IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 20.07.2018 || „Луксол“ повторно работи  |  Трговски vs А-брендови  |  „Волмарт“ се повлекува од јапонскиот пазар  |   Нови бензиски пумпи на КТЦ  |  Добивката на „Плантаже“ изнесува 2,4 милиони евра  |  „Ошан“ воведе гласовен четбот за вино и храна  |  Нова франшизна продавница „Шпар партнер“  |  Специјално пиво по повод средбата Трамп-Путин  |  Доделени првите грантови за домашни компании  |  „Карлсберг“ отвора нова пиварница  |  Кинези ќе градат индустриски парк за овошје и зеленчук  |  Нов ИнфоЛогистички центар во Љубљана  |  „Велпро“ ќе ги поддржува малите трговци  |  Белград стана побогат за уште еден dm  |  Резултатите на „Пепсико“ се подобри од очекуваните  |  Кратошија меѓу најдобрите вина на британскиот пазар   |  „Интермарше“ за постари лица  |  Повисоки трошоци за живот и малопродажни цени во јуни  |  „Бимилк“ подари ново место за спорт и рекреација  |  „Унилевер“ го купи бугарскиот бренд сладоледи Denny  |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „Агровита Мак“

16.10.2017
 

За да стигне до денешната препознатливост, продавницата „Агровита Мак" во скопски Центар требалo да помине долг пат, низ големи успеси и неизвесности. Но, секогаш продолжувале, како феникс.

Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk

За да стигне до денешната препознатливост, продавницата „Агровита Мак" во скопски Центар требалo да помине долг пат, низ големи успеси и неизвесности. Но, секогаш продолжувале, како феникс.

За продавницата „Агровита Мак" на булевар Свети Климент Охридски може да се рече дека е една од најпрепознатливите маалски продавници во центарот во Скопје. Нејзината историја почнува одамна и, би можело да се каже, имала непредвидлив тек како пробивањето низ сообраќајниот метеж во уличките што ја опкружуваат, отсликувајќи го патешествието низ транзицијата на општеството.

Почнавме како семкарница во Автокоманда. Ние сме меѓу најстарите дуќанџии во Скопје, ни рече Вејсел Халими, втора генерација во семејниот бизнис, што во средината на 1980-тите години го почнал неговиот татко, Џелил.

Во помалите дуќани муштериите добиваат подобар однос. Ги служиш. Се знаеме одамна, нè почитуваат, но и побрзо се услужени.

Посветеноста и чесноста неизбежно ќе дадат плод. Семкарницата со време прераснала во дуќан, кој го работеле ортачки, татко му и чичко му. Вејсел, тогаш како петгодишно дете, често бил во дуќанот, гледал и помагал.

Низ годините имале можност да ги видат и убавите и тешките страни на трговскиот занает, на придобивките од иницијативноста, но и на неслогата што може да настапи по само една погрешна процена во трговијата, дури и кога е трговецот во период на подем и на лично изобилство.

По успехот во Автокоманда, решиле да отворат дуќан во Аеродром, дракстор „Дени", кај продавничките кај „Тобако 2". Осетот за трговија бргу ги покажал плодовите. Дуќанот што кога дошле бил на отпатно место, набргу осамнал на хит-локација, по пуштањето на булеварот што ги поврзал Железничката станица и новиот дел на Аеродром.

Бевме меѓу првите дуќани што работеа 24 часа. По двапати во денот се снабдувавме со овошје. Растоваравме по половина камион од „Пивара" во денот. Кога ќе дојдеше празник, продававме по едно „тамче" чипс, се сеќава Вејсел.

Добрата локација била поттик да го прошират работењето со уште една дејност: бурек и бели печива. Набргу следувал уште еден доказ дека вреди да се експериментира со производ кој го нема, а на друго место бил многу успешен: пица-бурек!

Редици. За пица-бурек! Во тоа време, никој не знаеше што е пица-бурек. Го донесовме ние, се обидоа и други, но, кај нас доаѓаа „фаци", работевме нон-стоп. Од шетање - на бурек, вели Вејсел.

Како што растел бизнисот, доаѓале и тешкотии: одлука да се обидат со трговија на големо со месо, ни од далеку свесни дека набргу ќе избие афера со увезено неисправно месо; неслогата што може да се јави дури и меѓу родени браќа, кога бизнисот ќе почне да чкрипи.

Но, продолжувале, како феникс. Дракстор „Дени", дакстор „Киндер". Слаткарница со мајстор за баклави донесен од Турција, „Мимоза". И несудениот бизнис во друга област - фарма - од која останало и името на фирмата, „Агровита Мак". Идејата останала нереализирана, кога им се укажала можност да го купат дуќанот во кој некогаш биле, во кој се и денес, дуќанот кај Соборниот храм во Скопје.

Фирмата „Агровита Мак" денес работи со две продавници, раководени од Вејсел Халими, со шест вработени.

Продавницата бр. 1 е на улица Франклин Рузвелт бр. 15, на површина од 45 квадратни метри со 35 квадратни метри магацински простор. Купувачите главно се од локалното население, но значителен дел од муштериите се минувачи кои пазаруваат „на крупно".

Продавницата на булевар Свети Климент Охридски бр. 23 е на површина од 30 квадратни метри, со пет квадратни метри магацин. Купувачите се луѓе од околните згради, со кои одамна се познаваат, дотолку што се случува и да им оставаат клуч да им ги полеваат цвеќињата додека се на одмор. Асортиманот содржи околу 1.100 артикли.

Во помалите дуќани муштериите добиваат подобар однос. Ги служиш. Се знаеме одамна, нè почитуваат, но и побрзо се услужени. Доаѓаат луѓе што не гледаат многу разлика во цената. Тие што им е важна цената, одат во големите супермаркети, ни рече Вејсел. Го слушавме заедно со неговиот син, Един, следната генерација трговец во семејството.


 
 
 
 
back to top