IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 21.09.2018 || Кроасаните 4U добија интернационален сертификат   |  „Метро“ најави продажба на хипермаркетите „Реал“  |  Македонија со национален штанд на најголемиот прехранбен самит во ЈИЕ   |  „Фонтера“ првпат работи со загуби   |  Сарај доби „Coca-Cola Aктивна зона“   |  Кочанскиот ориз не е со ГМО   |  „Витаминка“ изложува на саемот Worldfood Москва 2018   |  „Бовин“ прослави две децении постоење   |  „Бимилк“ му даде нов лик на Тумбе Кафе во Битола   |  „Лесковачка скара“ само со дозвола   |  „Бучен Козјак“ се редизајнираше – производите со нови дизајни веќе се на полица  |  Пивото ќе поскапи од 2019 година  |  Нова мобилна апликација на „Рамстор“   |  За три месеци одземени половина тон лажен мед   |  Нема потврда од науката дека ГМО се штетни   |  Расте извозот на српските кекси и вафли   |  „Витаминка“ кечапот во нова подобрена амбалажа   |  Еко -акција на „Пивара Скопје“, „Пакомак“ и Холандска амбасада   |  „Крофните од Хром“ станаа трговска марка   |  Хрватска ќе избира „најдобар производ на годината“ за 2019-та  |   ||
   

Адис Хасаковиќ: Бизнис на босански начин

18.12.2015
Кога ќе ве притиснат до ѕид, имате две опции – да преживеете или...

Пишува: Адис Хасаковиќ

Светот ги сака победниците. Ако спротивно на силата на гравитацијата, наместо да паднете, вие се приземјувате, тогаш тоа се смета за подвиг. Сепак, секој подвиг не е и победа.

Изгледа дека босанското стопанство одлучило да преживее, а тоа за овдешни услови е речиси спектакуларно, интересно и на поучен, речиси „филмски" начин, полн со пресврти, со несекојдневни и со неконвенционални ликови, кои не сте навикнале да ги гледате како спасители, особено не на економијата.

Замислете едно мало место, сместено на половина пат меѓу малку поголемо место и едно босанско градче. Тоа мало место има годишен промет од милијарда  БАМ (509,4 милиони евра). Местото се вика Вуково и во него живеат сопствениците на најголемите приватни компании во БИХ. Ниту една од овие компании не постоела пред 1992 година. Ниту една не настанала над урнатините на несреќната „приватизација", која речиси целата држава, па и регионот ги зави во црно. Луѓето со две раце и со десет прсти го граделе она што денес сите го имаме, а имаме лидери во производството на храна, во нафтената индустрија, во градежните активности... И замислете, сето тоа во едно мало место, наречено Вуково. Феномен!

Намерно го искористив зборот „имаме", а ќе објаснам и зошто.

Овие компании за кои зборувам се приватни, во сопственост на еден човек или на неколку луѓе. Тие настанале како семејни, се развивале како локални и со текот на времето станале важен фактор за развој на националната економија. Нивниот развој во регионални рамки, допрва следува. Ги карактеризира нешто многу интересно, на што ретко наидуваме – за нив, профитот е добар и посакуван, но не е во прв план и не е императив на бизнисот. Бидејќи ако е, веројатно овие бизниси веќе ќе беа во туѓи раце за многу поголеми пари, отколку што изнесува нивната сегашна вредност. Зошто? Па, тие се ликвидни, стабилни и најважното – многу ветуваат. Имаат приказна што плени и не остава никого рамнодушен, затоа што е искрена.

Но, тоа не е нешто ново, што се случува првпат. БИХ честопати умеела позитивно да се изненади себеси. Не само со изобилството од природни богатства, туку и како земја со долга традиција на развој на слободниот пазар, професионалните вештини (занаетите)... Уште од Средниот век, БИХ ја гледаме на картата означена како една од најразвиените земји од тој период. Подоцна, функционирајќи во составот на различни државни творби, меѓу кои и тогашните светски сили, како и во составот на заедничката држава, на БИХ ѝ е доделувана улога што тешко можела да се разбере. Фасцинирани од нејзината убавина и од неверојатната дарба на жителите, освојувачите од Босна најчесто земале, а многу ретко давале. Но, нивното присуство, како нешто што е туѓо и поинакво, БИХ и нејзините луѓе умееле да го искористат на свој сопствен начин. И секогаш кога заминувале, парадоксално, но освојувачите ја оставале Босна уште поубава и побогата, иако тоа не им била намерата.

Отсекогаш Босанците знаеле да заработат од ништо, знаеле да преживеат. Изгледа дека е вистинско време да почнат и да победуваат.

Три причини

Големите системи ги развиваат малите, а малите наоѓаат сигурност во силата и во брендовите на големите. Првпат во БИХ успешните бизнисмени и нивните тимови работат на развој на брендови, кои треба да се справат со конкуренцијата на домашниот, регионалните и на светските пазари.

