IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 21.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Адем Абази: Искрено го почитуваме и применуваме халалот

16.02.2015
 
Адем Абази, генерален менаџер на „Ука комерц"

„Ука комерц" е семејна компанија што се занимава со производство и преработка на месо и месни производи уште од 1991 година. Сегашниот погон е сместен во еколошката зона во Сарај и на совршен начин ѝ помага на компанијата да ја постигне својата единствена цел – производство на здрава и квалитетна храна. За почетоците, развојот, предизвиците и идните планови, поразговаравме со генералниот менаџер Адем Абази.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

„Ука комерц" годинава слави 24 години постоење. Кои беа првичните цели што ги поставивте и кои беа најголемите предизвици со текот на годините?

Јас сум еден од четворицата браќа, сопственици на компанијата. Во семејниот бизнис во последниве години активно се вклучени и нашите деца, новата генерација како најсјајна ѕвезда, која ни отвори нови патишта кон современите трендови. Семејната поврзаност на симболичен начин е прикажана со петте ѕвезди на логото, кои се круна на Ука, името на нашиот дедо.

Како дојдовме до овде каде што сме сега? Ниту јас самиот, ниту браќата не претпоставувавме дека тука ќе нè донесе ветерот на бизнисот. Нашата бранша е многу осетлива и карактеристична, бидејќи се работи со храна. Само оној што работи со производство на прехранбени производи може во целост да разбере... Сепак, ние ги прифативме предизвиците...

Со приватен бизнис, односно со трговија на овошје и зеленчук почнавме уште во 1984 година под името „Флорида", во времето кога се отворија првите приватни колонијални продавници. Првата продавница во Сарај беше нашата. Во рамките на таа продавница направивме и месарница, а до 1990 година се проширивме со уште три месарници и една народна кујна. Овој поврзан круг, чиј заеднички именител беше месото, едноставно нè турна во производство. Најпрвин, суџукот што го произведувавме во една просторија од четириесетина квадрати беше наменет само за нашите продавници, а потоа и другите клиенти почнаа да го бараат.

Следниот чекор беше објект од 300 квадратни метри – штала, уредена како „аптека", според највисоките стандарди. Увезовме 400 бика од по 500 килограми од Србија. Објектот буквално „грмеше" и со право го доби називот „хотел за жива стока". Сè до времето кога фати шап и лигавка... потоа остана празен околу 6 години.

Ова е третиот објект изграден во 1995 година, каде што сè уште инвестираме. Месната индустрија е голема инвестиција, која бара скапа технологија. Не знам дали постои некое друго производство што има толку скапи машини!

Со текот на годините, растеше и бројот на вработените...

Токму така. Почнавме со десет вработени, а денес во компанијата работат 50 луѓе, сите од ова село, а планираме и десет нови вработувања.

„Ука комерц" е првата македонска компанија што го доби сертификатот халал во 2011 година. Колку чинеше таа инвестиција и во која мера влијаеше врз вашето производство и врз извозот?
 
Уште пред да го добиеме сертификатот, ние работевме според принципите на халал, единствено немавме документ. Во Македонија во 2011 година сè уште немаше агенција за издавање на сертификат. Исламска верска заедница (ИВЗ) тогаш потпиша договор за соработка со Босанската агенција за сертификати. Практично, сега имаме два сертификата: од БиХ и од нашата ИВЗ.

Сите обуки и предавања што ги поминавме нам не ни беа нешто непознато, тоа го знаевме од детството – почнувајќи од личната хигиена, хигиена на вработените и начинот на постапување со стоката, суровините, зачините и адитивите. Затоа што халал-сертификатот не се поврзува само со месото како главна суровина, туку во прашање се сите компоненти.

Кризата ги принудува луѓето да не го читаат составот, само да гледаат на цената. Денес не постои опасност од војна за храна, оти индустријата работи цело деноноќие на создавањето емулгатори. Сега проблемот е поинаков – дали таа храна е квалитетна, дали е здрава? А, токму халалот ги почитува вистинските вредности. Оти „халал" на арапски значи дозволено, чисто, она што е здраво за човекот, за разлика од забранетото „харам". Халалот директно го заштитува здравјето на човекот, халал-производот го чува и се грижи за здравјето на моите и на сите деца, воопшто на луѓето.

