IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 22.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

ИГД: Автоматизација во дистрибуцијата и логистиката на прехранбени производи

27.06.2018
 

ИГД ги разгледува економските причини за вложување во автоматизацијата и прикажува дел од новата технологија што ќе ја обликува логистиката на трговијата со прехранбени производи во следните неколку години.

Автор: Алистер Балдерсон, раководител за анализа на синџири за достава, ИГД

Европските купувачи денес имаат добра причина да бидат оптимистични. Асортиманот и квалитетот на производите продолжуваат да се подобруваат, задоволувајќи го широкиот спектар на потрошувачките желби. Цените, како и секогаш, се конкурентни, поттикнати од експанзијата на дисконтерите со ограничен асортиман. Погодноста (convenience) останува од суштинско значење: купувачите можат да изберат начин како да ги добијат производите што ги посакуваат, кој ќе биде соодветен на нивниот животен стил, без разлика дали станува збор за купување во хипермаркети, испорака на домашна адреса или, пак, посета на мала, но целосно опремена продавница во соседството. 

Со обезбедувањето на тоа високо ниво на услуга, европските малопродажни трговци и производителите создаваат многу предизвикувачки бизнис-модели. Интензивната конкуренција создава притисок за намалување на цените, а пазарниот волумен во основа останува рамен низ цела Европа. Во однос на зголемениот обем на продажниот простор, пазарниот волумен се проширува многу побавно, така што главната можност за стекнување големина во бизнисот станува зграбувањето од конкурентите.

Во меѓувреме се зголемија и трошоците за работната сила. За да ја одржат профитабилноста, неопходно е трговците и производителите да станат попродуктивни и да создаваат повисока вредност од секој работен час. Подобрувањето на економските услови низ целиот континент и работно поинтензивните маршрути на пазарот, како што се купувањето преку интернет и практичноста, доведоа до зголемена побарувачка. Од друга страна, понудата на работната сила е ограничена со стареењето на популацијата, а интересот на новата работна сила е пренасочен кон другите сектори за вработување.

 

Факторите „притисни" и „повлечи"

Комерцијалниот притисок создава брзи промени: ако бизнисите сакаат да ги заштитат своите маржи, нивните синџири за снабдување мора да се развиваат и да се трансформираат. Но, покрај „притисокот" за промена, постојат и значајни фактори за „повлекување". Технологијата забрзано се развива, а бизнисите бараат начини како да ја подобрат одржливоста.

Можеме да видиме дека трансформативните промени најверојатно потекнуваат од развивањето на електричните и автономните возила, особено кога се напојуваат од чисти извори на енергија. Компаниите мора да размислуваат што тоа значи за нивните возни паркови и за локациите за снабдување. Брзиот напредок на технологиите во четвртата индустриска револуција создава неизмерни количества податоци. Компаниите што ќе успеат да ги контролираат и искористат тие податоци ќе можат постојано да го следат својот синџир на снабдување, да ја подобрат ефикасноста во реално време и континуирано да ги подобруваат работните операции.

Какви треба да бидат идните решенија во синџирот за набавка?

Јасно е дека времето на промена е пред нас: стегнати маржи, помалку работници и низа возбудливи технолошки решенија што стануваат сè подостапни.

Сепак, на бизнисите им се потребни насоки што ќе им помогнат да одредат како да продолжат. Многу од нивните инвестиции ќе бидат во капитални проекти, а ќе се проценуваат како успешни според повратот на капиталот, подобрувањето на оперативната маржа итн. Истовремено, тие мора да им служат и на потребите на купувачите, обезбедувајќи им достапност. Но, исто толку важно е да се размислува и за други карактеристики на решенијата:

- Компатибилни со постојните – новите решенија и опрема мора да бидат компатибилни и модифицирани според постојните системи и капацитети.

- Флексибилни и приспособливи – денешното најсовремено решение утре е веќе застарено. Затоа е тешко да се избере победникот и компаниите би требало да размислат како да изградат флексибилност во своите планови.