Големите системи раѓаат лидери, а националните економии не можат без лидерите. Некој мора да го носи знамето! Првпат во БИХ лидерите ја сфаќаат сопствената улога и освен привилегијата на лидерството, ја преземаат и одговорноста. Не само за сопствените корпорации и брендови, туку и за националната економија и за општеството во целина. Поставуваат стандарди, се фаќаат во костец со проблемите. Ова станува „поголемо од игра", а профитот е најмалата грижа. Мотивот на лидерите на БИХ е прецизен – нив ги интересира иднината, за да влезат во историјата.

Третата важна причина за босанскиот успех, кој допрва доаѓа, е тоа што лидерите, конечно, ги спознаа сопствените предности. Долгата, речиси историски детерминирана инфериорност, тие сега ја менуваат во сопствена предност. Она поради кое бевме на маргините, сега станува судбоносно важно. Конечно имаме нова вредност, која отсекогаш била во нас. Понекогаш, сме знаеле да ја покажеме, но никогаш да ја претвориме во пари. Никогаш како бренд. Во Босна се среќаваат сите големи светски култури и религии, народи, менталитети, па дури и поднебја. Ниту глобализмот не е повеќе она што беше некогаш, а тој едноставно сака вакви приказни. Тие се лични, интересни и осудени на успех. Кога-тогаш, а изгледа тоа е сега!

И да имам сто обврски – ќе испијам едно!

Се сеќавам, пред 11 години, кога бевме ангажирани за спасување на еден бренд, за кој не можевме ни да претпоставиме дека денес регионалните списанија ќе пишуваат. Станува збор за Zlatna džezva, традиционалното босанско кафе, за кое денес знаат во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија, на Косово, но и во 27 други земји во светот.
                   
Дали, според сите позитивни законитости на функционирање на пазарот, е возможно да се одбраниме од напад тежок 5 милиони БАМ (2,5 милиони евра) во вид на маркетинг-кампања? Да, можно е. Тоа ни се случи пред 11 години со Zlatna džezva. Дали е можно „вистинското босанско кафе", кое до пред три години речиси никој во регионот не го забележуваше, денес во Словенија да биде на полиците на 1.000 продажни места, во Хрватска на 3.000, во Шведска на 1.000, во „Волмарт", „Метро", „Шпар", „Кауфланд"... Да, можно е!

Од тогашната перспектива светот изгледаше поинаку, глобализмот беше во полн замав, а малите се криеја зад големите или бараа начини со фер цени да исчезнат од лицето на земјата. Потребата нè принуди да ја погледнеме стварноста со свои очи и да ја пронајдеме во нас. Босанското кафе е поинакво од другите, бидејќи начинот на кој се подготвува е поинаков. Босанското кафе е ритуал. Тоа се пече, не се вари, се загрева на огнот да замириса, се залева со зовриена вода и се остава да „кивне". Се служи во ѓезве, а се пие од филџан – се засладува со „коцка" (шеќер) и со рахат-локум. Тоа не се пие, туку се испива – и тоа со луѓето што ни значат, а понекогаш и со самите себеси. Кој од нас можеше да замисли дека најголемото ѓезве на „Виспак", кое влезе во Гинисовата книга на рекорди, ќе го заобиколи цел свет и во Рио де Женеиро ќе ги пречека навивачите на репрезентацијата на БИХ на Светското првенство во фудбал?

Дали е можно со ПР-стратегија, која не чини речиси ништо, да победите една од најголемите маркетинг-кампањи што дотогаш беа видени на овие простори? Да, можно е. Особено ако вашата приказна допре до срцата на луѓето, а нивната не. Парите играат најмала улога.

Да се вратиме на суштината – а таа е во исконското, во нас.

Кој и да ја вкусил босанската кујна, не останал рамнодушен. Се сеќавам кога мојот зет, Германец, првпат јадеше бурек (кралот на питите). Радосен што пробал еден таков деликатес, тој извика Па, што досега сум јадел, во целиот мој живот?! А, овде се и босанскиот лонец, беговата чорба, цицвара, баклава, сомуни...
Има уште многу и има за сите. Домашната задача мора да ја завршиме, и тоа сите – и политиката, и бизнисот, и граѓаните. Мислам дека сме на добар пат.

Инспирирани од Босна

Годинешната Спогодба за стабилизација и асоцијација на ЕУ значи и формално преминување на БИХ од дејтонската во европската ера, што за граѓаните претставува и повеќе ред, правда и закони. Пред нашите очи се раѓа една супердржава на европското тло, а ние сме сведоци на целата приказна. Ништо повеќе нема да биде исто и логично се наметнува прашањето каде сме ние во сето тоа. Што Босанците и Херцеговците можат да ѝ понудат на оваа голема заедница од европски народи за конечно да бидеме сфатени сериозно? Што имаме да понудиме како нова вредност и придонес за подобра Европа?

