IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 17.07.2018 || Нова франшизна продавница „Шпар партнер“  |  Специјално пиво по повод средбата Трамп-Путин  |  Доделени првите грантови за домашни компании  |  „Карлсберг“ отвора нова пиварница  |  Кинези ќе градат индустриски парк за овошје и зеленчук  |  Нов ИнфоЛогистички центар во Љубљана  |  „Велпро“ ќе ги поддржува малите трговци  |  Белград стана побогат за уште еден dm  |  Резултатите на „Пепсико“ се подобри од очекуваните  |  Кратошија меѓу најдобрите вина на британскиот пазар   |  „Интермарше“ за постари лица  |  Повисоки трошоци за живот и малопродажни цени во јуни  |  „Бимилк“ подари ново место за спорт и рекреација  |  „Унилевер“ го купи бугарскиот бренд сладоледи Denny  |  „Нилсен“ именуваше нов раководител за Јадранскиот Регион  |  „Макпрогрес“ на „Summer Fancy Food Show“  |  „Перно Рикар“ ќе дистрибуира безалкохолен џин  |  Продажба на алкохолни пијалаци во секое време  |  „Лидл“ отвори логистички центар во Нова Пазова  |  Нова „Кораб Трница“ во скопско Црниче  |   ||
   

Матјаж Водопивец: Брендови со емоција

16.09.2014
Матјаж Водопивец, директор на стратешкото работно подрачје Слатко и солено во „Атлантик Група"

Неодамна, „Атлантик Група" го прошири асортиманот на солен снек со палетата чипс-производи. Производството на чипсот е договорено со компанијата „Канаан" од Долен Михољац. За овој бизнис-потег и за неговото значење за компанијата, како и за понатамошните планови, разговаравме со Матјаж Водопивец, директорот на стратешкото работното подрачје Слатко и солено.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Од 1922 година и фирмата за увоз и извоз „Лоит СА", компанијата „Штарк" помина долг пат. Кои се, според Вас, пресудните моменти во животот на компанијата што се заслужни за нејзиниот успех?

Историјата на „Штарк" е богата со значајни датуми. Првото чоколадо Rada се појави во средината на 20-те години од минатиот век, како една од првите на овие простори на Балканот. Потоа веќе во 30-те години во фабриката во Земун што се развива од оваа првобитна фирма за увоз на Данијел Песмаж почна да се прави и чоколадната банана, онаква каква што ја знаеме денес. Во 60-те години од минатиот век почна производство на чоколадото Najlepše želje, а во 1972 година почна и производството на Smoki, првиот флипс во југоисточна Европа. Сите овие брендови ги познаваме и денес, така што „Штарк" има традиција на развој и создавање од преку 90 години. Почетокот на развојот на модерната фабрика беше назначено со отворањето на новата фабрика, како што ја нарекуваа тогаш, на денешната локација на улицата „Кумодрашка", Вождовац, во 1975 година, каде што сме и денес, а „Штарк" по аквизицијата на „Дрога Колинска", работи од 2010 година во рамките на „Атлантик Група", мултинационална компанија што во своето работење ги обединува производството, развојот, продажбата и дистрибуцијата на стока за широка потрошувачка, со присуство во повеќе од 30 земји низ светот.

Кога во 2010 година „Атлантик Група" ја презеде компанијата, планирани беа големи вложувања. Досега, колку средства се вложени и во кои сегменти?

Основата на работната стратегија на „Атлантик Група" е вложување во квалитет, развој и позиционирање на реномираните брендови на „Штарк", така што сето она што е квалитетно во минатите години го надградивме со нови технологии, го проширивме портфолиото на нашите традиционални брендови со нови вкусови и се приспособивме со пазарните трендови и желбите на потрошувачите низ регионот.

Благодарение на инвестициите од над 5 милиони евра во модернизација на производството, ги зголемивме капацитетите и енергетската ефикасност и обезбедивме најголем степен за заштита на здравствената исправност на производите. Во наредните пет години продолжија планираните инвестиции во развојот на производството на чоколадните производи и флипсовите, односно во иновација на асортиманот и влез во нови категории, што е во директен однос со задржувањето и развојот на пазарната позиција на „Соко Штарк", со задржувањето на работните места и стандардот на вработените, при што оваа година најзначајни се вложувањата во линијата за производство на филови и производство на чоколадни барови.

