IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 24.01.2018 || „Карлсберг“ мора да плати пазарна цена за уделот во „Хабеко“  |  Норвешкиот амбасадор ја посети фабриката „Књаз Милош“  |  И „Сеинсберис“ ќе крати менаџерски позиции  |  „Карфур“ ја објави визијата за 2022 година  |  „Амазон“ ги објави 20 потенцијални локации за новото седиште  |  „Теско“ затвора 1.700 менаџерски работни места  |  Мрежата на „Профи“ достигна 700 објекти  |  „АЦ фуд“ го купува последниот дел од имотот на „Агрокомерц“  |  „Шпар“ - Словенија ја претстави онлајн-продавницата  |  Отворен е првиот „Амазон гоу“ за потрошувачите  |  Промоција на Fuzetea, бренд достапен и на македонскиот пазар  |  Нов „Алди-М плус“ во Гевгелија  |   „Бивода“ планира извоз во Македонија и во Грција  |  Престижен орден од Финска за Светозар Јаневски  |  „Мигрос“ останува лидер, најголем скок во интернет-каналот  |  „Биедронка“ станува сè посилна  |  „Тривит“ ги презеде постројките на пекарницата „Алимпије“  |  „Плодине“ го отворија 81. продажен центар   |  „Гомекс“ планира отворање на 30 продавници  |  „Бел фуд груп“ го презема „Хугли“  |   ||
   

Кочо Анѓушев: Со поевтина струја до поголема конкурентност

20.06.2014
 
Кочо Анѓушев, сопственик на „Енерџи Деливери Солушн"

По повод поминувањето на првите два месеца од првата фаза на либерализацијата на пазарот за електрична енергија што ги опфати најголемите фирми во Македонија и во пресрет на втората фаза во која на слободниот пазар ќе излезат и малите фирми.
 

Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk

Се случи и тоа – либерализација на енергетскиот пазар во Македонија. Како би ги оцениле првите два месеца од либерализацијата од аспект на сопственик на компанијата-снабдувач „Енерџи Деливери Солушнс"?

Во Македонија постојат два пазара на електрична енергија. Првиот пазар е регулиран, тоа е пазарот на фирми и граѓани што практично немаат избор од каде да купат електрична енергија – тоа го прават по цени што ги регулира Регулаторната комисија за енергетика и мораат да го направат тоа од ЕВН. Тој пазар во моментов го сочинуваат граѓаните и помалите фирми – оние што имаат под 50 вработени и 10 милиони евра промет. Фирмите што имаат над 50 вработени и над 10 милиони евра промет веќе се слободни на пазарот да купат електрична енергија. Тоа е слободниот, односно либерализираниот дел од пазарот и од него „Енерџи Деливери Солушнс" (ЕДС) покрива 64%, што значи дека има најголем удел на пазарот, а потоа доаѓа ЕВН со 19% и останатите неколку компании што покриваат 17%.

Од аспект на ЕДС, со оглед на тоа што успеавме да освоиме 64% од пазарот, нашата процена е дека либерализацијата е успешна. Но, уште поважно е што таа е успешна и од аспект на клиентите на ЕДС, затоа што сите тие имаат пониски цени на електричната енергија во споредба со тие што ги плаќале пред либерализацијата на пазарот. Заштедата на фирмите што се клиенти на ЕДС е помеѓу 20 и 40 отсто. Со оглед на тоа што станува збор за седумдесетина компании што се сериозни македонски производители и големи потрошувачи на електрична енергија, нивната потрошувачка како маса на енергија е 64% од вкупната потрошувачка на компаниите на слободниот пазар, некаде околу 2,5 терават часови електрична енергија или 25% од целокупната енергија што се троши во Македонија. Кога ќе земете предвид дека сите тие фирми заштедиле во еден од основните чинители на нивната цена – енергијата, ќе видите колку е важно за нив намалувањето на цената на енергијата.

Либерализацијата е успешна затоа што ги намали трошоците на овие фирми и ја зголеми нивната конкурентност. Сега, цената на електричната енергија за македонските фирми практично стана иста каква што е и за фирмите од земјите како Германија, Франција, Австрија... Претходно имавме парадоксална ситуација – македонските фирми плаќаа поскапа цена на електрична енергија и залудно имавме евтина работна рака. Кога имате скапа енергија, кога имате скап транспорт, веднаш сте неконкурентни на пазарот. Затоа сметам дека со овој потег сериозно се зголеми конкурентноста на македонските фирми.

