IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 16.07.2018 || „Карлсберг“ отвора нова пиварница  |  Кинези ќе градат индустриски парк за овошје и зеленчук  |  Нов ИнфоЛогистички центар во Љубљана  |  „Велпро“ ќе ги поддржува малите трговци  |  Белград стана побогат за уште еден dm  |  Резултатите на „Пепсико“ се подобри од очекуваните  |  Кратошија меѓу најдобрите вина на британскиот пазар   |  „Интермарше“ за постари лица  |  Повисоки трошоци за живот и малопродажни цени во јуни  |  „Бимилк“ подари ново место за спорт и рекреација  |  „Унилевер“ го купи бугарскиот бренд сладоледи Denny  |  „Нилсен“ именуваше нов раководител за Јадранскиот Регион  |  „Макпрогрес“ на „Summer Fancy Food Show“  |  „Перно Рикар“ ќе дистрибуира безалкохолен џин  |  Продажба на алкохолни пијалаци во секое време  |  „Лидл“ отвори логистички центар во Нова Пазова  |  Нова „Кораб Трница“ во скопско Црниче  |  Рекордно производство и извоз на пиво  |  Нов супермаркет на „Шпар“ вреден 9 милиони евра  |  „Лидл“ без пластика за еднократна употреба  |   ||
   

Драган Петровиќ: Култура на планирање

16.09.2014
Уште како многу млад верував во планот. Од една случка во животот, па понатаму, сè уште верувам во потребата од него. И кога планот целосно нема да се оствари, го коригирам – репланирам, адаптирам – но, тој е секогаш тука.
 
Драган Петровиќ, консултант за менаџмент и тренер во „Дејл Карнеги тренинг"
 

Во седмо одделение на темата „Кога ќе пораснам сакам да бидам..." напишав Јас ќе бидам туристички водич, затоа што ги сакам странските јазици, сакам да патувам и да комуницирам со луѓето... Внимателно учев, го завршив школувањето, аплицирав на конкурси, успеав со своите квалитети на иден туристички водич да им се допаднам на конкурсните комисии на интервјуата за работа и замислете...

Седум години подоцна на плоштадот „Свети Марко" во Венеција, работејќи за најагенцијата во поранешна Југославија, водев група од стотина Англичани и им раскажував за Камбанаријата, за Четирите коњи на базиликата „Свети Марко", за Дуждовата палата, Мостот на воздишките и останатите убавини на овој јадрански бисер. Две години ја работев работата од своите соништа, што беа остварени... Го визуализирав, го опишував и го живеев својот сон.

Како се случи тоа?

Се прашував дали за нас постои некаков универзален животен план или самите го иницираме со желбите и проекциите, со визуализација на посакуваната состојба. И дали остварувањето на нашиот полн потенцијал всушност е само премостување на јазот меѓу нашиот сегашен капацитет и дефинираната состојба на успехот?

Моето мислење е дека ако јасно и прецизно можеме да ја визуализираме идната состојба, да ја опишеме до детали и ако успееме да го мотивираме „перпетуум мобилето" во нас, тогаш никаква непредвидлива околност не може да нè спречи да ја достигнеме целта. Може да нè забави, да ни ја украде енергијата и нервите, и времето секако, но ништо повеќе од тоа.

Според мене, планот се состои од два фактора, математички поставено: P = V * E, каде што P е планот, V е визијата, а E е енергијата што ја црпеме од нашето „перпетуум мобиле". Токму со таа „волшебна формула" го видов она што сакам да бидам кога ќе пораснам, а потоа ја понудив својата седумгодишна младешка енергија што едноставно се претвори во резултат – исполнување на планот.

Планираме, планираме и повторно криза?

Велат дека економската криза, што никако не престанува, е предизвикана од недостигот на баланс на понудата и побарувачката. Напумпаните цени за услугите и стоките, нивната неправилна дистрибуција и „виртуелноста" создадоа вишок што крајниот потрошувач веќе не сакаше да го користи. Кусокот од побарувачка создаде „лагер" што ја намали конкурентноста и предизвика „пукање на виртуелниот балон" на непостоечки и непотребни услуги и стоки. Така велат.

Па, како да се планира побарувачката на услуги, стоки и време? Мора да се планира на поинаков начин. Не врз основа на историските факти, туку на база на идната потрошувачка, нели? Секако! А, како јас да предвидам што ќе се случува во иднината? Утре, во следните недела, месец или година? Каква година, па јас не знам ни утре што ќе се случи, за што воопшто зборувате?

Инструментите за планирање веќе се измислени

И повторно прашања. Дали ги користиме инструментите за планирање во вистинската мера? Дали тие се ефикасни? Зошто се откажуваме од нивната конзистентна употреба? Веројатно поради разочарување и промашување – непрецизност во исполнувањето на предвиденото. Колку често ги ажурираме и приспособуваме инструментите кон ситуациите?

Што има врска тоа! Може така, а и не мора... Ќе видиме...честопати слушам од оние што ми се обраќаат со прашањето Како?

Од друга страна, тие што имаат помалку предизвици во организацијата се карактеризираат со ставот: Токму така треба и никако поинаку... И што велиш, кога задачата ќе биде завршена? и Не е проблем како, туку кој квалитетно ќе го реши предизвикот.

Кој ви се допаѓа повеќе – првиот или вториот пристап на организирање на работата?

Швајцарец, Германец или Балканец?

Да се биде „Германец" на нашите простори и не е баш популарно. Да се биде прецизен, организиран и доследен не се најбараните атрибути за деловен човек на нашите простори. А културата на планирањето е она што секако нè диференцира од споменатото претходно.

