IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 21.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Анeта Стаjиќ: Во чекор со светските трендови

12.02.2016
Анeта Стаjиќ, генерален менаџер на „Аронија здрава храна"

Да се биде пионер во својата работа, кој ги дефинира вредностите и ги поставува нормативите, секојдневно борејќи се со рутински проблеми и со непријатностите на времето во кое живееме, секако не е за потценување. 

Разговараа: Алма Растодер, alma@instore.mk
                   Данче Драгинова, danche@instore.mk

Откако ги запозна потребите на купувачите на здрава и органска храна, Анета Стајиќ тргна по патот кон остварување на визијата за производство и за продажба на овој тип производи (големопродажба и малопродажба), на пазар каде и можностите и предизвиците се многу големи. Стајиќ нагласи дека се среќни што ги отворија вратите на овој бизнис во Македонија, бидејќи низ тоа го гледаат осамнувањето на нивната визија за еко-планета, чии одржливи системи на производство на органска храна се благодат како за човештвото, така и за еколошките системи и ресурси на планетата. 

Секогаш е интересно кога имаме можност да се запознаеме со претставници на надежна компанија, која со своите специфичности се бори за своето место на македонскиот пазар. Затоа, со Анета Стајиќ поразговаравме за нивните почетоци, предизвиците во работењето, позиционирањето на производите во поглед на големите маркети и сопствените мали продавници, како и за идните планови и очекувања.
               
Кои се предизвиците и потенцијалот на работењето со здрава храна? Какви беа почетоците и пробивот на овој вид храна во Македонија? 

Додека студирав, се вработив во продавницата за здрава храна „Биона" каде имав шанса да се запознаам со купувачите и да ги дознаам нивните потреби, со што стекнав големо искуство. Тогаш, во продавницата немаше многу голема понуда, но имаше основни типови на здрави производи – житарки, семиња, макробиотска храна увезена од Јапонија. „Биона" постои веќе 15 години, така што стана култ во Скопје. Тогаш го почнавме и производството, ја снабдувавме продавницата со интегрални печива, чајни колачиња и сл. Бизнисот се формализира во 2003 година, а во 2011 година ја купивме франшизата на „Биона". Бидејќи веќе имавме производство и големопродажба, во работењето ја вклопивме и малопродажбата. Во „Аронија здрава храна" имаме два погона, помалиот на 80 квадратни метри и поголемиот погон на 120 квадратни метри. Вкупниот простор е околу 500 квадратни метри, производствен и магацински простор и простор за пакување. Во поголемиот погон се произведува интегрална храна, а во помалиот - безглутенска храна. Обично, безглутенската храна важи за храна без вкус, но нашето домашно мало рачно производство на безглутенски колачи, крекери, тестенини и брашна му пркоси на ова мислење.

Да се биде пионер во својата работа, субјект кој ги дефинира вредностите и ги поставува нормативите, секојдневно борејќи се со рутински проблеми и непријатностите на времето во кое живееме, секако не е за потценување. Со нашата работа и производи, ние се обидуваме да го унапредиме нивото на познавање и на консумација.
Како производители, меѓу одгледувачите на органска храна и маркетите, ние сме некаде на средина. Се договараме со одгледувачите да ја откупиме органската храна што ќе ја одгледаат, а од нив бараме сертификат за органски производи.

Планирате ли инвестиции во проширување на погоните?

Да, како што се зголемува побарувачката на нови производи, така се појавува потребата за магацински простор, но и за нови погони за производство. Секоја година етапно се прошируваме, но тоа е органски пораст и е според потребите.

Како би го опишале трендот на сè почестото консумирање здрава храна во Македонија?

Во последниве неколку години во Македонија се забележува тренд на зголемен интерес за здрава храна. Морам да споменам дека овој тренд на пораст не е ништо друго освен продолжена рака на светскиот тренд на пораст на интересот за органска, веган, безглутенска, сурова храна. 

Според нашето досегашно искуство и практика, кога зборуваме за здрава храна, терминот можеме да го поделиме на два аспекта – комерцијална и некомерцијална здрава храна. Има многу луѓе кои консумираат или се обидуваат да консумираат житни снегулки за појадок, кој додаваат ладно цедено масло во својата салата или користат хималајска сол наместо бела кујнска сол. Тоа е добро, но тука станува збор за комерцијалната целна група на здравата храна. Кога некој од нив ќе се праша за потеклото на неговите житни снегулки или масло, за почвата на која раснеле, за ѓубривата со кои биле третирани суровините, за влијанието на процесот на производство врз еко-системите, за присуството на конзерванси, адитиви и на вештачки ароми, тогаш тие стануваат корисници на некомерцијалната здрава храна. 

