IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 22.09.2018 || Голема забава со Петко, „Поточиња“ и вкусна храна пред Веро Тафталиџе  |  Данците бараат органска храна   |  „Едека“ воведува ласерски етикети   |  „Веро“ трајно ги намали цените на 650 производи   |  Се продава „Навип винарство“   |  Кроасаните 4U добија интернационален сертификат   |  „Метро“ најави продажба на хипермаркетите „Реал“  |  Македонија со национален штанд на најголемиот прехранбен самит во ЈИЕ   |  „Фонтера“ првпат работи со загуби   |  Сарај доби „Coca-Cola Aктивна зона“   |  Кочанскиот ориз не е со ГМО   |  „Витаминка“ изложува на саемот Worldfood Москва 2018   |  „Бовин“ прослави две децении постоење   |  „Бимилк“ му даде нов лик на Тумбе Кафе во Битола   |  „Лесковачка скара“ само со дозвола   |  „Бучен Козјак“ се редизајнираше – производите со нови дизајни веќе се на полица  |  Пивото ќе поскапи од 2019 година  |  Нова мобилна апликација на „Рамстор“   |  За три месеци одземени половина тон лажен мед   |  Нема потврда од науката дека ГМО се штетни   |   ||
   

Искра Ветаџокоска-Муцунска: Не сме за инстант резултати, туку за долгорочен успех

20.12.2017
 
Искра Ветаџокоска-Муцунска, менаџер и косопственик на „Виталиа"

Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk
 
Од денешна гледна точка, „Виталиа" е една од највизионерските компании во FMCG-секторот во Македонија, која прилично рано ја увиде експанзијата на зголемувањето на свеста за здравата храна во светот и прва тргна да го оди патот на едукација на потрошувачите на македонскиот пазар. За Искра Ветаџокоска-Муцунска, првиот човек на компанијата, станува збор за природен процес во изградба на односите со потрошувачите, кој завршува со препознавање на добрите намери на компанијата.

Што значи определбата за работа на едукација на пазарот? Дали може однапред соодветно да се предвиди периодот што е потребен за еден едукативен проект да даде конкретни резултати или станува збор за континуиран „work in progress"?

Едукацијата на тема храна и здравје е неисцрпна, никогаш не престанува, а најважно е да почне од најрана возраст.

Нашата едукативна мисија е постојан процес од кој не отстапуваме, за некои работи и самите се доедуцираме, ги следиме светските трендови и, секако, реакциите и потребите на потрошувачите. Ни претставува задоволство што воспоставивме релации на доверба со потрошувачите, тие ги следат новостите во нашето производство, се интересираат за технолошките новитети во прехранбената индустрија и знаат да го направат вистинскиот избор за своето здравје. Нашите производи се за сите генерации, за различни категории на луѓе, за луѓе кои сакаат да одржуваат здрав живот, за тие со одредени тешкотии и токму поради тоа едукацијата е важна и треба постојано да ја има. За таа цел, нашите нутриционисти се достапни за прашања, за одредени консултации. „Виталиа" е транспарентна компанија што се грижи за своите потрошувачи и не ни е сеедно каква е  нивната перцепција за нас.

До InStore стигнаа информации дека продажбата на сегментот здрава храна во маркетите во Македонија годинава забележува пад. Дали и „Виталиа" се соочува со тој проблем?

Генерално, влошената политичка ситуација во земјата се рефлектираше и во економијата, предизвикувајќи намалена потрошувачка генерално. Сите беа во некакво исчекување, а тоа влијаеше и на економските активности на компаниите. Сега е подобрена ситуацијата, во последните три квартали бележиме пораст, особено во иновативните категории како што се безглутенските производи, производите без додаден шеќер и слично. Очекуваме да продолжи позитивниот тренд.

Колку сте задоволни од соработката со трговските синџири во Македонија?

„Виталиа" има одлична соработка со трговските синџири во Македонија. Особено би сакала да истакнам дека голем дел од нив им дадоа предност на здравите прехранбени продукти на полиците, разбирајќи ја потребата тие да бидат на дофат на потрошувачите. Во големите маркети има и посебен „корнер" за здрава храна каде производите од широкото портфолио на „Виталиа" доминираат.

