IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 16.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

Благоја Муканов: Потреба за прецизно земјоделство во Македонија

12.09.2016

Земјоделските потсектори со најголем потенцијал за апсорпција на продуктите за прецизно земјоделство се винарството (производство на винова лоза и на вино), градинарството и овоштарството.

Автор: М-р Благоја Муканов, директор и главен консултант, „АГФутура Технологии"

Потенцијалот што произлегува од индустријата на т.н прецизно земјоделство е во континуиран пораст, како за инвеститорите во оваа индустрија, така и за корисниците на решенијата што произлегуваат од оваа дејност. Според „АгФудер", една од водечките фирми за анализа на овој тип пазари, вкупните инвестиции во бизниси за современи технологии во земјоделството на глобално ниво, во првата половина од 2016 година, изнесуваат 1,8 милијарди долари. Од овие инвестиции 18,5 отсто или 333 милиони долари се нови инвестиции во компании кои работат во секторот за прецизно земјоделство. Овој тип бизниси опфаќа неколку потсектори, како што се потсекторот за беспилотни летала за земјоделство, роботи за земјоделство, софтвер за поддршка на системот за донесување одлуки на фарма, како и потсекторот за паметна опрема и за хардвер. Од овие вкупни инвестиции, само за софтвер, во првата половина од 2016 година, компаниите имаат инвестирано 28 отсто, односно 92,2 милиони долари и, што е уште позначајно, тие покажуваат континуиран пораст. Хардверот и другата опрема за прецизно земјоделство претставуваат уште еден потсектор со значаен постојан пораст на инвестициите, кои за првата половина од 2016 година изнесуваат 27,4 милиони долари. Двигател на ваквите трендови во индустријата за прецизно земјоделство е сè поголемата и континуирана потреба од висококвалитетни податоци за потребите на менаџментот во земјоделскиот сектор.

За инвестициите во современи технологии во земјоделскиот сектор во Македонија не постојат официјални податоци. Оттаму, изостануваат и податоците за тоа колкави се инвестициите во прецизно земјоделство, каде спаѓаат информатичките и комуникациски (ИК) технологии. Ваквата состојба е резултат на ниската свест за улогата на прецизното земјоделство и ИК-технологиите во развојот на земјоделството, како кај актерите во земјоделскиот сектор, така и кај претставниците на ИК-секторот. Постојат повеќе причини за ваквата состојба, од кои позначајни се непостоење на доволно информации за состојбите и за потенцијалите на земјоделството како економски сектор, поточно непостоење на доволно квалитетни податоци за да се изработат соодветни инвестициски планови. Фактот дека една од основните причини за ваквиот недостиг е токму непостоење на соодветен систем на генерирање податоци, во кој ИК-технологиите се носечки, преставува значаен показател за потенцијалот од инвестирање во ваков тип технологии.

 

Слабата комуникација меѓу носителите во земјоделскиот сектор, како и претставниците на индустријата за ИК-технологии, преставува уште еден фактор кој придонесува за недоволно искористување на потенцијалот што произлегува од соработката меѓу двете индустрии. Ова, пред сè, се однесува на слабата комуникација со индивидуалните земјоделски стопанства (ИЗС) кои располагаат со 85 отсто од вкупната земјоделска површина што се обработува во моментов, односно 369.280 хектари. Нивната неорганизираност и уситнетост оневозможува во значителна мера подобро да се сфати состојбата во македонското земјоделство, неговиот потенцијал и можностите за влез на пазарот. Како трета значајна причина во истиот контекст, може да се истакне недоволната застапеност на технологии за прецизно земјоделство во политиките за развој на македонското земјоделство, особено во делот на техничката поддршка.

Оттука, може да заклучиме дека развојот на индустријата за прецизно земјоделство, бара подобро информирање на сите чинители во националниот агрокомплекс, за значајната улога на овој тип на технологии, вклучувајќи ги ИК-технологиите како носечки.