Со оглед на тоа што „Штарк" е дел од голема групација, во која мера се олеснува, а во која се отежнува работењето?

Во рамките на системот на „Атлантик Група", каде што „Штарк" работи како стратешко работно подрачје Слатко и солено, добивме дополнителен замав што произлегува од синергијата. „Атлантик Група" продолжи да вложува во производствената линија, во брендовите на „Штарк", во развојот на нови производи и особено во дополнителното унапредување на пазарните позиции на нашиот асортиман не само во Србија туку и во целиот регион. Како водечки дистрибутер на стока за широка потрошувачка со високоразвиено „know-how", „Атлантик Група" има експертиза и сила на производите на „Штарк", што со својот квалитет и традиција го заслужуваат тоа, да им овозможи адекватни позиции и достапност до потрошувачите низ целиот регион. Од моментот на аквизицијата, пазарниот удел на стратешките категории пораснаа на сите пазари во регионот. Така, на пример, на пазарот во Хрватска за првите шест месеци од оваа година забележана е двоцифрена стапка на пораст на пласманот на „Штарк", најмногу поради порастот на продажбата во категоријата флипс со брендот Smoki.

Од година во година бележите пораст и сте еден од водечките производители во јадранскиот регион. Како го постигнувате тоа?

Од година во година бележиме пораст со познавање на локалните, регионалните и светските можности и богатото децениско искуство преточено во брендови со емоции. Концентрирани сме на оние програми и брендови што ни носат најголема вредност и нашите работни стратегии се на регионално ниво нашите брендови да имаат една од првите три позиции според уделот на пазарот во категоријата во која припаѓаат. Во остварувањето на таквите планирани резултати сигурно придонесоа и интензивните развојни и маркетинг-активности за лансирање на нови вкусови, редизајн или репозиционирање на брендовите. Во последните неколку години, во однос на постоечкото портфолио, иновирани се речиси половина од производите. Освен тоа, во согласност со традицијата на квалитет, водиме сметка за целиот процес на производство, од одбирање и купување на најдобрите суровини, до финалниот производ. Со години наназад ги почитуваме стандардите ИСО и ХАССП и нашето производство е на најголемото можно ниво на квалитет што се применува во светската прехранбена индустрија.

Дали кризата, сепак, се одрази на работењето и на кој начин?

Секако дека падот на стандардот се чувствува во сите сегменти, па и во прехранбената индустрија. Потрошувачката на храна и пијалаци во целиот регион го допре дното, особено во Србија, а цената сè почесто е основниот критериум за купување. Домашните производители се борат со нивната конкуренција – увозниците, пред сè со малопродажните синџири што се во можност на различни промоции и акции да им излезат во пресрет на потрошувачите кои сè повеќе купуваат плански и со цел и покрај достапните цени очекуваат за своите пари да добијат и некоја дополнителна вредност. Меѓутоа, во нашето работење се држиме до правилото дека треба да се приспособуваме на новите услови, па затоа во кризата нашето работење е стабилно и во согласност со очекувањата со константен пораст на приходите од продажбата, генерално на ниво на групацијата, без оглед на шесте години рецесија во регионот. Така, „Штарк" во 2013 година забележа пораст од 2,8 отсто на пазарите во Србија, Македонија и Хрватска и рекордна продажба.

Дали имате забележано промени во потребите на потрошувачите и во што се состојат тие? Дали во согласност со тие промени сте менувале нешто во асортиманот и што?

Покрај достапните цени, потрошувачите сè почесто обрнуваат внимание на декларацијата и на составот на производите. Повеќе се информирани и водат сметка за тоа колку од она што производот го содржи е добро или лошо за здравјето. „Штарк" веќе неколку години константно работи на тоа да користи исклучиво природни состојки. Така, во последните неколку години ги заменивме вештачките ароми со природни, исто така користиме природни бои и воведовме нехидрогенизирани растителни масти наместо хидрогенизирани масти. Се определивме за развој на здрави категории на производи: кексот Integrino е пример за многу успешен бренд, што благодарение на својот состав, одличниот вкус и препознатливиот идентитет успеа многу бргу да ги освои потрошувачите.

Сè повеќе има приватни трговски марки во оваа категорија. Дали ги доживувате како конкуренција и дали презедоа дел од пазарниот колач?

