IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 22.01.2018 || Нов „Алди-М плус“ во Гевгелија  |   „Бивода“ планира извоз во Македонија и во Грција  |  Престижен орден од Финска за Светозар Јаневски  |  „Мигрос“ останува лидер, најголем скок во интернет-каналот  |  „Биедронка“ станува сè посилна  |  „Тривит“ ги презеде постројките на пекарницата „Алимпије“  |  „Плодине“ го отворија 81. продажен центар   |  „Гомекс“ планира отворање на 30 продавници  |  „Бел фуд груп“ го презема „Хугли“  |  „Фереро“ го купува американскиот кондиторски сегмент на „Нестле“  |  „Маркс & Спенсер“ го продаде бизнисот во Хонг Конг  |  „Лакталис“ повлекува 12 милиони пакувања млеко за бебиња  |  „Атлантик група“ ја презема дистрибуцијата на „Марс“  |  Пазарџиите ќе работат со лиценци  |  „Агрокор“ ја демантира продажбата на маркетите „Конзум“  |  „Нестле“ го продава кондиторскиот сегмент  |  „Кауфланд“ ќе отвори 15 супермаркети во Молдавија  |  „Волмарт“ ја зголемува платата на работниците  |  „Скопски пазар“ излегува од бизнисот со маркети  |  Тина Пухало Грладиновиќ нов директор на „К пивовари“  |   ||
   

Христивоје Милошевиќ: Светски квалитет, по пристапни цени

15.10.2014
 
Христивоје Милошевиќ, претседател на „Алева"

„Алева" е еден од водечките производители на прехранбени производи, присутен повеќе од 65 години на домашниот пазар и на многу извозни пазари. Претседателот на компанијата, Христивоје Милошевиќ, во интервјуто за магазинот InStore кажа дека е многу горд на тоа што „Алева" била и останала самостојна домашна компанија, што со работа почнала скромно, а денес е една од најуспешните земји. Денес, во екот на глобализацијата, каде што луѓето, повеќе од кога било, се прашуваат што точно внесуваат во својот организам и губат доверба во големите прехранбени компании, „Алева" гордо стои како симбол на квалитетно домашно производство, истакнува нашиот соговорник.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Кој е главниот движечки мотив што на компанијата „Алева" ѝ овозможи успешно да работи повеќе од 65 години?

Речиси седум децении компанијата „Алева" е пазарен лидер во прехранбената индустрија, синоним е за квалитет и традиција и дел е од секое домаќинство во Србија. Горди сме на нашата фабрика од која живеат 300 работници и исто толку кооперанти и чувствуваме голема одговорност кон нив, кон нашите потрошувачи и кон дистрибутерите. Нашата мисија е од најквалитетниот зеленчук од нашите ниви, во вид на врвни зачини, додатоци во јадењата и супи, да стигне до секој стол во земјата каде што работиме. Минатата година храбро го поддржавме интернационалниот собир против храната ГМО, бидејќи го сакаме најдоброто за нашата заедница и за потрошувачите. Токму нашите повеќедецениски позитивни резултати се одличен показател за угледот што го има компанијата.

Почнавте со производство на зачински пиперки и дехидриран паштрнак, а сега во портфолиото на компанијата име повеќе од 160 производи. Како течеше процесот на ширење на асортиманот?

Пиперката Aleva е нашиот core business, но како што достигнавме до максимумот кога е во прашање овој производ, „Алева" во текот на годината разви уште неколку категории на производи: дехидрирани супи и наменски додатоци на јадењата. Денес, овие категории имаат еднаков пазарен успех како и познатата пиперка Aleva. Благодарение на постојаното следење на новитетите и следејќи ги желбите на нашите потрошувачи, непрекинато работиме на развојот на нови, креативни производи, но и едноставни, практични инстант-производи со висок квалитет. Со напредокот на пазарот се менуваме и ние, но во секој момент водиме сметка квалитетот да биде на највисоко ниво.

Врз основа на што донесувате одлука за воведување на новите производи?

Ги комбинираме нашите искуства и искуствата на интернационалните партнери, бидејќи така ги добиваме најдобрите резултати. Овој пристап во работењето се подразбира и треба да биде примарен во работата на секоја сериозна компанија. Речиси на сите пазари во светот се работи на идентичен начин и во компанијата „Алева" тоа го гледаме како потполно нормален процес на размена на идеи и искуства. Отворениот пристап кон потрошувачите е императив на денешниот диверзификуван глобален пазар, што го применуваме во компанијата.

