IN STORE in your country:
|
|
![]() |
Македонија | Среда, 25.04.2018 | || | || |
Благоја Муканов: Информатичко-комуникациски технологии во агробизнисот10.08.2016
ИК-технологиите се носечки во концептот на прецизно
земјоделство поради тоа што овозможуваат меѓусекторско поврзување на технолошките
достигнувања во решенија за продуктивно и конкурентно земјоделство.
За подобро да се разберат улогата и можностите што ги нудат информатичко-комуникациските (ИК) технологии во земјоделството, потребно е добро познавање на моменталната состојба во земјоделскиот сектор на глобално, како и на ниво на една земја. Денес, на глобално ниво, земјоделството го предводат трендовите. Зголемената побарувачка на храна е резултат на порастот на популацијата. До 2050 година светската популација ќе достигне 9,3 милијарди, а количеството на калории по жител ќе ги надмине денешните 2.850 калории.
Сведоци сме на зголемена побарувачката за здрава и „практична" храна, стимулирана од сѐ поголемата свесност за нејзиното влијание врз здравјето, како и врз расположливото време на крајните потрошувачи. Интересот да се знае потеклото на храната резултира и со зголемување на дирекни врски меѓу производителот и крајниот потрошувач. Одлуките кои се носат во земјоделството, се адаптираат со сѐ поголемата поврзаност меѓу трендовите во малопродажбата и новите технологии на пакување. Сѐ почести се иновациите во „паметни"пакувања кои имаат цел да дадат подобри насоки за крајниот потрошувач околу тоа како да ја користи храната, како и да одговорат на предизвиците на безбедноста и на следливоста на храната. Земјоделството, исто така, има сѐ поголема улога и во енергетскиот сектор. Европската стратегија до 2020 година има цел 20 отсто од потребите за гориво да ги задоволи со био-гориво, додека експертите од САД предвидуваат дека био-горивото ќе надомести од 20 до 30 отсто од вкупниот увоз на гориво. Како резултат на порастот на интезитетот на урбанизацијата и на миграцијата од село во град, се намалува младата популација во руралните средини во развиените и во земјите во развој. Климатските промени се уште еден општоприфатен фактор со значајно влијание врз глобалното земјоделство.
Како и во другите индустрии, во услови на зголемена
побарувачка и на ограничени ресурси, природно е да се јави поголема потреба од технолошки
иновации кои овозможуваат оптимизирање на производствените фактори. Ваквата состојба
во земјоделскиот сектор резултира во нов правец во производството, кој се
нарекува прецизно земјоделство (ПЗ).
ИК-технологиите се носечки во концептот на ПЗ поради тоа што овозможуваат меѓусекторско
поврзување на технолошките достигнувања во решенија кои овозможуваат продуктивно
и конкурентно земјоделство.
Интензитетот на иновации во земјоделството се зголемува, како во обртните влогови, така и во опремата. Според инвестициската банка „Голдман Сакс", новите технологии на кои се базира концептот на ПЗ до 2050 година можат да овозможат зголемување на годишниот принос во земјоделството за 70 отсто. Капацитетот на овој тип технологии креира пазар на технолошки иновации кој се проценува дека вреди 250 милијарди долари. Концептот на ПЗ со помош на ИК-технологиите базирани на досегашните достигнувања, во делот на исхрана на растенија, во моментот може да го зголемат приносот за 18 отсто. Овие технологии на полето на наводнувањето може да обезбедат заштеда на вода и до 50 отсто, што резултира со дополнително зголемување на приносот за 10 отсто.
И покрај јасната слика за потенцијалот на инвестициите во
ИК-технологии за земјоделство, постојат одредени предизвици кои влијаат на
прифаќање на овие технологии од страна на земјоделците, како и фактори кои
влијаат на одлуката за влез на пазарот од страна на компаниите во
информатичкиот и комуникацискиот сектор. Руралната инфрастурктура за интернет и
за мобилна телефонија, достапност до ИК-опрема и достапност до едукација за
нивно користење, се едни од фундаменталните инфрастуктурни фактори без кои ИК-технологии
не можат да најдат своја примена во земјоделскиот сектор.
Македонија во овој дел е во значајна предност пред другите
земји во развој. Но, и покрај тоа, чести се примерите каде земјоделецот има
ограничена достапност до точни информации за пазарите, за производствените
процеси, за болестите на растенијата и на животните и до друг тип информации
кои се клучни за носењето одлуки во управувањето со едно земјоделско стопанство.
Ниската „доверба"
меѓу земјоделците и другите субјекти во земјоделскиот сектор е дополнителен
предизвик во индустријата за ИК-технологиите. Ова е, пред сѐ, резултат на
недостиг на доволен број јавно достапни факти и бројки за влијанието на овие
технологии врз резултатите во земјоделството, како и недопирливата природа на овие
решенија. Лошиот глас кој „се слуша" од неуспешните инвестициски обиди е дополнителен
фактор кој влијае ИК-компаниите да бидат ригидни во донесување одлуки за влез во
овие индустрии. Најчеста причина за ваквите лоши резултати е, пред сѐ, погрешниот
пристап во развојот на овие решенија, каде потребите на земјоделците и нивните
локални специфики во најголема мера изостануваат. Развојот повлекува и значајни
инвестиции во обезбедување база на податоци (временски услови, податоци за
почвата, податоци за болести, активни материи за заштита на растенијата итн.) и
креирање содржина, кои во услови на опишаната состојба претставуваат уште еден
значаен предизвик за компаниите.
Државата со своите политики има значајна улога во оваа
сфера. Од особено значење е да постојат политики на институционална и на финансиска
поддршка за развој и за имплементација на ИК-технологиите во земјоделството,
кои ќе бидат лесни за разбирање и за користење од страна на земјоделците, како
и од компаниите во секторот за ИК-технологии.
Може да заклучиме дека индустријата за ИК-технологии за
земјоделство е како и секоја друга индустрија во фаза на зачеток. Ваквата
состојба претставува огромна можност за компаниите да влезат на нов пазар, кој
очигледно ветува добри резултати и поврат на инвестицијата. При тоа, клучно е
да се разбере дека за разлика од другите економски сектори, достапноста на
информации за носење инвестициска одлука во земјоделството е ограничена. Во
ваква ситуација клучна е блиската комуникација со крајниот корисник и добро
разбирање на неговите потреби.
Овој текст е првиот од серијата текстови за информатичките технологи за земјоделство. Во наредниот број на InStore ќе имате можност поконкретно да се запознаете со различните области во индустријата на ИК-технологии за земјоделството, како и поконкретно со перспективите во Македонија и во регионот. |
|