IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 21.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Александар Познаниќ: Jaffa и Munch – брендовите од Икс-фактор

14.05.2014
Александар Познаниќ, директор за маркетинг, „Јафа Црвенка"
 
Во фабриката „Јафа" во Црвенка од 2006 година до денес се инвестирани 30 милиони евра. Изградена е нова производствена хала со вкупна површина од 12.000 м2, во која се монтирани три најсовремени линии за производство на кондиторски производи. Сето тоа ѝ овозможило на компанијата постојано да го шири портфолиото со воведување на уникатни производи, вкусови, слатки и солени производи за да може на потрошувачите секогаш да им понуди повеќе.Брендот Jaffa на пазарот е од 1976 година и во тој период стана синоним за квалитет и добар вкус, за што сведочат многубројните истражувања на пазарот, наградите и континуираните позитивни трендови во продажбата. Присутен е на сите пазари во јадранскиот регион.При крајот на минатата година „Јафа" лансираше нов производ – Jaffica. Тогаш од компанијата истакнаа дека настојуваат со ваквите инвестиции во својот асортиман да ги задржат и да стекнат нови љубители на производите на „Јафа". Лансирањето на Jaffica беше само еден од поводите за разговор со Александар Познаниќ, директорот за маркетинг на компанијата „Јафа".

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Кои канали на комуникација се користени за потрошувачите да се запознаат со овој нов производ?
Jaffica ја имаше премиерата за претставниците од медиумите при крајот на минатата година во белградското кино „Таквуд", а потрошувачите брзо потоа можеа да ја видат на нашата страница на „Фејсбук" и во продажните објекти ширум Србија и регионот. Во кампањата за лансирање се користени речиси сите расположливи канали за комуникација, а особен фокус е ставен на местото на продажбата и на достапноста на Jaffica до крајните корисници.

Какви се очекувањата од новата рекламна кампања за Jaffica?
Очекувам што повеќе луѓе да ја добијат информацијата дека „Јафа" го лансираше овој нов уникатен производ, како и да го пробаат, по што со својот квалитет Jaffica лесно ќе се избори за место во срцата на потрошувачите ширум регионот.

Дали мислите дека потрошувачите добро ќе го прифатат овој производ?
Не мислам, туку сум сигурен и цврсто верувам во тоа. Сите предуслови за успех се тука: препознатлива, уникатна комбинација на вкусови на Jaffa cakes, сега во нов практичен формат и по достапна цена.
Рекламниот стоп е направен со добро позната екипа, режисерот Срѓан Драгоевиќ, актерот Бранко Ѓуриќ и момчето Раслав Секуловиќ. Дали тоа значи дека претходната кампања ги даде посакуваните резултати?
Кампањата е секогаш само еден мал дел од комплетните напори што се вложуваат во долгорочното зајакнување на позицијата на брендот на некој пазар. Jaffa cakes е бренд со нагорен тренд и секако дека и претходната кампања придонесе за тој резултат. Вистинско задоволство беше да се работи со таква екипа на врвни професионалци, кои со своето искуство и енергија му дадоа дополнителна вредност на целиот проект.

На кои други пазари, освен на српскиот, е присутна Jaffica?
Во Jaffici ќе можат да уживаат потрошувачите на просторот на цела поранешна Југославија.
Дали рекламната кампања на овие пазари е иста како и во Србија или постојат разлики?
Кампањата ќе биде заедничка за цел регион и ќе нè потсети сите нас на прочуените домашни магии на Ѓура. Овој пат Ѓура во својот препознатлив стил ќе нè научи како редовните кружни Jaffa cakes да ги трансформираме во правоаголната форма на чоколатце згодно за во секој џеб.

Кој канал на комуникација е најважен за вас за лансирањето на новиот производ, а кој за рекламирањето на постоечкиот и зошто?
Секој поединечен канал за комуникација има свои специфичности и не може да се набљудува надвор од контекстот, односно од целната група. Интегрираната маркетинг-комуникација, што ги „покрива" потрошувачите 360 степени и низ сите „touch points" во текот на нивниот ден, претставува вистински пат за лансирање на новиот производ и за рекламирање на постоечкиот.

Во кој канал на комуникација „Јафа" најмногу вложува и зошто?
Ако говориме во контекст на учество во маркетинг-буџетот, тогаш тоа е секако закупот на простор на телевизија, што и понатаму е најефикасниот канал за комуникација на нашите простори.

Како гледате на интернетот и на социјалните мрежи во смисла на канал за комуникација? Во која мера ги користите?
Во денешно време сите успешни брендови овој канал го третираат како стандарден дел од својот промотивен микс. Тоа важи и за нашиот бренд Jaffa cakes, што по бројот на фанови на „Фејсбук" (повеќе од 420.000 фанови од целиот регион) е најбрзо растечки бренд во категоријата храна и пијалаци. Нашиот бренд Munchmallow за една година ја надмина цифрата од 150.000 фанови и со голема брзина продолжува да расте.

Како го мерите успехот на една кампања?
Сè зависи од тоа дали кампањата како цел има некој краткорочен (тактички) резултат или е само прв чекор во некој подолг стратешки процес. Во секој случај, се трудиме секогаш пред кампањата да дефинираме јасна цел, а резултатите ги мериме со соодветни квантитативни и/или квалитативни анализи и истражувања.