Каква е постапката на сертифицирање на органските производи во Македонија?

Кај нас постојат две акредитирани сертификациски тела, а со едно од нив соработуваме. Тие се контролори, но тие и нè советуваат од аспект на градинарското одгледување, како и од аспект на производство, препакување, складирање, што е дозволено да се користи во органските преработки. Од нив, на крајот и ги добиваме сертификатите, што траат една година.   

Со оглед на тоа што минатата година беше турбулентна, какви се резултатите од работењето на „Аронија здрава храна" во 2015 година?

Задоволни сме од постигнатите резултати во изминативе години, особено од резултатите постигнати во 2015 година. Задоволни сме од соработката со нашите странски партнери и горди на нашиот мал тим вработени, кој брои околу 40 луѓе. Секако, без нивна несебична поддршка и верба, немаше да го достигнеме посакуваното. Затоа, како компанија придонесуваме за подобро работење, така што тимски одиме на прошетки, сега почнуваме со пилатес и сето тоа за да се постигнат врвни резултати.

Постојат ли специфичности во поглед на маркетиншките алатки при комуникацијата со потрошувачите? Со оглед дека првично луѓето почнуваат да ја користат оваа храна поради здравствени проблеми?

Стандардните маркетинг-алатки функционираат за комерцијалниот аспект на здравата храна, но не и за некомерцијалниот. Тоа е специфична целна група на консументи која знае што бара, која веќе е добро информирана и поткована со знаења за своите потреби. Тука би рекла дека спаѓаат спортистите, луѓе што практикуваат одредени духовни дисциплини, луѓе со одредени болести кои се одлучиле за холистички пристап кон лекувањето, луѓе што се посветиле на специфични правци на исхрана како макробиотика, ајурведска исхрана, вегетаријанска исхрана, вегани. 

Колку продавници „Биокосмос" имате досега и дали планирате нови отворања во 2016 година?

„Аронија здрава храна" има свои пет малопродажни објекти „Биокосмос" во Скопје, Велес, Охрид и во Битола. Нашите малопродажни објекти се специјализирани продавници за природна и за органска храна. Тие се успешно продолжение на приказната за „Биона", која датира од 1991 година. Нашите две скопски продавници се сѐ уште на истите локации на кои „Биона" првпат беше отворена. 

Имаме соработка на ниво на франшиза со уште четири други фирми, кои имаат вкупно девет продавници што го носат нашиот бренд „Биокосмос". Тука би сакала да ги споменам оние со кои делиме заедничка визија: „Мар-вик", „Роди трејд", „Био парк", „Семе бар коконат". Секако, нашето мало семејство има тенденција да се зголеми, особено би сакале да ја прошириме успешната приказна надвор од Скопје, во сите помали градови каде тежнееме да создадеме по еден свој мал центар за здрава храна. Во иднина имаме тенденција да ја шириме малопродажбата преку франшизните продавници, кои ќе ги снабдуваме со наши производи и ќе им понудиме обука и поддршка во текот на работењето.

Еден друг аспект од работењето на нашата компанија е големопродажбата. Повеќе години сме присутни на полиците на поголемите синџири на маркети, дрогерии и на аптеки. Компанијата има сопствена мала дистрибуција, која е со тенденција да се зголемува и да се развива, во согласност на потребите на пазарот. Влезот и продажбата во големите маркети е голема и скапа инвестиција, но неопходна за успешно работење на компанијата.

Производите Biocosmos ги има и во големите маркети, како почна соработката со нив и што мислите за позиционирањето на овој тип производи во нив?

Можам да кажам дека во големите маркети влеговме на мала врата, со неколку производи од нашето производство. Во однос на позиционирањето, постојат законските обврски според кои органската храна треба да биде на посебни гондоли или на посебна полица, со посебни ознаки. Поголемите маркети имаат тенденција да го прават тоа, но не сите. Кај тие што не го прават тоа, се јавува мал проблем и со нас како доставувачи, но и со потрошувачите, бидејќи производи од иста категорија се редат едно до друго. Во тој случај се гледа дека цените се повисоки за органските производи, а потрошувачите, кои најчесто купуваат брзо и не читаат често декларации, немаат можност да дознаат зошто тоа е така. Токму поради тоа е добро да се издвојат овој тип производи на посебни гондоли, за купувачите што сакаат да купат и да консумираат ваква храна веднаш да знаат каде може да ја побараат. 

