IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 16.07.2018 || „Карлсберг“ отвора нова пиварница  |  Кинези ќе градат индустриски парк за овошје и зеленчук  |  „Велпро“ ќе ги поддржува малите трговци  |  Белград стана побогат за уште еден dm  |  Резултатите на „Пепсико“ се подобри од очекуваните  |  Кратошија меѓу најдобрите вина на британскиот пазар   |  „Интермарше“ за постари лица  |  Повисоки трошоци за живот и малопродажни цени во јуни  |  „Бимилк“ подари ново место за спорт и рекреација  |  „Унилевер“ го купи бугарскиот бренд сладоледи Denny  |  „Нилсен“ именуваше нов раководител за Јадранскиот Регион  |  „Макпрогрес“ на „Summer Fancy Food Show“  |  „Перно Рикар“ ќе дистрибуира безалкохолен џин  |  Продажба на алкохолни пијалаци во секое време  |  „Лидл“ отвори логистички центар во Нова Пазова  |  Нова „Кораб Трница“ во скопско Црниче  |  Рекордно производство и извоз на пиво  |  Нов супермаркет на „Шпар“ вреден 9 милиони евра  |  „Лидл“ без пластика за еднократна употреба  |  Нови компјутери за Универзитетската библиотека   |   ||
   

Мислења и коментари: Жените во бизнисот

20.12.2017
Поттикнати од првата конференција „100 жени претприемачки", која се одржа на 28 ноември, ги прашавме нашите соговорнички дали сметаат дека бизнисот е свет на војна, колку жените се вклопуваат во тој свет и колку потенцијалот на жената претприемач е препознаен во земјава. Поразговаравме и за балансот меѓу приватното и професионалното, а со организаторката на настанот зборувавме за мотивот за конференцијата, заклучоците и за реалните очекувања за подобрување на статусот на жените претприемачки во земјава

Приреди: Данче Драгинова, dance@instore.mk
 
                                                                   СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                           

Десанка Алчинова, директорка за продажба во „Техноалат комерц Атанас" (Хина)

Целосно се согласувам дека светот на бизнисот е свет на војна, но би рекла дека жените стануваат сè поборбено настроени и можат во целост да се вклопат во тоа поле на бизнис-натпревар. Тоа го потврдува и сè поголемиот број жени во земјава што активно се вклучуваат и се занимаваат со претприемништво. Моето мислење е дека во денешно време, жените се порешителни за преземање нови чекори и за реализирање на нови проекти, од кои голем процент се со позитивен исход.

Иако е во подем, сепак потенцијалот на жената претприемач во земјава сè уште е на ниско ниво и се надевам дека наскоро ќе достигне задоволително ниво. Најголемата пречка за тој да блесне со сиот свој сјај е т.н. „балкански синдром", според кој на жената се гледа малку поинаку, односно дека таа првенствено треба да биде задолжена за извршување на домашните обврски, а бизнис-ангажманите се нејзина споредна, паралелна обврска.
 
Во денешно време, жените се порешителни за преземање нови чекори и за реализирање нови проекти, од кои голем процент се со позитивен исход.

Се согласувам дека е потребно да постои посебен пристап и третман на жената како жена во бизнисот, бидејќи не случајно таа е „понежната половина" . За жал, сметам дека жената не е третирана на тој начин, бидејќи светот на бизнисот не трпи емоции. 

Поради нејзината голема одговорност и посветеност и на приватните и на професионалните обврски, речиси е невозможно да се постави баланс меѓу тие две сфери. Генерално, жената има многу повеќе обврски од мажот и тука нема некоја јасна граница меѓу приватното и професионалното. Затоа и често се јавуваат конфликти, бидејќи сè уште се ретки партнерите што морално ја поддржуваат успешната жена. За среќа, таа ги поседува двете клучни особини – одлучност и истрајност, па успешно се справува со сите обврски. Не рекле бадијала: Зад секој успешен маж стои неговата жена, додека зад секоја успешна жена – стои таа самата.

                                                          СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                                


Ирена Јакимоска, генерална менаџерка на „Комфи Ангел"

Не се согласувам дека светот на бизнисот е свет на војна. Првенствено, зборот војна воопшто не ми се допаѓа и не се вклопува во мојата филозофија на корпоративно дејствување. Вистината е дека бизнисот е поле на кое во континуитет треба да се надградуваме со знаења и да имаме визија понапред од другите. И секогаш да бидеме поинакви и единствени во тоа што го правиме. Силно сум уверена дека жената може еднакво достоинствено да се носи со сите тие задачи на корпоративниот свет.

Општеството му дава поддршка на секој што има претприемничка иницијатива, независно дали е маж или жена. Во поддршката, клучно е семејството.

Потенцијалот на жената како претприемач недоволно е препознаен и искористен во земјава. Најпрвин, затоа што потенцијалот треба првенствено да го препознае жената, а одлуката за нејзините претприемнички иницијативи треба да биде чисто нејзина и во корелација со семејството. Зошто? Затоа што општеството му дава поддршка на секој што има претприемничка иницијатива, независно дали е маж или жена. Во поддршката, клучно е семејството, со оглед на тоа што реализирањето на претприемничката иницијатива со себе носи одредени жртви и одрекувања. 

Според мене, пристапот и третманот на жените во бизнисот е еднаков, односно не постои поинаков пристап кон нив. Бројот на жените е мал, но тоа е нивни личен избор.

Доколку сме добро организирани во приватниот и во службениот живот, дефинитивно ќе го надминеме конфликтот меѓу личното и професионалното и ќе направиме баланс меѓу двете сфери.
 