Дали досега сте го слушнале коментарот: Добар е овој твојов, но многу е ригиден, кажи му малку да ја спушти топката и да се опушти. Или:Добар е со цифри и табели, но кого тој познава за да ја заврши работата?

И тогаш одговорот: Зошто да бидам крут, кога сите околу мене се опуштени – и потрошувачот и доставувачот и купувачот и конкурентите – па, целиот пазар е непредвидлив... зошто тогаш да се трошам планирајќи и организирајќи се себеси и околината?

Токму денеска, додека го пишувам текстот, добив е-пошта со слична содржина (малку го модифицирав за да не се навреди испраќачот):

Здраво Драган,

Во прилог е новиот извештај, но без нови цели за периодот од јули до декември.

Не сум способен да направам реплан, не знам колку и што ќе купат купувачите во следниот период. Не знам воопшто дали ја имам стоката што ќе им е потребна за следниот период. Работам само на зголемувањето на прометот на постоечките 20 купувачи кои плаќаат на време.

Би останал на постоечкиот план и ќе се стремам да ги исполнам целите на начинот што го избравме, па нека биде што ќе биде.

Што мислиш ти?

Па јас мислам дека тоа е во ред. Мислам, не е во ред, а сепак е во ред... Сакав да кажам...

Честопати се среќавам со вакви ситуации и полека, но сигурно ги решаваме сите заедно. Промената е видлива. Ќе биде подобро... наскоро.

Во откажувањето од плановите, факторите што превладуваат не се од техничка природа. Тие се мотивирани од емоциите и од желбата за оправдување на бегството од обврските. Затоа што, што ќе се случи ако не го постигнам планот? Морам да објаснувам зошто нешто не е постигнато, кој ме изневерил од синџирот на договори и ветувања – треба да црвенеам и да се срамам – па ако можам, ќе ја избегнам таа ситуација...

Кога ќе дојде промената?

Промената, не само воведувањето на технологијата, „demand planning", „demand forecasting", „inventory optimization" и сличните инструменти, туку „менталното прифаќање", т.е. прифаќањето дека овие инструменти постојат за да ни ја олеснат работата и да ја направат попредвидлива, а со тоа и поефикасна и со постојана употреба, ќе доведе до подобрување на нашата деловна средина.

Можеме да слушнеме често дека промената на свеста е долготраен процес. Како и секој друг долготраен процес, почнува со мал чекор. А тој мал чекор за човештвото е голем за нас и почнува токму со нас. Ако самите решиме дека сакаме да планираме и да живееме во предвиденото работно и општествено окружување, тогаш треба да се насочиме напред со полна сила и да не се откажуваме. Понекогаш може да има и свијоци на автопатот, но со секој поминат километар ние сме поблиску до дестинацијата кон каде што насочивме.

Пример на можноста

Во мојата работа како теренски тренер воведов интересен новитет во работата на комерцијалистите. Всушност, тоа е визуализација на моментот на излез откај купувачот: да ги замислиме целите што си ги поставивме пред влезот кај купувачот, специфичните понуди поврзани со стоката, условите, акциите и слично, но и посакуваниот финансискиот износ од тој купувач за тој ден.

И тогаш, кога ќе излеземе откај купувачот, да го споредиме оствареното со планот. Неверојатно едноставно и функционално. Во повеќе од 90% од случаите, прецизноста на оствареното е на ниво плус/минус 10%. И сега, да замислиме илјада, милиони повторувања на визуализацијата на целта – зарем тоа не придонесува кон подобра предвидливост на работењето, подобро планирање и намалување на тензијата и стресот со кои секојдневно се соочуваме? Моето искуство е позитивно, обидете се и јавете се.

Да планираме во слики

Дигитализацијата на општеството води кон укинување на човечноста. Како што и Ајнштајн предупреди дека технологијата го надмина капацитетот на човечкото, што несомнено води кон автоматизација, роботизација и повлекување на човекот во втор план. Од друга страна, тој забележал дека единствениот знак за интелигенција е фантазијата и тоа машините и технологијата никогаш нема да го поседуваат.

Управувањето со емоциите и правилното искористување на инструментот планирање – тоа е балансот што треба да го постигнеме во планирањето. Затоа што животот и работата без план можат да нè одведат каде било. Предизвикот лежи во тоа дали „каде било" е посакуваната дестинација за којашто мечтаевме.

Би сакал да бидеме задоволни со себеси, почесто да среќаваме луѓе кои ни раскажуваат приказни со среќни краеви, приказни што им се случиле ним, а не некому друг. За такво нешто треба барем малку да се планира и да се направи иднината предвидлива. Со тоа ќе го намалиме стресот и напорите, ќе спасиме некој атом енергија, ќе ги избегнеме непотребните конфликти и ќе уживаме повеќе во животот и во она што го работиме.

А тоа дека паметно ќе ги пополниме ексел-табелите, дека ќе внесеме податоци во ЕРП, САП, дека ќе ги одредиме изворите на пораст за следната година (повторно +20%, нели?) и клучните индикатори на продажбата – во тоа не се сомневам!

Ви посакувам да уживате во овогодишниот процес АП/ОП/СП, што кај некои од вас веќе почна, а кај некои допрва ќе почне – посакувам да ја визуализирате состојбата на крајот од месецот, кварталот и годината што ги проектирате во годишниот процес на планирање и да се радувате на нивните остварувања или модификации.

И додадете во вашиот план да ми пишете на: drapetrovic@gmail.comили dragan.petrovic@dalecarnegie.rs.


 
 
 
 
back to top