Наспроти јакнењето на приватните трговски марки, „Соко Штарк" не само што ја задржа туку и ја зајакна пазарната позиција на своите брендови во сите категории. Smoki веќе неколку години ја чува позицијата на апсолутен лидер во флипсовите. Во категоријата чоколадо со ширење на портфолиото на брендот Najlepše želje ја одржавме позицијата на првопласиран домашен производ на српскиот пазар. Чоколадата Najlepše želje и Menaž имаат континуиран тренд на пораст, без оглед на економската криза. Bananica е бренд што со себе носи посебна енергија, така што брендовите на „Штарк" имаат дополнителна вредност што ја чувствуваат потрошувачите, што е потврдено со остварените работни резултати.

Генерално гледано, како се борите со конкуренцијата?

Речиси сите брендови на „Штарк" го носат духот на повеќедецениска традиција и емоција што нè потсетува на нашето детство и на растењето на нашите деца. Таа доверба на потрошувачите се гради со години, со истрајна работа, но и со иновации, со развивање на понудата, со смелоста да се биде поинаков и да се оди чекор напред. Така стекнатата доверба на потрошувачите, „Штарк" не смее и не сака да ја изневери и затоа константно ги олеснува нивните желби и има за цел со максимално подобрување на постоечкиот асортиман да им излезе во пресрет на реалните желби на нашите купувачи, кога е во прашање развојот на новите производи. Само во последните две години го проширивме асортиманот со 16 нови производи од кои 9 се со целосно нова рецептура. Посебно би го истакнал новиот подбренд на Smoki Flipster во категоријата на пелет-производи.

Што гледате како ваша конкурентска предност?

За сите производи на „Соко Штарк" важи дека на пазарот конкурираат со препознатливиот квалитет и со емоцијата што секој наш потрошувач ја чувствува додека ужива во нашите производи, а што ги прави посебни и единствени. Суштината и силата на еден бренд се гледа во јачината на емотивната врска и неповторливото доживување што се буди кај потрошувачот, а тоа доживување е нашиот најважен капитал.

Кои се главните трендови моментално во светот во производството и пласманот на грицки?

Најзначаен пораст бележи категоријата здрави грицки. Таа категорија сè уште е релативно мала, но нејзиниот пораст е голем. Многу се експериментира со вкусови и се работат наменски грицки за специјални светски случувања каде што се презентираат вкусовите на земјите-домаќини и на оние од регионот. Типичен пример е светското првенство во фудбал оваа година, каде што сите светски производители на грицки во својата програма презентираа минимум еден вкус на тема Бразил. Исто така, голем фокус се става на составот и комуникацијата за потеклото на суровините, со акцент на едноставни, локално познати состојки.

Категоријата грицки многу се приближува на категоријата на „gourmet" производи, каде што, освен грицкањето, многу битен е и вкусот, но и пакувањето на производот. Преку амбалажата се шири свеста за зачувување на животната средина, се користат материјали што можат да се рециклираат и што изгледаат поприродно.

Каква е ситуацијата на домашниот пазар?

Во време на интензивната економска криза во Србија, кога повеќето категории бележат не само количински пад на пазарот туку и вредносен, наспроти сè поголемата ориентација на потрошувачите на купување производи од пониските ценовни сегменти, категоријата грицки, односно екструдираните снек и солени стапчиња во Србија бележат значителен пораст на продажбата. Категоријата екструдирани снек производи во Србија минатата година количински пораснаа за дури 5%, благодарение на продажбата на Smoki, што во 2013 година оствари рекордна продажба, со што продолжи да го диктира порастот на пазарот на флипс како во Србија, така и во регионот. Исто така, категоријата на солени стапчиња минатата година порасна, како количински, така и вредносно. Брендот Prima дополнително ја засили својата позиција на предизвикувач, бележејќи континуиран пораст на продажбата од година во година, како и пораст на пазарното учество. Како и Smoki, така и Prima минатата година оствари рекордна продажба.

Smoki во 2013 година достигна рекордна продажба што придонесе во целата категорија грицки. Како го објаснувате тоа?