Во сите категории во кои сте присутни постои голема конкуренција? Како се борите за своето место на пазарот и на полиците?

Во Србија странските брендови ни се голема конкуренција. Поради тоа, сите наши вработени, од највисоките нивоа на менаџментот до вработените во производството, посветуваат внимание на нашето усовршување за да им одговориме на потребите на потрошувачите на најдобар начин. Вработивме и млади стручни лица од различни области за да ги соединиме искуството и новите трендови. Настојуваме да одржуваме креативна енергија и мотивација кај сите вработени. На тој начин ја добивме довербата од потрошувачите и токму така си обезбедивме лидерска позиција и на пазарот и на полиците во маркетите.

Дали тоа што сте домашен бренд е предност или маана во перцепцијата на потрошувачот?

Без оглед на потеклото, мислам дека сите брендови се соочени со предизвици што ги носи глобализацијата. Домашните компании, како нас, се натпреваруваат со глобалните конкуренти и кај нас е можно, домашното потекло на производите сè уште да има компетитивна предност, иако на тоа влијаат различни фактори. Нашите брендови, како и целиот имиџ на компанијата константно го приспособуваме со најсовремените трендови и барања, како на домашниот пазар, така и на странските пазари.

Кои канали на комуникација ги користите со своите потрошувачи?

Во „Алева" веќе одамна го усвоивме принципот дека нема успешна бизнис-стратегија без постојана комуникација со потрошувачите. Поради тоа, комуникацијата со потрошувачите ја интегриравме во зацртани бизнис-стратегии и сите ги составивме во нејзините рамки. Потрошувачот е во центарот на сето она што го работиме на ова поле и кога комуницираме, ние тоа го правиме и преку промоција и преку дизајнот на амбалажата и преку ценовната политика, но и преку најразлични активности што ги организираме за нашите потрошувачи. Со оглед на распространетоста на социјалните мрежи, комуникацијата меѓу компанијата и потрошувачите е поголема од кога и да е, бидејќи денес, меѓу себе можат да комуницираат потрошувачите кои никогаш претходно не се виделе, додека во традиционалниот облик за некој производ се коментирало во кругот на пријателите.

Со оглед на тоа што производите ги извезувате на пазарите во Европа, Америка, Австралија, дали согледувате разлики во навиките на потрошувачите на тие пазари во споредба со Србија?

Секако, постојат разлики во навиките на потрошувачите и нашите развојни тимови тоа многу внимателно го следат и го проучуваат. Што се однесува на земјите од соседството, тука нема разлики, но за другите пазари моравме целосно да ги менуваме или да ги коригираме рецептурите и асортиманот за да ги приспособиме производите на вкусот на нивниот просечен потрошувач. Од друга страна, за нас тоа беше предизвик – како лидер на српскиот пазар, и на другите поднебја да се истакнеме како производител на „единствениот, српски вкус". Секоја кујна во светот подразбира поинаков принцип на исхрана, што претставува големо богатство и уживање.

Како доаѓате до идеи за пласман на некои нови производи?

Нашите тимови за развој постојано работат на унапредување на работењето и следење на светските трендови во прехранбената индустрија. Благодарение на таквата политика успеавме навреме да се ориентираме на производите со балансиран сооднос на сол, корисни масти и функционални додатоци. Исто така, следејќи ги трендовите во исхраната и барањата на потрошувачите, но и благодарение на соработката со партнерските компании од странство, претходните неколку години „Алева" интензивно работи на развивање на нови рецептури без засилување на вкусот без вештачки ароми и бои. Од оваа година, по брендот SwissHealth ја лансиравме линијата на пудинзи, шлагови и каши Dietfit, наменета за дијабетичари и оние што внимаваат на линијата. Горди сме на тоа што сме во можност на потрошувачите во Србија да им понудиме светски квалитет, по пристапни цени.

По трансформацијата на сопствеништвото во 2005 година, доаѓа до пресврт кон производство на функционална храна. Што се подразбира под тоа?