Влошената политичка ситуација во земјата се рефлектираше и во економијата, предизвикувајќи намалена потрошувачка генерално. Но, сега е подобрена ситуацијата, па во последните три квартали бележиме пораст, особено во иновативните категории.

Од друга страна, земени како целина, малите маалски продавници сè уште го имаат приматот во целокупната продажба на FMCG-производи. Колкав е процентот на продажба во Македонија и во регионот што го остварувате преку овој канал?

Нашата идеја и мисија е здравата храна да биде достапна за секого. И, да, имаме застапеност и во маалските продавници, каде поради ограничениот простор ги имаме најобртните производи.

Процентот кој се остварува преку овој канал е приближно 10%, што значи дека потрошувачите претпочитаат да купуваат од корнерите за здрава храна, каде постои широк асортиман на производи.

„Виталиа"веќе со години има е-продавница. Каков тренд се забележува низ годините во делот на е-продажбата?

Нашата е-продавница е креирана за да им служи како брза и лесна алтернатива за пазарување на потрошувачите. Иако трендот на онајн-пазарување продукти во Македонија е бавнорастечки, промените во потребите и во очекувањата на помладите потрошувачи и технолошкиот напредок кој тие уживаат да го следат, ќе го раздвижат онлајн-купувањето храна забележително уште наредната година.

Оттука, остануваме позитивни во убедувањето дека македонскиот купувач на интернет ќе ги искористи предностите на е-пазарувањето и ќе се вклучи кон светскиот тренд во овој сегмент.

За следната година во план ни е лансирање на модернизирана веб-страница на „Виталиа", која ќе ги интегрира новитетите на дигиталната комуникација и ќе претставува „one stop shop" за вљубениците во здравата исхрана и здравиот животен стил.

Како гледате на присутноста на интернет и кои алатки за мерење на ефектот од инвестициите во маркетинг на интернет ги користите?

За современа и динамична компанија како што е „Виталиа", огласувањето во интернет-етерот е неизбежно. Впрочем, онлајн-маркетингот стана интегриран дел од целокупната маркетинг-стратегија на речиси сите активни бизниси.

Иако сè уште е тешко да се измери прецизно ефективноста од ваквото огласување, ние ја ползуваме можноста за двонасочна комуникација со потрошувачите преку социјалните мрежи и другите интернет-канали. Сакаме активно да ги следиме нивните коментари и сугестии за нашите производи и настојуваме да одговориме на нивните директни прашања и предлози.

Различни онлајн-ресурси обезбедуваат различни сознанија за нашите маркетинг-напори, па внимателно ги следиме вистинските алатки за да ги анализираме вредните податоци. Најчесто ги користиме Google Analytics и Facebook Insights, затоа што таму наоѓаме одговори во доволен обем. Сметаме дека интегрираниот маркетинг (вклучување на различни канали за комуникација) дава најдобри резултати и комуникација со различни целни групи.

Лоциравме потреба од збогатување на нашата понуда во поглед на производи со зголемено ниво на протеини кои би биле наменети за спортисти и за рекреативци, како дел од секојдневната исхрана.

Дали се потпирате на истражувања на пазарот при планирање нови производи и проекти или одлуките ги носите врз основа на искуство и на интуиција?

Континуирано ги следиме истражувањата и трендовите во прехранбената индустрија, присутни сме на сите поголеми интернационални саеми за храна, во контакт сме со потрошувачите, па следствено на тоа ги креираме нашите планови и одлуки. Секоја година, јас и мојот тим експерти ги синтетизираме сите достапни информации од обемните коментари и извештаи од прехранбената индустрија, ги анализираме податоците од продажниот сектор за да ги предвидиме годишните комуникациски трендови или да ги оправдаме, односно отфрлиме нашите бизнис-идеи. Дополнително, нашето искуството стекнато низ годините, ни дава сигурност при донесувањето одлуки. Никогаш не избрзуваме, напротив, длабоко и аналитички пристапуваме при планирање нови производи и проекти. Не сме за инстант резултати, туку за долгорочен успех и за позитивна перцепција за „Виталиа", што севкупно на долг рок придонесува да бидеме стабилна и успешна компанија, на која сите ние сме горди, а која следната година слави јубилеј од 25 години на македонскиот пазар.