Ова беше дел од првата фаза од либерализацијата. Втората фаза е излегување на слободниот пазар на малите компании и таа треба да се заврши начелно до 15 септември, иако Вие имавте изјавено дека можно е и да се пролонгира. Имаат ли обврска фирмите да се одлучат за снабдувач или тоа треба да го направат само доколку сакаат да го променат постојниот снабдувач?

Европската регулатива вели дека секој свесен субјект, како што купува други производи за своите потреби, така треба да купува и струја на најсоодветниот начин и по најдобри цени. Ако тоа не го направите нема да останете без струја, но тоа се вика снабдување во краен случај. Суштината е дека снабдувањето во краен случај е најскапата варијанта, а сè останато треба да биде конкурентно и поевтино на слободниот пазар, со отворени опции за преговарање за цената на електричната енергија. Затоа, мојата препорака до сите компании е дека е подобро тие самите да направат договор со снабдувачот чиишто цени и услови најмногу им одговараат, отколку некој тоа да го направи во нивно име, затоа што тоа секогаш ќе биде поскапо.

Каква е постапката на договарање на цената на електричната енергија на фирмите со ЕДС? Дали имате дефинирани понуди што тие можат да ги прифатат или ги приспособувате понудите во зависност од фирмата?

Бидејќи секоја голема фирма има свои специфики, како што се: работа во смени, дење-ноќе, сабота-недела, големина на потрошувачка, ние имаме „tailor made" понуди, односно ги приспособуваме понудите за секоја фирма посебно, додека за помалите фирми ќе имаме унифицирани производи од коишто тие ќе можат да изберат, што е многу слично со мобилните оператори – вие го избирате пакетот што вам ви е најсоодветен.

Каква е постапката за пристапување на фирмите кон ЕДС?

На фирмите сме им достапни во нашите канцеларии, а наскоро ќе можат до нас да пристапат и преку веб-страница, каде што ќе можат да направат барање за добивање понуда, да остават нивни податоци и ние да им испратиме понуда. Многу е важно фирмите да разберат дека целокупното префрлување е целосно „безболно" за нив, дека целата работа за нив не подразбира никаков дополнителен кадровски, финансиски или технички ангажман, дека целото префрлање е замислено на тој начин што фирмите нема да почувствуваат дека се префрлиле од еден на друг снабдувач.

Кажавте дека големите компании што се ваши клиенти заштедиле од 20 до 40 отсто на електричната енергија. Колку би можеле да заштедат малите фирми доколку се префрлат во ЕДС?

Процентот е тој – меѓу 25 и 30, со тоа што сè зависи од тоа каков тип на потрошувач е фирмата. Ако земеме мала продавница, на пример, заштедата на електрична енергија може да биде и до 30-40%. Што се однесува до цената, тие во моментов плаќаат од 110 до 130 евра по мегават час, а таа цена би можела да се намали на најмногу 80 евра по мегават час.

Што би им порачале на фирмите што во втората фаза треба да излезат на слободниот пазар, на оние помалите?

Она што имам да им го порачам на компаниите е да не се плашат од процесот на либерализација. Треба да сфатат дека не треба да прават никакви измени во своето работење како резултат на либерализацијата на пазарот. Нека побараат понуди од повеќе фирми и нека не бидат пасивни, затоа што само така можат да се надеваат дека нивниот трошок за електрична енергија ќе може значително да се намали.

...што значи дека автоматски ќе го зголемат нивниот профит.

Видете, не треба да гледаме само на тоа дека фирмите ќе го зголемат својот профит. Фирмите треба да ја зголемат својата конкурентност. Тоа е суштината, затоа што кога вие ги намалувате трошоците, имате можност да ја намалите и крајната цена ако сакате да ја задржите истата маргина што сте ја имале и претходно. Тоа значи дека станувате поконкурентни на пазарот, а кога сте поконкурентни можете да имате поголем обем и со иста маргина по единица производ на крајот да имате поголем профит. И да не си ги земете овие пари од заштедата на електрична енергија директно за себе, пак ќе заработите индиректно.


 
 
 
 
back to top