IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 14.12.2018 || „Виталиа“ продава и во Бангладеш   |  „Нектар“ и „Нелт“ се здружија во Србија   |  „Старбакс“ ќе отвори уште 2.100 ресторани ширум светот  |  „Жито маркети“ прослави 30 години   |  „Дм дрогерие маркт“ забележа двоцифрен раст   |  „Розе“ во „Вашингтон пост“   |  „Виолета“ ја разубави скопска Гинекологија   |  Vincinni извезува во Јужна Кореја   |  Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „Дисконт М“

14.02.2018
 

Почнале со мали продавници од осумдесетина квадратни метри. Денес се препознатливи како маалски маркети што нудат квалитет и избор како и големите. Во маалата каде што порано имале дуќани остануваат запаметени по нивната услужливост и срдечност.

Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk

 

Името „Дисконт М" е познато во неколку скопски маала. Каде и да биле дел од секојдневието – кај поранешниот Цветен пазар, кај ТЦ „Бисер" и кај поранешната слаткарница „Стела" во Аеродром, или кај трговскиот центар во населбата Лисиче – доживувани се како дуќан во кој ти е ќеф да влезеш, и кога беа помали, во дуќани од по осумдесетина квадратни метри, но и денес, како маалски маркети што имаат да понудат квалитет и асортиман колку и маркетите на големите трговски синџири.

Тоа го велат и муштериите.

Почнале пред повеќе од 20 години кога Кристијан Масторидис, како тазе матуриран средношколец, решил да се посвети на трговскиот занает, кој го учел од татко му, трговец со кафе. Денес е сопственик на два маалски маркети:

„Дисконт М" бр.1 (бул. АВНОЈ бр. 72, Аеродром, вкупна површина околу 300 m2) во кој главно пазаруваат луѓето од околните згради и „Дисконт М" бр.2 (ТЦ Лисиче, бул. Трета македонска бригада, вкупна површина 285 m2), каде што е пофреквентно - автобуска станица, училиште, полициска станица – „маркет на патот кон дома" за многу жители на Лисиче кога се прибираат од работа.

Фирмата „Мастер интер" ја основале во 1999 година, семеен бизнис, во кој се вработени и Емилија и Јани Масторидис, сопруга и син на Кристијан. Впечатлив податок кога се работи за маалски дуќани, имаат 28 вработени, од кои повеќето се дел од тимот веќе 10-15 години.

Маркетите се во непосредна близина со силна конкуренција од етаблираните големи трговски синџири. Времето е жестоко, но искуството направило да го најдат својот пат да преживеат и да растат, постепено, внимавајќи на одржливоста.

Од нивната приказна во меморијата остануваат неколку насоки на кои внимаваат: иновативност, стабилност, флексибилност и услужливост кон муштериите и свесност за драгоценоста на работењето со стабилен и посветен тим.

Мали сме, но се стремиме да работиме како големите – вели Емилија Масторидис, сумирајќи го нивниот пат.

Големите синџири, колку што ни се конкуренција, толку ни се и пример. Таквите трендови мора да се следат. Тоа е трендот на малите.

Флексибилни се, ефикасно се организирани, брзи се во донесувањето на дневните одлуки. Една од иновациите е работењето со скапо платен софтвер, „каков што користат и големите", кој прави системот да им е поефикасен, да им ги намали трошоците и загубите, па брзо можат да изреагираат, на пример, со овошјето и зеленчукот од претходниот ден, да ги понудат по „втора цена", збогатувајќи ги изборот и приемчивоста.

Понекогаш им било тешко да ги прифатат новините – како сопственици и како тим, но набргу станувале свесни за придобивките. Со муштериите внимаваат да бидат флексибилни и услужливи, да ги пречекаат со срдечност, да им овозможат брза услуга. Лесно се забележува нивната проактивност да одговорат на што повеќе потреби на купувачите: отворени за дополнување на асортиманот со нови производи што им ги бараат, да им овозможат секојдневен избор од готвени јадења, простор во кој се чувствуваат пријатно.

Да си ја завршат целата работа со едно доаѓање. Ќе побараат нешто, ќе се јавиме, следниот пат ќе го имаме. Си живееме едни со други, растеме. Тоа е нашата предност пред големите, се надоврзува Јани, дипломец на политички науки кој решил да продолжи во семејниот бизнис.

Како е да се работи таму, ни раскажа Весна Бојковска, вработена во „Дисконт М" веќе 15 години: Уште кога дојдов да работам, сопственикот секогаш ни велеше: „Сакам да ве гледам насмеани, позитивни". Така, изградивме многу убав меѓусебен однос – и внатре, како тим, и со муштериите.

Што би направиле кога би имале доволно пари? Ни одговори, за крај, Емилија: Да се шириме уште, тоа не. Не верувам. Но, на прво место ни е да им ги зголемиме платите на вработените. Мислам дека и сега не се мали, споредено со другите трговски синџири, но сè би направила да можеме да им дадеме уште повеќе. Зашто сме веќе како фамилија, 15 години. Со нив живееме.



 
 
 
 
back to top