И покрај овие тесни грла, потребата од технологии за прецизно земјоделство е огромна, а за тоа како може да се искористи овој пазарен потенцијал за развој на бизнисот, потребно е да се анализираат податоците што се веќе достапни. Од тоа што е јавно достапно и базирајќи се на ставовите на експертите од областа на земјоделството, земјоделските потсектори со најголем потенцијал за апсорпција на продуктите за прецизно земјоделство се тие што во најголема мера учествуваат во креирање на земјоделскиот домашен бруто-производ. Сите компании што функционираат во ИК-секторот и кои имаат интерес да инвестираат за развој на ИК-решенија за прецизно земјоделство или со нивна трговија, акцент треба да стават на секторите винарство (производство на винова лоза и на вино),  градинарство и овоштарство. Во сточарскиот сектор, говедарството е потсектор со најголем пазарен потенцијал.

Овие сектори покажуваат стабилен или постојан пораст во изминативе две децении и, соодветно на тоа, поголема агилност на субјектите во делот на инвестирање во нови технологии. Дополнително, кога се анализира пазарниот потенцијал во оваа сфера, потребно е да се истакне значењето на економската организираност на субјекти во горенаведените потсектори, поради тоа што од тоа зависи дизајнот на продуктите како и изборот на начинот за влез во индустријата.

Оттука, посебен акцент треба да се стави на земјоделските стопанства со големина на фарма што го надминува националниот просек од 2 хектари, како и на корпоративното земјоделство кое се однесува на големите земјоделски комбинати и на преработувачките капацитети со сопствено примарно земјоделско производство, чија големина на земјоделска површина што ја обработуваат во просек е поголема од 10 хектари.

Виновата лоза во Македонија се одгледува на околу 22.654 хектари, од кои 71 отсто од лозјата се засадени со винско грозје, а 29 отсто со трпезно. Бројот на ИЗС кои дејствуваат во овој сектор е 47.857, од кои 59 се деловни субјекти, а поголем дел се винарници. Вкупната вредност на извозот на вино е околу 48 милиони евра. Винарниците се едни од најпрогресивните економски ентитети во земјоделскиот сектор, кои бележат одлични резултати како на националниот, така и на меѓународниот пазар.  Константниот притисок од конкуренцијата на локалниот и на меѓународниот пазар, високите стандарди за влез во индустријата и добрите финансиски резултати, се носечки фактори што ги мотивираат константно да инвестираат во технологии за прецизно земјоделство. Дополнително, потребата од што поголема контрола во производството на вино е уште еден значаен фактор кој придонесува за ваквиот однос на субјектите во винарскиот потсектор кон инвестициите за прецизно земјоделство.

Во случајот на градинарството, состојбите се поинакви од аспект на организираност на економските субјекти, а, од друга страна, финансискиот потенцијал на секторот е еднакво значаен како и во случајот на винарскиот сектор. Градинарскиот потсектор се состои од голем број мали ИЗС, кои во најголема мера ја имаат оптимизирано својата позиција во однос на тековните пазарни услови, како и условите во индустријата. Вкупниот број на овој тип земјоделски стопанства изнесува 12.087, од кои најзначајни се тие што се занимаваат со градинарство во заштитен простор, кои опфаќаат 10 отсто од вкупниот број на ИЗС. Исто така, не треба да се запостави и значајниот потенцијал на деловните субјекти во градинарството, чиј број е 635, од кои 53 отсто се занимаваат со градинарство во затворен простор. Потенцијалот на овој сектор од аспект на апсорпција на нови технологии е значаен и произлегува од фармерите и од компаниите кои имаат големина на фарма што го надминува македонскиот просек, кои остваруваат солидни финансиски резултати и се во континуирана потрага за подобрување на економијата на својата фарма. Овој тип на индивидуални фармери или уште познати како семејни фарми се значајни поради нивната подготвеност да прифатат новитети во своето производство, како од аспект на финансии така и од аспект на способноста да ги применат. 


 
 
 
 
back to top