Компанијата „Алева" им се обраќа и на современите и на традиционалните семејства во исто време. Настојуваме да ги задржиме традиционалните вредности по што сме единствени, но и системот на работа да го усогласиме со модерното темпо на животот. Богатото искуство го преточивме во креирање на инвентивните палети на производи – поинакви вкусови, инстант-супи, линијата на производи Natur итн. Во согласност со здравиот начин на живеење, за што се залага и компанијата, планираме придвижување на сопственото органско производство. Успеавме да го трансформираме, но и да го задржиме она што нè красеше претходните 65 години – искуството, квалитетот, традицијата и новите технологии за преработка на храна во согласност со светските стандарди. Во бизнис-филозофијата, квалитетот и безбедноста на производите секогаш се на прво место и се поврзани со домашните суровини. Задржувајќи ги традиционалните вредности производите на „Алева" станаа незаменливи состојки во српската кујна.

Дојде до промена на имиџот и редизајн на визуелниот идентитет и пакување на сите производи. Дали имаше уште некои маркетинг-активности?

Свесни сме за современите текови во маркетинг-комуникацијата, како и за сите предности на дигиталната комуникација и поради тоа имаме стручен тим што со нашите потрошувачи комуницира преку интернет. Факт е дека во последните неколку години сè повеќе луѓе се свртени кон предностите на интернетот и верувам дека оваа глобална мрежа набргу ќе стане водечки медиум. Комуникацијата преку социјалните мрежи е уште еден значаен сегмент на нашата работа и на претставувањето на новите проекти, бидејќи тоа е во согласност со модернизацијата и иновациите. Почнавме и со различни онлајн-активности што имаат цел да ги поттикнат потрошувачите да ни кажат што им се допаѓа, а што не, што би сакале да имаме во портфолиото и слично. Добивме многу корисни коментари и идеи, што сериозно ги разгледуваме.

Дали имате во план воведување на некои нови производи? Кои?

Во текот на годината планираме да воведеме повеќе од 20 нови производи во рамките на постоечките категории. Засега, можам да кажам дека сè оди според нашиот план, а се надевам дека и потрошувачите, како и целата јавност, ќе бидат пријатно изненадени од новите производи. Што се однесува на новите категории, работиме многу и во тој сегмент и очекувам наредната година да ги изненадиме потрошувачите со производи во целосно нови пазарни сегменти.

Дали сте размислувале за некоја аквизиција?

Сметаме дека за „Алева" е вистинска работа стратешкото партнерство со силна компанија, бидејќи со здружени сили постигнуваме подобри резултати, се дополнуваме и развиваме креативни аспекти на понудата и производството. Постојат некои преговори за аквизиција, но сè уште не би сакал да изнесувам детали. Во секој случај, детално ќе анализираме што е подобро за нас – да градиме нова фабрика, да откупиме веќе постоечки капацитети или да склучиме стратешко партнерство.

Што ви претставува најголема пречка во работењето?

Со сигурност можеме да констатираме дека денес пазарните услови драстично се променети во однос, да речеме, на 2008 година. Купувачката моќ на граѓаните е значајно сменета, а со тоа се намалува и потрошувачката, што, ќе се сложиме, најмногу влијае на работењето на компанијата што директно зависи од купувачите. Меѓутоа, верувам дека таквата состојба многу бргу може да се смени и дека наскоро можеме полесно да дишеме и ние и нашите потрошувачи.

Што можат да очекуваат потрошувачите од компанијата „Алева" во наредните 60 години?

Во моментот приоритет ни е ширењето на капацитетот и унапредување на производството. Интензивно работиме на тоа и сигурен сум дека наскоро ќе имаме видливи резултати. Во план се склучувања на стратешки партнерства, но за тоа сè уште е рано да се зборува. Препознавме дека профитот е есенцијален за креирање на капиталот за пораст, просперитет, бизнис-предизвиците, сатисфакцијата на работа. Здравата и органска храна се светски трендови, што сè повеќе се присутни и кај нас, а ние веќе имаме органски производи од брендот Flory што се наменети за исхрана на бебињата и доенчињата и се состојат од домашни и извозни суровини. Засега настојуваме со истиот континуитет, ја зајакнуваме соработката со дистрибутерите и постепено и ги разгледуваме идеите за нови регионални достигнувања, но за тоа рано е да се зборува.



 
 
 
 
back to top