Денес, Smoki е апсолутен лидер во јадранскиот регион во категоријата флипс и стана генеричко име за сите категории флипс, независно од производителот. Претставува еден до главните столбови на компанијата на што се базира повеќедеценискиот успех. Токму затоа беше неопходно дополнително возбудување во консумирањето на овој бренд, па во минатите пет години портфолиото на Smoki значително се прошири со цел подмладување на брендот: Smoki Smokić е наменет за децата, додека само за помладата машка популација што се доминантна целна група за категоријата грицки, го лансиравме Smoki King Size со интензивни вкусови. Иновативност во смисла на облик и нови вкусови ги применивме преку Smoki Flipster, нашиот најмлад подбренд наменет за тинејџерите и на нивните барања за грицки со интензивни вкусови и крцкавост. Со добро регионално позиционирање на брендот Smoki преку сите продажни канали, остваривме лидерска позиција во повеќето земји во регионот: Србија, БиХ, Словенија и Хрватска.

Колкави се капацитетите на фабриката и колкав процент од производството се извезува? На кои пазари најмногу извезувате? Кои производи во моментов се извезуваат и кои се во план да се извезуваат?

Своите производи од категоријата флипс, чоколадо, наполитанки и кекс „Штарк" ги продава во Србија, БиХ, Македонија и ЕУ (Хрватска и Словенија). Пазарите од регионот се нашите главни пазари и тука сакаме да го оствариме и да го унапредиме миксот на традицијата и современите трендови на „Штарк". Во моментов на пазарите во регионот „Штарк" пласира околу 30 отсто од своите производи што минатата година изнесуваа повеќе од 26.000 тони.

Неодамна, „Атлантик Група" влезе во бизнисот со чипс. Дали и на кој начин тоа ќе се одрази на работењето на „Штарк"? Што претставува оваа аквизиција на фабриката од Долни Михољац за целата групација?

„Атлантик Група" со компанијата „Канаан" за производство и промет на прехранбени производи од Долни Михољац договори стратешка соработка на услужно производство на асортиманот солен снек и почна со длабинско снимање на можностите за поголемо преземање. Со овој чекор „Атлантик Група" се етаблира како значаен фактор во сегментот чипс на подрачјето на југоисточна Европа. Новиот бренд Chipsos ќе се развива во рамките на асортиманот за солен снек во „Штарк" со палета на нови производи, така што, како водечки регионален производител на флипс, „Штарк" со новиот бренд силно влегува и во категоријата чипс.

Со договор со компанијата „Канаан" предвидена е и можноста за поголемо преземање. Дали ќе дојде до тоа?

Со договорената стратешка соработка во производство на чипс за нов бренд, „Атлантик Група"почна и процес на длабинско снимање на работењето на компанијата„Канаан". Во процесот се разгледуваат можностите за поврзување на „Атлантик Група" и „Канаан", односно преземање на уделот во сопствеништвото на компанијата „Канаан".

Што ќе направите во наредниот период за да ја задржите компанијата меѓу водечките?

Со цел остварување на понатамошен пораст во работењето во вака предизвикувачките макроекономски околности и понатаму ќе се фокусираме на органскиот пораст на работењето преку иновативност во производствените категории, активен бренд менаџмент, оптимизација на трошоците со исполнување на финансиските обврски, а притоа земајќи ги предвид моменталните потреби и моменталната состојба на пазарот во Србија и во регионот.

Дали сте задоволни со работењето на македонскиот пазар и сметате ли дека има простор за подобрување?

Пазарот во Македонија, и покрај благо речено предизвикувачката економска ситуација, веќе пет години по ред расте, така што и во 2013 година „Атлантик Група" на овој пазар оствари пораст на приходите од продажбата за околу 3 отсто, но секогаш има простор за подобрување. Во последните неколку години најзначаен пораст на продажбата е забележан токму во асортиманот на Слатко и солено со брендовите Smoki, кексот Štark, чоколадата Najlepše želje, а потоа категориите на газирани безалкохолни сокови со брендот Cockta... Работењето во денешни услови навистина многу бара и гледајќи ги генералните показатели, видлив е голем пад на потрошувачката, покрај сè пониските цени на клучните производи. Наспроти кризата, настојуваме порастот на приходите од продажбата да продолжи, бидејќи секогаш сме биле доволно систематични и стабилни за да ги задржиме постоечките позиции, а сепак флексибилни, така што можеме да се приспособиме на потребите во околината и промените на пазарот.


 
 
 
 
back to top