По линијата безглутенски производи што ја лансиравте годинава, која е следната категорија на производи на која (ќе) работите и која во блиска иднина би ја виделе на полиците во маркетите?

„Виталиа" е ориентирана кон постојани продуктни иновации и тоа е една од предностите што нè одржува како лидер во индустријата. Притоа терминот „иновација" не е само трендовски збор со кој „Виталиа" се истакнува. Напротив, нашето производство навистина се фокусира на претстојните случувања на пазарот и на идните перспективи.

Лоциравме потреба од збогатување на нашата понуда во поглед на производи со зголемено ниво на протеини кои би биле наменети за спортисти и за рекреативци, како дел од секојдневната исхрана. Кон развивање на овие производи пристапивме со најсовремена технолошка подготовка и јас сум сигурна дека новата протеинска линија ќе одговори на барањата на потрошувачите. Меѓу другото, ќе понудиме и нови сурови (raw) производи, кои ќе ги изненадат приврзаниците на суровата исхрана, а воедно ќе бидат исклучително вкусни и ќе изобилуваат со моќни нутриенти за оптимална хранливост.

Кои се сертификатите и наградите со кои како компанија најмногу се гордеете?

Како професионалци кои со голема љубов и посветеност го градат брендот, мораме и сакаме да посветиме внимание и на сертификатите кои од технолошки аспект ги потврдуваат високите стандарди по кои се спроведува целото производство. Така, успешно ги имплементиравме стандардите за безбедна храна како НАССР, ISO, BRC, Vegetarian. Ги добивме и специфичните кошер и халал-стандарди, кои ни овозможија пласман и на пазарите од Блискиот Исток. Горди сме и на имплементацијата на престижниот IFS-сертификат за квалитетно и безбедно производство кој има цел да го олесни пристапот до значајни трговски синџири од Европската Унија.

„Виталиа" е и првата компанија во Македонија што го имплементираше интернационалниот стандард за општествена одговорност SA 8000:2008, чија цел е да обезбеди практикување на етичкиот кодекс во секој сегмент на работењето на компанијата, што подразбира креирање на работна средина во која се елиминирани употреба на детски труд, принудна работа, како и дискриминација по каква било основа.

Што се однесува до наградите како „Супербренд", „Стубренд" и државната „11 Октомври", тие се наши најслатки задоволства кои не дозволуваме да нè заслепат и заспијат. Напротив, тие се само мотив да туркаме уште посилно и да си ги преиспитуваме сопствените граници, ако воопшто постојат. Нашата интенција е „Виталиа" секогаш да биде избор број еден за здрава храна не само во Македонија, туку и во регионот.

„Виталиа" континуирано работи и на извозот. Во кои земји се присутни вашите производи и дали правите посебна стратегија за продажба на секој пазар?

Ова е клучот на успехот на нашиот бренд – неговата подготвеност да има слух за секоја земја посебно, за барањата, вкусовите и за навиките што ги има секој народ и нашата подготвеност да бидеме спремни и да се втурнеме во авантурата наречена извоз. 

Како резултат на квалитетните и оригинални производи, брзата услуга и подготвеноста да се задоволат специфичните барања на купувачите, денес брендот Vitalia е присутен во најпознатите светски трговски синџири како: „Ошан", „Теско", „Кауфланд", „Метро", „Била", „Веропулос", „Карфур", „Шпар", „Меркатор", „Конзум", „Делез", „Холфудс", ДМ, а од пред две години и на светската е-продавница „Амазон", како и на рафтовите на „Холфудс" во САД и во Канада.

„Виталиа" извезува на пет континенти, во повеќе од 55 земји, меѓу кои САД, Австралија, Јапонија, Блискиот Исток, Русија, Индија, Либан, ОАЕ, Казахстан, Бразил, Сејшели...

Претпоставувам дека веќе ги имате во компјутер плановите за 2018 година. На што ќе се фокусира „Виталиа" следната година?

На пораст на производството и, секако, на зголемен извоз. На нови уникатни производи за конкретни целни групи. Ќе продолжиме со едукативните активности, со општествено одговорните практики и, секако, со напорна работа, како и досега.


 
 
 
 
back to top