Маркетите и производителите на здрава и органска храна потребно е да соработуваат во поглед на подигнување на свеста кај купувачите за придобивките од оваа храна. Така, одржувањето на посебни едукативни настани во маркетите е добро за нив, бидејќи сѐ уште во поголемите продавници нема вработени што можат да одговорат на барањата на потрошувачите за ваков тип производи. За купувачите е важно некој да знае и да им ги објасни придобивките од консумацијата на здравата и органска храна, зошто е поскапа итн. Затоа комуникацијата меѓу маркетите и производителите може да се подбори и со вработување луѓе кои ќе бидат обучени да дадат одговори за овој тип храна.

Имавте ли проблеми при приспособувањето на законските обврски за декларирањето на храната, особено за обврските при декларирање на здравите и на органските производи? 

Па, не беше лесно, со оглед на тоа што кај нас многу бргу и лесно се менуваат законите. Честопати се случува кога ќе испечатиме нови амбалажи, со нови декларации, по некое време да се смени законот и да мора повторно да се менува амбалажата. Тоа е и голем трошок, а имавме многу непријатни ситуации. Се надевам дека тоа ќе се среди наскоро. Органскиот производ има посебни обележја, треба да стои која куќа е сертификатор и сертификацискиот број. Тоа е многу тежок и болен процес, бидејќи бара инвестиции и треба постојано да сме во тек со сите измени итн.

Каква е конкуренцијата во категоријата здрава храна?

Конкуренцијата секако е присутна и во овој сегмент, но еден новоотворен пазар со сè поголеми потреби не може да биде лесно задоволен. Особено за компанија што се стреми кон иновативност и кон производи со врвен квалитет. Во поглед на нутритивни вредности, нашиот фокус е на идниот развој на една „органска Македонија", а тоа е цел и визија која нè издвојува од конкуренцијата.

Имате и интернет-продавница каде може да се нарачаат вашите производи. Според вашите анализи, каква е досегашната продажба на производите на овој начин?
Кога станува збор за моќната алатка наречена интернет, може да се пофалиме со првата електронска продавница за здрава храна во Македонија, www.biocosmos.mk. Преку оваа е-продавница вршиме продажба со достава до врата низ цела Македонија, користејќи ги услугите на сервисите за превоз на стоки.

Секако, ги користиме социјалните мрежи како популарна алатка за промоција и за комуникација со потрошувачите и задоволни сме од ефектот што го добиваме.
Во последно време работиме на развој на два портала, како медиуми за понепосредно обраќање до консументите. Тоа се порталите  www.mylife.organic, кој, како што кажува и самото име, покрива повеќе аспекти на органското живеење, како исхрана, фитнес, спорт, духовност и сл., и вториот портал www.gluten-free.organic кој е инспириран од и посветен на светскиот промотор на безглутенската исхрана – Новак Ѓоковиќ. 

Компанијата доби награда од АВРМ и од УНДП. За што точно станува збор?

Со зголемувањето на обемот на работата, во 2009 година се јави потреба од основање на „Аронија здрава храна", како проект за самовработување, подржан од АВРМ и од УНДП. Во 2013 година, како содружници на „Аронија здрава храна" ѝ се придружија два инвестициски фонда, помалиот МИФ (Micro Investment Fund) и поголемиот – SEAF, кој е директна странска инвестиција во компанијата. Добиената награда и признание од АВРМ и од УНДП е за најдобра компанија основана и раководена од жена-претприемач во периодот од 2007 до 2015 година.

Кои се очекувањата за 2016 година и кои новитети може да ги очекуваме годинава?

Минатово лето многу време посветивме на преработка на органски одгледани овошје и зеленчук, односно на т.н. домашна зимница: органски во преод сок од праска, органски сок од аронија, органски во преод доматен сос, органски сок и џем од малина, органски џем од аронија, домашен кечап и кисело цвекло... Некои од производите го добија статусот „сертифициран органски производ", некои се со статус „сертифициран органски во преод производ" и веќе од оваа година ќе преминат во „органски производи". Некои се едноставно направени од шумски или органски во преод суровини, без конзерванси и без адитиви. Овој наш обид да преработуваме свежи органски градинарски култури е поврзан со директна стимулација на развојот на органско градинарско производство. Наидовме на неколкумина земјоделци кои се големи поборници за органско земјоделство, факт што навистина нѐ радува. Ова е процес кој не запира во годините што доаѓаат и се обидуваме да иницираме поголемо производство од овој тип, во директна соработка со македонските органски земјоделци.
Бидејќи некои од производите се поврзани и со други категории, како, на пример, козметиката, во наредните години дел од производството може да се насочи и во таа насока.



 
 
 
 
back to top