Дали сите кампањи што ги правеше маркетинг-тимот на чело со вас можете да ги карактеризирате како успешни?
Секој што работи долго, во брза индустрија како што е кондиторската, свесен е за ризикот дека некогаш може да направи и погрешна процена. Важно е таа процена да не е фатална за работењето на компанијата и, кога ќе се случи грешката, целиот тим да извлече поука и да продолжи понатаму уште посилен и поподготвен за борба со конкуренцијата. Истото важи и за мојот тим.
Некои кампањи имаат поголем позитивен одраз на продажбата, а некои помал. За оние што не ги носат очекуваните позитивни резултати се прават посебни видови анализи и се донесуваат одредени заклучоци за следните активности.

„Јафа" е еден од главните спонзори на првата сезона на Икс-фактор. Какви активности подразбираше овој ангажман?
Jaffa cakes и Munchmallow беа присутни во регионалната верзија на ова најголемо светско музичко шоу од првата аудиција сè до големото финале во „Белградска арена". Покрај присуството во програмата, лансиравме и специјални производи за Икс фактор, што во себе носеа специјални кодови што можеа да им помогнат на фановите да освојат билети за финалето и специјален ВИП-третман.

Што очекувате од ова спонзорство?
Очекуваме да бидеме дел од врвна забава за потрошувачите во четири земји од регионот и со единствениот и свеж пристап кон целиот проект, да ги доближиме нашите брендови на младата целна група.

Како маркетингот може да помогне во диференцијацијата на вашите производи во однос на сличните конкурентски производи?
Една од клучните задачи на маркетинг-тимот е токму тоа – во соработка со колегите од секторот за развој и производство да го пронајдат тој т.н. USP (unique selling proposition) што ќе го издвои нашиот производ од конкурентскиот. Тоа може да биде некоја уникатна функционална/емотивна карактеристика на производите, но и некоја посебна придобивка што конкуренцијата дотогаш не ја ставила во прв план.

Од какво значење е улогата на маркетингот во тие ситуации?
Пресудна! Затоа што производите без јасен USP релевантен за потрошувачите во периодот што доаѓа ќе се соочат со уште поголеми предизвици „приклештени" меѓу силните „hero" брендови и приватните трговски марки на големите трговски синџири. Ми се чини дека иднината за тој вид производи, што не поседуваат свој икс-фактор, е особено мрачна.

Во која мера, според вас, маркетингот е заслужен за успехот на еден бренд, а со тоа и на компанијата?
За успехот или за неуспехот на одреден бренд на крајот одлучуваат потрошувачите. Поради тоа, маркетингот, како „врска" на компаниите со потрошувачите, носи најголема одговорност за крајниот резултат на брендовите и на целата компанија.

Дали сметате дека компаниите што ги стегаа буџетите за маркетинг во овој кризен период направија добар потег?
Мислам дека ниедна крајност не е добра – ни радикалното намалување на вложувањата во брендовите, како ни нерационалното вложување во проекти и кампањи со дискутабилна аргументација и претпоставки. Едноставно, треба да се засили фокусот на мерливоста на ефектите од вложувањето и „домаќински" да се управува со маркетинг-буџетите. Фактот дека постојат брендови што и во овие времиња на предизвици успеваат да генерираат пораст покажува дека потрошувачите се секогаш подготвени да препознаат добра понуда од аспект на односот на цена и квалитет.

Гледано од аспект на маркетинг, како една компанија треба да се однесува во кризен период?
Клучните зборови на кои треба да се фокусира се: квалитет, тим, флексибилност, брзина и трошоци.

Што мислите, како ќе изгледа маркетингот во иднина?
Формата секако дека ќе се менува, но суштината секогаш ќе биде иста – без оглед во која индустрија сте, ќе морате да креирате квалитетен производ, што задоволува одредена потреба на потрошувачите на подобар начин од конкуренцијата.

Како би ја оцениле првата конференција во организација на InStore – Маркетинг-самитот во Белград што се одржа на 10 април?
Конференцијата беше полн погодок, имајќи предвид дека постои дефицит на слични собири на маркетинг-професионалците на најголемиот пазар во јадранскиот регион. Се надевам дека ќе прерасне во традиција и дека секоја следна година ќе добива сè поголема сила и квалитет.

Кои се спецификите на македонскиот малопродажен пазар за производите на компанијата „Јафа Црвенка" и кои се најефикасните начини да се искористат предностите и да се намалат слабостите?
Во овој контекст македонскиот пазар секако треба да се набљудува низ призма на нашиот бренд Munchmallow. Квалитетот и единственоста на овој бренд се нешто што продолжува да ја гради довербата кај потрошувачите ширум Македонија. Мило ми е што имавме можност со овој бренд да го поддржиме првиот циклус на Икс фактор во кој беше „откриен" таков светски талент каков што е победникот Даниел Кајмакоски.
 
Кои се најефикасните начини за комуникација меѓу произведувачите, дистрибутерите и малопродажбата за да им се истакнат предностите на вашиот асортиман точно за нив?
Најважно е да се биде отворен за соработка и покрај потребите на крајните потрошувачи да се имаат и потребите и стратегиите на трговците. Најефикасните платформи се оние што ги земаат предвид целите на сите страни во синџирот и креираат „win-win" синергиски ефекти.

Во која мера ги користите истражувањата на пазарот и однесувањето на потрошувачите за носење деловни одлуки на македонскиот пазар?
Истражувањата и сите останати видови на „business intelligence" ги користиме во онаа мера што е доволна за носење соодветни одлуки, а што во исто време ги зема предвид моменталната големина и потенцијал на секој поединечен пазар. Макротрендовите, навиките на потрошувачите и ставовите за категориите не се разликуваат драстично во јадранскиот регион, така што тоа во одредена мера може да го олесни процесот на доаѓање до одредени заклучоци.



 
 
 
 
back to top