IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 25.04.2018 || Domaine Lepovo Grand Cuvée светски шампион  |  Повторна продажба на имотот на компанијата „Малина“  |  „Хајнекен“ оствари солиден количински пораст  |  „Агрокор“ продолжува непречено да работи од 15 јули?  |  „П & Г“ презеде дел од портфолиото на „Мерк“ за 3,4 милијарди евра  |  „Гринјард“ бара снабдувачи во Македонија  |  „Сите сити“ - нов систем за донирање вишок храна  |  Медицинска опрема од „Жито лукс“ за четири болници  |  Во „Веро“ - Тафталиџе бесплатен паркинг 30 минути  |  „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „Кастронг“

10.08.2016

Приказните на малите трговци, кои со цело срце и душа ѝ се посветуваат на работата, долго ги паметиме и по разговорите со нив. Исполнети со топлина, емоции и со вистински вредности, тие ни покажуваат дека без нив, големата сложувалка наречена трговија, едноставно, не би била целосна.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Еден топол јулски ден, екипата на InStore се упати кон скопската населба Ѓорче Петров, поточно на улицата „Борис Сарафов", број 51, во посета на „Кастронг". Малата, но компактна продавница, е бизнис на семејството Крстевски, а приказната за почетоците и за тековното работење ни ја раскажа Каролина.

Продавницата е отворена пред 10 години, во мај. Претходно, работев во колонијал, а сопругот во фирма, од каде што неочекувано, преку писмо, го известија дека е технолошки вишок. Во тоа време, близнаците Мартин и Марјан беа малолетни, а поголемиот Влатко, само што наполни 18 години... Живееме во близина и поминувавме овде, го гледавме дуќанот, кој не беше во ваква состојба. Уште додека работев во колонијалот, сопругот ме праша дали сакам да отвориме наша продавница. Се согласив затоа што и двајцата добро ја познававме оваа работа, а и децата да ги изведеме на некој пат. Почнавме со дел позајмени пари, дел кредит..., се присетува Каролина.

По две недели, откако „пружиле рака" со газдата на дуќанот, Крстевски почнале со преуредување на продавницата со површина од 40 квадратни метри и магацин од 12 квадратни метри. Првичниот избор за име на продавницата бил „Стронг" (силно), но бидејќи веќе бил зафатен, настанала кованицата „Кастронг".

Најпрвин, во продавницата работеа сопругот и Влатко, по еден во смена. Откако дуќанот се разработи се вклучив и јас, а по завршувањето на училиштето и близнаците. Почнавме со помал асортиман на производи затоа што немавме толку моќ. По една-две години, откако се виде дека дуќанот добро работи, дистрибутерите добија доверба во нас и ни дадоа повеќе стока на одложено плаќање. Во првите пет години, златната доба на „Кастронг", бевме со „Хедис", раскажува Каролина.

Во асортиманот на продавницата се вклучени сите трговски групи – леб, млеко и млечни производи, кондиторски производи, сувомесни производи, овошје и зеленчук, смрзната програма, средства за чистење, козметика, алкохол, цигари, како и голем број акциски производи. Освен тоа, „Кастронг" нуди и дополнување на телефонските сметки, а услугите можат да се наплатат и со безготовинско плаќање.

За нарачките се грижат Каролина и Влатко, кои работат прва смена, а близнаците се втора: Асортиманот, можеби не е количински, но имаме голем избор од свежи и квалитетни производи. Работиме со повеќе фирми, со кои имаме воспоставено заемна доверба. Освен тоа, се снабдуваме и од магацинот на „Макропром", од кој нарачките ги правиме по електронска пошта, а потоа децата, со нашето сопствено комбе, одат и ја земаат стоката.

Каролина додава дека постојано ги следат рекламите: Кога и да видиме производ на реклама, веднаш го земаме, затоа што сакаме да бидеме актуелни.

Поголемиот дел од муштериите на „Кастронг" се соседите и учениците од „Мирче Ацев", но бројни се и тие што се на поминување, на пат кон Сарај. Луѓето доаѓаат поради љубезноста, секогаш свежиот асортиманот, а и нашите близнаци, сите ги познаваат J. Може и да не ни е денот, ама тоа не го покажуваме. Интересно е тоа што на одмор одиме колективно, една недела, и тогаш дуќанот се затвора. Соседите едвај чекаат да се вратиме – бабите нè прашуваат: Што направивте, кога ќе се вратите? Леле, нема од кај леб да купиме! Првата година не оставивме ливче дека сме на одмор и сите беа збунети... Силна е таа емотивна врска со муштериите..., низ смеа вели Каролина.

На прашањето дали би отвориле уште една продавница, Каролина одговори дека би сакале, но не можат да го поднесат тој товар: Не би оделе повеќе од ова. Јас сум од 18 години во оваа дејност, а исто и сопругот. Оставаме на децата – тие се помлади и поенергични. Ако се решат за тој чекор, ќе ги поддржиме и ќе им помогнеме.

На крајот од разговорот, Каролина направи кратка ретроспектива на работењето:  Првите пет години живеевме подобро од оваа работа. По „Хедис" беше потешко – немавме бесплатна реклама на телевизија, немавме поевтини производи, се боревме со цените... Во околината на „Кастронг" нема големи маркети, но затоа има повеќе мали дуќанчиња и секој се бори со свои цени и набавки. Нашата порака е дека може да се успее од нула! Може да се постигне ако се работи упорно и посветено. А, ние бевме многу упорни – со години работевме и во недела. Ако работиш – ќе имаш!


 
 
 
 
back to top