Халал-инвестицијата со обука, редовни контроли, најавени или ненајавени, чини од 5 до 6 илјади евра. Сертификатот не се издава еднаш засекогаш, се обновува на секоја година, а ако не се почитува, се одзема. Ако еднаш се одземе, повеќе не постои можност повторно да се добие. А инвестицијата е исплатлива – со халал-документот, извозот на „Ука комерц" се зголеми за 15%, што предизвика и зголемено производство за повеќе од 20%.

Колкав е интересот на македонските компании за имплементирање на халал- стандардот во споредба со компаниите од регионот и од Европа? Што би им препорачале на домашните компании што размислуваат да се насочат кон производство на халал-храна?

Голем дел од Америка и Европа се ориентираат кон халал-производството. Дури и во регионот – на пример, во Хрватска милиони евра се инвестираат за нови фабрики. Ако халалот се почитува, нема конкуренција! Но, тој вреди само за оној што искрено ја почитува неговата суштина и ги применува начелата. Халалот не ги дозволува т.н. двојни стандарди, постоењето на два производа – еден за гости и пријатели, а друг за пазарот.

Ние сме обврзани да се снабдуваме со суровини (зачини, адитиви) од компании што работат според овие принципи, така што соработуваме со речиси сите домашни фирми што имаат халал-сертификат. Од тој аспект, кругот е затворен. Јас не можам да внесам друг производ што ќе го расипе тоа. Успех има, побарувачка има...

„Ука комерц" е добитник на неколку меѓународни награди, од кои најважен е „Златниот трофеј за квалитет" во Женева, во март 2013 година. Што значи ова признание за Вас?

Не ни знаевме дека во Македонија било направено истражувањето, врз основа на кое го освоиме златниот трофеј. Признанијата од овој тип се доказ за вложениот труд и за борбата за квалитет. Не е во прашање само профитот, туку квалитетната и здрава храна. Кризата ги принуди компаниите да го расипат квалитетот за да постигнат поевтина цена, да размислуваат краткорочно. Искуството нè научи да се консултираме со луѓе од Европа и од светот, затоа што Македонија е мал пазар и сите се познаваме. Би сакал и кај нас секоја година да се организира натпревар меѓу нас месарите. „Ука комерц" е подготвена, а верувам и моите колеги.

Кои се главните категории на месни производи и колку производи го сочинуваат асортиманот на „Ука комерц"?

Двете главни категории се пилешкото и говедското месо, а портфолиото го сочинуваат  15 главни производи, кои имаат поткатегории. Впрочем, месото е како брашното – добриот мајстор или домаќинка од брашното може чуда да направи...

Колкав е годишниот обем на производство на „Ука"? Со кој производ сте најсилни на македонскиот пазар и колку изнесува неговиот удел?

Со најголем процент, од годишно производство од околу 1.400 тони, на домашниот пазар учествуваат производите со најниски цени: пилешката виршла, суџукот од втора класа и саламата. Суџукот е нашиот премиум производ, кој има голем потенцијал во Турција.

Дали можеме наскоро да очекуваме некој нов производ?
 
Новиот производ очекуваме да се појави во текот на месецов. Засилени со новата свежа инвентивност од младиот кадар што пристигна годинава, планираме нови производи, како и нов дизајн и амбалажа, по европски стандарди. Веќе имаме соодветни машини од Швајцарија за помодерни и попрактични решенија.

Каква е состојбата со конкуренцијата на македонскиот пазар и кои се најголемите конкуренти – домашните или увозните месни производи?

Главниот проблем се надворешните производители, кои во голема мера го негуваат принципот на двојно производство. Со домашните немаме проблеми – секој има своја таргет-група, така и „Ука комерц" има свои лојални купувачи, кои веруваат во квалитетот.

Пилешката паштета ја произведуваме во Словенија, во изнајмен погон. Не ми е сеедно што произведуваме таму, но за да се направи нова линија овде, потребни се над два милиона евра. Нашата паштета се прави од цела кокошка. Во големи казани, по 500 кокошки се варат од 3 до 3,5 часа. По варењето, сите маснотии се фрлаат. Тоа е првата предност – паштетата не содржи маснотии воопшто. Второ, од таа кокошка и сè што има од неа, вклучувајќи го и белото месо, се создава висококвалитетна паштета. Токму ова е моментот на победа во однос на нашите конкуренти.