                                                            СТАВ НА ОРГАНИЗАТОРОТ                                                                   

Катерина Котлареска-Маневска, организаторка на „100 жени претприемачки"

Мотивот за организација на конференцијата беше да покажеме дека и ние, жените во Македонија, може да бидеме сплотени на еден настан, на кој ќе си потврдиме дека не сме сами и оти сите го поминуваме тој претприемачки пат. На сите настани што ги организира „Касиа евентс", без разлика дали е конференцијата за жените, родителството или бизнис-кафето, кај мене постои голема позитивна енергија, опуштеност, многу насмевки и забава. Конкретно за „100 жени претприемачки", различноста беше уште во локацијата, бидејќи тоа не беше хотелска сала, како што се прават 99% од конференциите, туку избрав ресторан, каде што се прават свадби и други свечености. Искрено, тоа беше ризик, не бев сигурна како ќе биде прифатено од публиката, но, за среќа, добив многу позитивни критики.
 На настанот се забавувавме, целата публика играше, се мотивиравме со говорите на презентерите, се инспириравме и се вмреживме, односно запознавме нови потенцијални клиенти.

Покрај сите други сегменти што ги имавме на конференцијата, првиот заклучок ми беше дека жените сакаат забава. Секојдневно живееме со стресови и на сите ни е потребна малку забава. Кога ги гледам сликите од конференцијата, изненадена сум што сите се на нога и играат. Енергијата што им ја пренесовме на сите во публиката овозможи момент на синергија меѓу присутните. Вмрежувањето одигра клучна улога на конференцијата, секој со секого се запозна и оствари контакт за идни соработки. Интересен е моментот што по настанот, како резултат од вмрежувањето, веднаш ми беа потврдени неколку соработки.
 
Оптимист сум и мислам дека набргу многу жени ќе се охрабрат да почнат со свој бизнис и ќе си го остварат сонот.

Статистичките податоци покажуваат дека жената претприемач е застапена во околу 30% од вкупниот број на компании во земјава, но, за жал, компаниите во сопственост на жени се од доменот на микро и мали претпријатија, каде што обртот на средства е многу мал, па и заработката. За жал, поголемиот број од тие компании се отворени поради потребата од преживување, а не од желбата да се биде претприемач. Сепак, оптимист сум и мислам дека набргу многу жени ќе се охрабрат да почнат со свој бизнис и ќе си го остварат сонот. Тука мора да се свестат и институциите, кои треба да дадат поддршка и да помогнат во развојот.

                                                                      АНАЛИТИЧКИ СТАВ                                                                         

Валентина Дисоска, претседателка на Здружение на бизнис-жени

Интересна е споредбата меѓу светот на бизнисот и светот на војната. Навистина се бориме да победиме, но не по секоја цена. Војна не сум водела, но во бизнисот сум долги години и постојат одредени позиции кога навистина тоа е вистински предизвик и натпревар. Но, не се сложувам дека жените не се вклопуваат во светот на бизнисот. Сметам дека сме добри и за двете работи, и за војна и за бизнис треба трезвена глава, многу логика, како и многу едукација, искуство и храброст. Мора да нагласам дека стереотипите се менуваат, традицијата полека го отстапува местото на современото живеење и на современиот начин на водење бизнис. Повеќе за ништо не се бара да имаме поголема физичка сила, туку квалификации – а, ние жените, ги поседуваме тие квалификации.  
 
Во принцип, не бараме посебен пристап за жената во водењето на бизнисот ниту, пак, повластени ставки како одредени категории на бизниси. Бараме да почнеме од еднаква скала на патот наречен претприемништво.

Ако зборуваме за бројноста на жените во претприемништвото, официјално, немаме проблем со бројот на регистрирани компании, од кои 51% се во сопственост на жени. Но, проблемите се јавуваат во бизнисите што ги водат, во големината на обртот и во профитот. Ако процентот на компании што се основани од жени е 30%, бројот на вработени во тие компании е само 10%. Тоа ни кажува дека жените се во микро и во мали бизнис-сегменти. Попрво би рекла дека потенцијал имаме, но не го користиме. Проблемот е во тоа што претприемништвото не е препознаено како перспектива за искористување можности и не е привлечно, за разлика од вработувањето во државната администрација. Сè додека претприемништвото и малите бизниси не се предизвик за жените и за младите, ќе имаме слаба економска моќ. 

Во принцип, не бараме посебен пристап за жената во водењето на бизнисот ниту, пак, повластени ставки како одредени категории на бизниси. Бараме да почнеме од еднаква скала на патот наречен претприемништво. Доколку ги изедначиме ситуациите што ни доаѓаат од стереотипите, менталитетот, храброста, поддршката од околината и од семејството, тогаш ќе речеме дека може рамноправно да чекориме на патот и да не го забележуваме родовиот јаз. Но, дотогаш – родовиот јаз ќе постои.

Живееме во време кога балансот меѓу приватниот и професионалниот живот многу тешко се постигнува. Потребни се сè поголеми жртви од двете страни, за да се задоволи денешната трка по работа, профит и по успех. Во време кога и жените го поминуваат поголемиот дел од денот на работа, евидентно е дека дисбалансот на неплатената домашна работа оди кај жената. Доколку го измериме целиот тој товар од грижа за семејството, родителите и домот, како и работните часови, ќе видиме дека жената многу потешко може да го достигне  балансот меѓу приватниот живот и работата. Затоа, зголемената свесност и залагањето на двата пола во одгледувањето на децата и во одржувањето на семејството, ќе помогне да имаме балансиран живот, во кој ќе може да се посветиме на напредокот на кариерите.






 
 
 
 
back to top