско“ затвора 1.700 менаџерски работни места  |  Мрежата на „Профи“ достигна 700 објекти  |  „АЦ фуд“ го купува последниот дел од имотот на „Агрокомерц“  |  „Шпар“ - Словенија ја претстави онлајн-продавницата  |  Отворен е првиот „Амазон гоу“ за потрошувачите  |  Промоција на Fuzetea, бренд достапен и на македонскиот пазар  |  Нов „Алди-М плус“ во Гевгелија  |   „Бивода“ планира извоз во Македонија и во Грција  |  Престижен орден од Финска за Светозар Јаневски  |  „Мигрос“ останува лидер, најголем скок во интернет-каналот  |  „Биедронка“ станува сè посилна  |  „Тривит“ ги презеде постројките на пекарницата „Алимпије“  |  „Плодине“ го отворија 81. продажен центар   |  „Гомекс“ планира отворање на 30 продавници  |  „Бел фуд груп“ го презема „Хугли“  |  „Фереро“ го купува американскиот кондиторски сегмент на „Нестле“  |  „Маркс & Спенсер“ го продаде бизнисот во Хонг Конг  |  „Лакталис“ повлекува 12 милиони пакувања млеко за бебиња  |  „Атлантик група“ ја презема дистрибуцијата на „Марс“  |   ||
   

Наталија Пекиќ: Семејни компании – за што, всушност, се работи?

13.09.2016

Многу години од кариерата поминав објаснувајќи им на луѓето што, всушност, се семејните компании. Најчесто, првата асоцијација за нив беше дека тоа се мали семејни бизниси или традиционални занаети, кои се пренесуваат на некое од децата, ако даде бог на најстариот син, што наводно гарантира успех.

Автор: м-р Наталија Пекиќ, консултант за семејни компании, надворешен предавач на Економскиот факултет во Осиек

Тоа „маркетерите" најчесто го објаснуваат со следната анегдота: Имаме добра и лоша вест. Добрата е, перцепцијата не е реалност, а лошата – за жал, реалноста не е важна.

Сега ние, претприемачите – сопственици или вработени во семејните компании, имаме многу тешка задача. Како да ја промениме перцепцијата на „широките маси" и да им објасниме за што, всушност, станува збор и колку се важни семејните компании? Џорџ Бернард Шо рекол дека мудрите луѓе се приспособуваат кон околината, а неразумните се обидуваат да ја приспособат кон себе. Крајниот резултат, всушност, е резултат од напорите на неразумните луѓе! Но, да одиме чекор по чекор...

На глобалниот економски пазар, семејните компании не се новина, а во развиените економски средини, нивната важност е препознаена и признаена. За жал, на овие простори ситуацијата не е таква, а за тоа постојат неколку причини.

Најчесто споменуваната причина се негрижливите и нецелосни државни статистики, кои не можат да понудат точен податок колку регистрирани семејни компании има во одделни држави, а врз основа на тоа не може ни да се истакне нивната важност. При отворање фирма, немате можност да ја сместите во тој облик на претприемништво. Само некои од нив, со пораст и со развој, стануваат семејни. Најчесто, важноста на семејните компании се мери и се искажува преку нивниот удел во вкупниот број регистрирани приватни фирми, преку бројноста на ангажираната работна сила, односно преку партиципацијата на БДП во националните економии.

Следува доза на брутална статистика:

  • Семејните фирми сочинуваат две третини од вкупниот број компании во целиот свет (од интервју на Џон Дејвис, Бизнис-школа на Харвард, 2011 година);
  • Од 70 до 90 отсто од глобалниот БДП го создаваат семејните компании;
  • Во поголемиот дел од земјите во светот, семејните компании овозможуваат од 50 до 80 отсто работни места („Јуропиан фемили бизнис", 2012 година);
  • Околу 85 отсто од инвентивните компании почнале со семејни финансии („Јуропиан фемили бизнис", 2012 година);
  • Во поголемиот дел од земјите во светот, семејните компании сочинуваат од 70 до 90 отсто од сите бизнис-ентитети („Јуропиан фемили бизнис", 2012 година);
  • Околу 65 остсто од тие компании, ги очекува стабилен пораст на приходите во следните пет години (PWC, 2013 година);
  • И покрај популарното мислење дека со модерните корпорации управуваат или ги поседуваат професионални манаџери, голем број од светските компании ги контролираат семејствата или државата („Журнал оф фајнанс", 1999 година);
  • Вкупниот годишен промет на европските семејни компании изнесува 1 трилион евра, односно 60 отсто од прометот на сите европски компании (КПМГ, 2013 година);
  • Европските семејни компании создаваат повеќе од 5 милиони работни места, односно од 40 до 50 проценти од вкупниот број на вработени (КПМГ, 2013 година).

Недостигот од универзална дефиниција, создава нова забуна во процесот на признавање и на препознавање. Се сеќавам на едно истражување, кога клиентот, за кого со сигурност однапред знаевме дека е член на семејна компанија, на тоа прашање јасно одговори: Не, никако, па само јас и татко ми од семејството работиме. На следното прашање: Добро, a кој е сопственикот на компанијата?, го добив одговорот – Па, татко ми и јас!