Ако ја артикулираме на овој начин сопствената позиција, тогаш имаме шанса. Ако продолжиме одговорноста за состојбата да ја бараме во другите – ја губиме шансата.

Пазарот на ЕУ со 500 милиони потрошувачи и со нивната висока платежна моќ, во моментов е најатрактивен на светот. БИХ може бргу да стане активен дел од овој пазар, но само ако има нешто да понуди. Она што сега го нудиме не е доволно, но е добар индикатор за нашата состојба. Малкуте брендови што нашата индустрија успеа да ги изгради и покрај големите неволји, се доказ дека европскиот пазар не е затворен.

Храната, мебелот, текстилот, автомобилските делови – а не само суровините, ги наоѓаат своите купувачи во Европа. Кој можеше да претпостави дека босанските јуфки, сомуните, питите, баклавата, босанското кафе, мантилите на „Напредак" и костумите на „Фортитудо" ќе се продаваат во европските градови под етикетата „Made in B&H". Освен тоа, „Бимал" од Брчко ги освојува Кина и Турција. „Акова", „Бајра" и „Мади" развиваат брендови и капацитети, а пилешката индустрија во БИХ повторно е респектабилна. „Виолета" се стреми да стане силен регионален играч. Столовите на „МС & вуд" го најдоа местото во најголемиот синџир за мебел на светот – „Икеа", а малините на „Клас" во детската храна на францускиот бренд Danone, сомуните во бугарскиот „Кауфланд", брашното Zlatni puder од Скандинавија до Азурниот Брег... Сите тие компании се доказ дека со брендовите можат да ги победат и многу посилните од себе.

Европа не е недостижна. Европа – тоа сме ние! Уверен сум дека Европејците во иднина ќе бидат изненадени од нашата умешност. Всушност, самите ние најмногу ќе се изненадиме на што сè сме способни. Повеќе од 500 милиони луѓе ги чекаат нашите производи и услуги, единствено бараат да бидеме малку побрзи. Лесно е за нив, Европа може да почека. Но, можеме ли ние да си го дозволиме тој луксуз?

Инспирирани со вредностите што со векови нè прават такви какви што сме, интересни, непредвидливи, но и упорни, а кога ќе се заинатиме и недостижни, знаеме дека Европа одамна падна на нашиот шарм. Затоа и успеваме да го направиме и она што наизглед е невозможно – да добиеме престижни награди и да ги заземеме водечките места во културата, спортот, науката, но и да ги продадеме беговата чорба или бурекот како врвни специјалитети, да направиме делови без кои најдобрите автомобили не би можеле да функционираат.

Успешните во БИХ се свесни за своите предности. Иако се мали во глобални рамки, нивната сила е во особеноста што ја имаат. И кога ќе дојдат до ѕид, се активира познатиот „босански инает", кој низ историјата се обидувале да го сфатат сите што имале работа со нас. Едноставно, нашата желба за успех е посилна од стравот од поразот.

Како такви, ние сме ѝ потребни на Европа, а и таа нам.

Каква е користа од нас?

Голема. Сите што сакаат да успеат, можат да научат од случајот „Босна". Најпрвин, регионот – земјите на поранешна Југославија. Ние во БИХ научивме да го гледаме светот околу себе со туѓи, но и со сопствени очи. Тоа е предност и искуство, што на многумина им недостига. Не сме среќни што моравме многу да преживееме на сопствена кожа. Ве повикувам да учите на нашите грешки, на нашите порази, но и на нашите победи. Со тоа, полесно ќе се разбереме, бидејќи добро се познаваме. Делевме и делиме, а како што стојат работите, ќе ги делиме истите простор, време и судбина во заедничката европска држава.

Нашите искуства, концепт, методологија на развој на бизнисот се посебни. Знаеме како да се бориме „против ветерниците".

Драги пријатели, од вас зависи.

Одлуката е ваша дали ќе нè искористите.

Ние ви стоиме на располагање!
 
За авторот

Адис Хасаковиќ е еден од најдобрите професионалци во БИХ во доменот на стратегиско комуницирање. Сопственик е на „Медиа контент менаџмент" (MЦM), агенција за стратегиско комуницирање и ПР, едукација и за креирање на медиумската содржина (www.mcm.ba).
Тој е дипломиран новинар, кој долго време работел во професијата и медиумски менаџер. Автор е на книгата „ПРаво на успех" (63 практични примери и насоки до вашата ПР-цел) за создавањето, проверувањето и за контролирањето на ПР-стратегиите. Во моментов е и колумнист во „Ал Џезира Балканс".





 
 
 
 
back to top