- Слободен софтвер – за компаниите да можат да ги поврзат нивните системи со тие на доставувачите, потрошувачите или со пошироката конкурентна индустрија, не треба да се заклучат во приспособен „екосистем", туку да побараат технологии со отворен код со висококвалитетни стандарди за податоци.

- Дел од поголемиот план – наместо компаниите да бидат водени од технологијата, тие треба да употребат решенија за решавање на нивните бизнис-проблеми. За да се осигурат дека инвестицијата ќе ги донесе посакуваните приходи, на компаниите им е неопходна долгорочна визија за тоа каде би сакале да стигнат.

Јасно е дека поголемите бизниси ќе имаат повеќе ресурси за напредок, иако и подготвеноста на ризик може да одигра клучна улога. Сепак, веројатно е дека на некои технологии, особено трговците, ќе мора да им дадат предност и да развијат технички консензус, како што е случајот со „Волмарт" во текот на последните неколку години. 

Автоматизацијата во акција

Истражувајќи зошто бизнисите мора да продолжат со агендата за автоматизација, во продолжение се прикажани некои од клучните технологии што ги трансформираат логистиката и дистрибуцијата:

- Автоматизација на складиштата:

1. Возилата со автоматско управување преместуваат палети со помош на ласери или камери. При движењето тие може да ги почувствуваат опасностите, што ги прави сигурни за безбедна работа со единици управувани од човекот.

2. Мешовитите палети може да се направат со користење софистициран софтвер, со прецизно маневрирање и подигнување. Софтверот може да ја оптимизира тежината, па дури и да го земе предвид распоредот до дестинацијата, со што ќе го подобри надополнувањето во продавницата.

- Колаборативни роботи:

1. Малите, флексибилни единици обично се состојат од „рака" и „дланка" и целосно можат да бидат артикулирани со мала сила на движење. Можат да се користат истовремено и со човечката работна сила, со мала или без никаква заштита.

2. Флексибилни единици, кои лесно се репрограмираат и се способни за справување со неправилни форми или положби. Овие единици се идеални за копакување или за финално приспособување на пакувањето.

- Технологија што може да се носи:

1. За операторите на складиштата, паметните очила се следниот чекор на технологијата за гласовно избирање (voice picking). Тие се едноставни за користење и даваат повеќе информации за задачата, помагајќи да се намалат грешките преку визуелно препознавање.

2. Понапредна опција е имплементацијата на аугментираната (проширена) реалност, која ја проектира сликата преку целото видно поле. Освен што покажува каде може да се земе стоката и да се остави, аугментираната реалност може да покаже и потенцијална опасност, па дури и да демонстрира едноставно одржување или поправка.

 

- Електрична енергија:

1. Додека дизел-камионите почнуваат етапно да се повлекуваат од употреба, потребни се нови извори на енергија за електричните возила што ги заменуваат.

2. „Паметните мрежи" ќе се користат за интелигентно управување со флуктуирачката побарувачка на енергија. Забележуваме брз напредок во технологијата на батерии, како што се суперкондензаторите и батериите во цврста состојба.

3. Ќе биде потребна инфраструктура за местата на полнење по должината на автопатиштата, како и на местата за товарање и истоварување. Или можеби самиот пат ќе стане мрежа за полнење, како што е примерот во Шведска, каде што неодамна беше отворен краток дел од електрифициран пат.

- Системи за управување со складишта (Warehouse management systems):

1. Со оглед на тоа што магацините стануваат сè посложени, исполнувајќи ги нарачките од различни канали во пократок рок, неопходно е да се развиваат и системите за управување.

2. Идните системи би требало да се насочат кон автоматизираната опрема и управувањето со инвентарот. Тие ќе мора да се справуваат со поголем број податоци што вклучуваат и сигнали за побарувачката и прогнози, со што со помал број луѓе ќе овозможат непречено извршување на задачите.


 
 
 
 
back to top