Колкав дел од вашето производство го пласирате на домашниот пазар, а колкав оди за извоз? Во која земја сметате дека постои најмногу простор за пробивање?

Поголемиот дел од производството го пласираме на домашниот пазар, а останатото во Косово и Албанија. Ако се отвори Турција, верувајте, ние нема да бидеме во можност да постигнеме само за тој пазар. Конкретно таму, постои огромен интерес за нашите премиум производи. Со години се обидуваме да се пробиеме, но државата ги заштитува домашните производители со огромни царини и на месото и на сувомесните производи. Ова е вистинскиот момент кога на сцена треба да стапи нашата држава и да отвори пат кон Турција. Нашата работа е да бидеме конкурентни и квалитетни, а работата на државата е да ги среди меѓународните односи. Секој нека ја врши својата работа!

Каква е соработката со трговците низ Македонија – почнувајќи од најголемите па до најмалите?

Нашите производи претежно се пласираат по големите трговски синџири. Од наша страна, како основен услов за соработка го поставуваме начинот на чување на производите. Се ориентиравме кон големите маркети, со кои имаме развиено доверба и редовно плаќаат, а и ние професионално ги исполнуваме обврските.

Каква е вашата маркетинг-стратегија и во која мера рекламирањето влијае на продажбата?

Според досегашните практики, маркетингот во живо се покажа како полн погодок. Имаме организирано бројни инстор-презентации со брендирани штандови по маркетите. Затоа што подобра реклама од директното вкусување не постои. Сепак, и новиот дизајн е силна маркетинг-стратегија, магнет за окото на потрошувачот.

На колкаво ниво е контролата на квалитетот на месото и месните производи во Македонија? Дали имате сопствена лабораторија за анализа на производите? 

Погонот на „Ука комерц" располага со посебна канцеларија за ветеринарниот инспектор од Министерството. Примероци за анализа се земаат речиси секоја недела. Целосно професионално! Добро е што контролата е стегната. Пак ќе повторам, време е секој да го заземе своето вистинско место – не смееме да дозволиме да се измешаат работите.

Во месната индустрија во Македонија, постојат три главни столба: производителите, Министерството за здравство, кое врши контрола и анализа на производите и Агенцијата за храна и ветеринарство, која го создава правилникот и контролира. Сите три фактори ја сносат одговорноста за здравјето на луѓето.

Какви беа деловните резултати на „Ука комерц" во 2014 година во споредба со претходната година?

Целосната посветеност на „Ука комерц" кон квалитет и здрава храна несомнено води кон позитивни резултати. Порастот на приходите во целост ги задоволи нашите очекувања, така што со гордост можеме да кажеме дека сме задоволни од постигнатото.

Која е вашата најголема и најважна инвестиција во изминатиов период? 

Инвестицијата во месната индустрија тече континуирано и постојано бара нови влогови. За секој нов производ, нова линија, потребна е нова машина, за нова амбалажа исто така.

Каква е вашата политика за развој? Што размислувате понатаму на инвестициски план?

Нашиот следен проект е изградба на фарми – наш тов, наше колење, а целта е процесот да се одвива тука, на едно место. Во моментов, во преговори сме со фирми од Турција што сакаат заеднички да инвестираме во фармите. А доаѓањето на инвеститор од Турција отвора нови перспективи за понатамошен развој и пробив што мора да ги искористиме.

Имам личен план за развој на сточарството низ цела Македонија, што сакам да почне како пилот-програма во општина Сарај. План за вработување на околу 6.600 луѓе само од општина Сарај. Верувам дека многумина ќе бидат заинтересирани, не само од Сарај, туку и од македонските општини, од кои 90 отсто се рурални. Овој народ е вреден и трудољубив, живее од тоа... има земја или зема под наем и работи. Но, кога ќе дојде моментот за пласман – тука едно големо стоп! Не сакам да навлегувам во детали, но за пласманот на месото и на сувомесните производи би можел да гарантирам.

Што очекувате од аспект на економската ситуација во Македонија?

Македонија е земја со 2 милиона народ. Едно време живеевме од земјоделство, градинарство, сточарство... и имавме чиста храна, квалитетно месо, сирење и кашкавал, прочуени во цел свет. Ние сè уште го можеме сето тоа, но неопходна ни е поддршката од државата.



 
 
 
 
back to top