IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 15.10.2018 || „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |  „Цедевита“ доби концесија за вода   |   ||
   

Даворка Биондиќ Винце: Страв од успех

16.10.2015
 

Во Хрватска владее феноменот „самоисполнувачко пророштво" – ако сме замислиле негативен исход, не правиме ништо и тој се случува. Важно е да се детектираат негативните мисли и да се сфатат како саботажа, а не како важни информации за себе.

Автор: Даворка Биондиќ Винце, FMCG-советники тренер за меки вештини, www.poslovno-pregovaranje.com

Повеќе од 50 отсто од испитаните Хрвати изјавиле дека секојдневно размислуваат за промена на работата, а 37 отсто одвреме-навреме размислуваат за тоа (извор: интернет-анкетата „Подготвеност за промена на работното место" на „Талентор" – Хрватска). Тоа покажува дека организациската клима во хрватските компании е изразено лоша и со сигурност е една од клучните причини за лошата состојба во економијата. Истите луѓе со години работат на ист начин, иако пазарот и купувачот се променија. За поголемиот дел од менаџментот, важно е само да ја задржи главата над површината на водата, а водењето и мотивирањето на вработените воопшто не се доживуваат како фактори за успех.

Од друга страна, вработените се фрустрирани и се плашат од промена, исчекор и борба за сопствените среќа и успех. Честопати слушам како тие се жалат од шефовите - тирани или од непрепознавањето на нивните потенцијали од управата. Други би сакале да дадат отказ и да отворат своја приватна фирма, но... Кога ги прашувам што презеле, одговорите се движат во оваа насока:

Ништо! И да реагирам, ништо не би се променило. Успехот и среќата се предодредени за оние што имаат врски, имаат богати родители или, едноставно, – среќа (или крадат)... Тешко е да се биде на врвот, подобро е човек да не се истакнува премногу... И продолжуваат и понатаму да кукаат, не менувајќи ништо.

Ние сме несреќен и неефикасен народ, кој постојано нешто очекува од другите – чекаме државата или некој друг (шефот, управата) нешто да ни дадат.

Страв од претприемништво

Овој став е нелогичен сам по себе, нели? Зошто некој би се плашел да се избори за себеси и за остварување на животниот сон? Зошто некој би се плашел да ја оствари сопствената цел? Што може тука да биде застрашувачко? Иако на свесно ниво може вистински да сакаме да отвориме приватен бизнис, да понудиме на пазарот некое ново решение, да изгубиме некој килограм или да напишеме книга, можно е на несвесното ниво постојано да се судираме со голем отпор. Стравот од успехот може опасно да нè саботира во спроведувањето на нашите планови. Стравот е најголемиот непријател на нашето дејствување. Тој може да нè натера да се откажеме и пред да почнеме.

Хрватите чекаат нешто да им се даде – тие не навикнале да бидат самоиницијативни и да ја преземат одговорноста за својот (не)успех. Имам чувство дека поголемиот дел од Хрватите се забавени и во исчекување. Чекаат државата или некој друг (шефот, управата) нешто да им даде.

Од друга страна, поголемиот дел не се подготвени за одрекување и за напорите што ги бара модерното претприемништво. Тие со поголемо задоволство би работеле во мирно катче, канцеларија, со работно време од 8 до 16 часот, со сигурна плата и без многу одговорност. Успехот во бизнисот бара амбиција, одговорност, ризик, страст и креативност. Во Хрватска не постојат доволно луѓе што се подготвени да ја применат таа формула на успехот. Поголемиот дел полесноќе ја оцрнат владата, државата или шефот, отколку да се соочат со сопствените слабости и недостатоци. И тие и нивните шефови што „пловат" се закачени за минатиот век и се појавуваат како статисти што ги набљудуваат среќниците, кои почнале од ништо и со голема среќапостигнале голем успех. Таа научена беспомошност ја заслепува и младата генерација. Во Хрватска владеат тиранијата на незнаењето, епидемијата на непознавањето на вештините на 21 век, како и културата на неразбранетоста.

Еден млад човек, приправник по име Анте, на почетокот од едно одлично предавање на универзитетски професор, праша дали ќе добие потврда дека го посетил часот. Тоа му беше најважно. Остатокот од предавањето го помина на својот фејсбук-профил и го заслужи новото индијанско име – Анте Кој Седи.

Трите најголеми непријатели на успехот се:

  1. Недостиг од мотивација;
  2. Недостиг од ентузијазам, страст и од решителност;
  3. Недостиг од самодоверба (Самодовербата за психата е како храната за телото).

Претприемач е секој што создава нов производ во многу неизвесни услови, дури и тогаш кога не е свесен за тоа. Тоа значи да се создава и во опкружување на бирократија и на летаргија. Суштината на успехот на претприемачот е иновацијата; нова намена на постојната технологија и осмислување на нови бизнис-модели.