Постојат бројни дефиниции, но сите тие ги содржат во себе поимите што објаснуваат за каков вид претприемништво се работи:

... Претпријатието се смета за семејно кога со него блиску се поврзани најмалку две генерации од семејството и кога таа врска има влијание на политиката на компанијата, но и на интересите и на целите на семејството (Роберт Донели,1988 година);

... Контролна сопственост, задржана во рацете на поединци или на неколку членови од едно семејство (Луис Барнс и Сајмон Хершон, 1976 година);

... Организација, во која еден или неколку членови од семејството директно влијаат на бизнисот преку сродство, менаџерска улога или сопственичко право (Ренато Таџури и Џон Дејвис, 1996 година);

... Семејното претприемништво е сопственост, партнерство, корпорација или каква било друга бизнис-формација, каде што контролата (гласачка) е во рацете на едно семејство (Фред Неубауер и Алден Ланк, 1998 година).

Третата можна причина за игнорирање на важноста на семејните компании во нашето познато опкружување, е незнаењето, кое се темели на негативни претпоставки. Најчесто, погрешната перцепција од воведот на овој текст настанала како последица на интерпретацијата на тој спој – бизнис и семејство, за кој дури и социолозите велат дека е речиси невозможен. Се работи за спојување на два феномена, со целосно спротивни интерни логики, а новиот систем има задача да опстане и да се развива.

Што е тоа спротивна интерна логика? Од една страна го имаме системот семејство, кој е емоционално ориентиран и затворен, не е склон кон промени, безусловно ги прифаќа членовите и има задача кај потомците да развие самопочит за да им овозможи созревање. Од другата страна е системот бизнис, кој е рационален и екстравертно ориентиран, кој бара постојани промени. За да се одржи вториот систем, потребни се низа услови, а неговата основна задача е генерирање профит.

Овие два екстремно различни системи, во семејните компании се спојуваат во еден, кој има задача да опстане и да генерира успех. Секако, нема рецепт како тоа да се направи, но важно е да се истакне дека не постојат (токму поради влијанието на едниот од двата системи) две идентични семејни компании. Оваа категоријата е исклучително хетерогена. Секоја семејна компанија е детерминирана од сопствената историја, културолошките филтри и од специфичните обележја. За сите актери во тие компании, еден од најголемите предизвици е да се воспостави јасна разлика и да се прифати професионалната рамнотежа меѓу двата система.

Важно е семејството и бизнисот да се држат одвоени. Не сакате семејните околности да влијаат врз бизнисот. Водете го бизнисот како бизнис!, Џон Л. Ворд

Стручниот назив за тоа е – воспоставување интерни стандарди, кои подразбираат процедурите во компанијата да бидат јасно дефинирани, опишани и напишани, кон кои сите мора да се придржуваат.

На пример:

  • Објаснете им на членовите од семејството дека во компанијата не се станува член на ист начин како и во семејството – со раѓањето, туку дека е потребно да задоволат одредени квалификации;
  • Без оглед на тоа што станува збор за членови од семејството, дајте им, како и на сите други вработени, точен опис на работното место и објаснете им што се очекува од нив, кои се нивните права и обврски;
  • Објаснете им го процесот на донесување одлуки и кому во фирмата тоа му е дозволено;
  • Објаснете им дека потребите на членовите од семејството не се над потребите на бизнис-системот, односно над потребите на компанијата;
  • Краткорочните и долгорочните цели мора да бидат во релација само со бизнисот. Како дел од него, семејните членови мора да имаат задача да го поддржат напредокот на тој систем, а целите на компанијата да не бидат насочени кон посебните потреби на членовите;
  • Платата не е израз на љубов, туку е пропорционална со вложениот труд и со квалитетот на работата, во согласност со стандардите на пазарот;
  • Со оглед на тоа што семејниот систем долго постои и ќе постои, членовите на семејството врз основа на истите критериуми претпоставуваат дека бизнисот ќе се обновува сам по себе и дека не е потребно ништо да се менува. Но, вистината е спротивна – потребно е постојано совладување на стратегиите за пораст.

 

Најголемиот генератор за развој на речиси сите национални економии се токму семејните компании. Тоа се најчесто фирмите од секторот мали и средни претпријатија, иако ги има и меѓу великаните. Тие се уникатни и создадени да траат со долгорочна перцепција и стратегија, склони кон осмислени инвестиции. Брзи се, агилни и покриваат специјализирани пазарни ниши, кои се недостапни за големите и бавни мултинационални компании. Сопствениците на семејните компании настојуваат да бидат самостојни, активни, нестрашливи и да веруваат во себе и во тоа што треба да го направат. Горди се и веруваат дека имаат витална улога во националните економии, креирајќи нови работни места и стабилизирајќи го општеството.

Потребно ли уште нешто е да се додаде за конечно да сфатиме дека економиите се развиваат токму поради постоењето на семејните компании?


 
 
 
 
back to top