Работам како тренер за деловно преговарање во Центарот за претприемачи во Загреб, каде што запознавам брилијантни млади умови. Додека ми го објаснуваат својот иновативен бизнис-проект, очите им светат, исполнети се со позитивна енергија. Има и од оние што сè уште се бараат себеси и се преиспитуваат: Да, но..., или Што ако не успеам?

Ѕидот на плачот

Уште при планирањето и почнувањето на акцијата (ако ништо друго), доаѓа до уништување на пасивноста, здодевноста, навиките или на игнорантноста. Да се успее, значи да се наруши тој „ред", да се протресе стабилноста, да се измени постојниот поредок на работите. Секој нов успех носи нова доза страв.

Резултатите од истражувањето на Економскиот институт во Загреб покажуваат дека во Хрватска е силно присутна димензијата на избегнување на несигурноста т.е. стравот од промени и од преземање ризици. Постои мала желба за постигнувања, а тоа е причината поради што претприемништвото не е развиено.

 

10 фрази што успешните не ги користат

Сме прочитале многу книги од американски успешни деловни луѓе и гуруа на бизнисот. Сите тие зборуваат за позитивната состојба на умот и за победничките мисли.

Елиминирајќи ги негативните зборови од сопствениот говор, ги елиминираме и негативните мисли што одат паралелно со тие зборови. На тој начин се приближуваме кон успехот. Тие забранети зборови и фрази се:

  1. Тоа нема да оди!(однапред дефиниран негативен став).
  2. Јас не го можам тоа! – Фокусирајте се кон она што го можете и што ви е потребно за сепак да ја постигнете целта. На пример, дополнителни знаења, дополнително време, помош... Во спротивно, ако вие тоа не можете да го направите, тие ќе пронајдат некој друг.
  3. Тоа е невозможно!(одлика на личности со затворен ум). Отворете го својот ум, истражете ги можностите и она што е потребно да се направи за тоа да стане можно. Бурата од идеи (brainstorming) е можност да се погледне проблемот од различни аспекти. Ништо извонредно не било создадено врз основа на изјавата дека тоа е невозможно.
  4. Тоа не е фер! – Токму така! Во реалноста ни се случуваат и неубави работи, но тоа не е причина да реагираме како навредено петгодишно дете. Наместо тоа, да побараме други можности и да ја унапредиме ситуацијата.
  5. Тоа не е моја грешка! – Со тоа алудирате на некој друг виновник. Наместо да се фокусирате на вината, фокусирајте се на решението на проблемите, дури и кога вие не сте виновникот.
  6. Би требало... – велат луѓето кои очекуваат задачата да ја преземе некој друг. Земете ја задачата во свои раце и кажете: Јас ќе го направам тоа и тоа...
  7. Тоа не е моја работа! (една од изјавите што шефовите најмногу ја мразат). Понекогаш, за да му помогнете на тимот или за да поминете одредена препрека, потребно е да преземете нова задача што не е во описот на вашето работно место. Гледајте го тоа како ново искуство и можност за стекнување нови знаења.
  8. Јас треба да... – Вие треба да јадете, да пиете и да спиете. Но, сакате задачата да биде завршена во дадениот рок, сакате стоката да биде испорачана во вторник...
  9. Јас мислам дека... – Што звучи посилно: јас мислам, јас верувам или јас знам? Водачите и успешните луѓе се одлучни и сигурни. Тие знаат!
  10. Ќе се обидам... – значи дека не верувате оти ќе ја извршите задачата. Или завршете ја, или не! Нема обиди. Луѓето тоа го користат само кога свесно или потсвесно не веруваат дека можат да ја завршат работата.

Секако, не е сè така црно-бело. Постојат ситуации кога мора да користиме некои од овие глаголи или фрази. Но, суштината на овие препораки е да размислуваме и за одразот на негативните зборови на состојбата на мислите и на однесувањето. Стравот од успехот е страв од промените што ќе се случат, ако успееме.

Ако некој во детството е воспитан дека мора да биде скромен и не треба да се истакнува, тогаш успехот го доживува како вид негативност. Кога една личност ќе постигне успех, таа станува свесна за фактот дека причините за промени цело време биле во неа и дека тие можеле да настанат многу порано. Тогаш се појавува жалење за изгубеното време.

Саботирачка предрасуда за успехот

Вие не сте жртва на околностите, кризата, лошите шефови, на нестабилната економија... Вие сте жртва единствено на своите сопствени мисли.

Одбијте ја улогата на жртва и научете од негативните околности. Преземете ја одговорноста! Ниту една случка сама по себе не е ниту позитивна, ниту негативна. 99 отсто од неуспехот доаѓа од луѓето што секогаш бараат оправдувања. Главните начела на успехот се:

  • Одлучност;
  • Верба;
  • Решително дејствување.

Вашата среќа и успех не се во рацете на шефот, компанијата или на владата! Вашата среќа целосно зависи само од вас и од вашите ставови и мисли!


 
 
 
 
back to top